„Безбројните мајмуни“ и авторот

Ако на безброј мајмуни им дадете безброј машини за чукање, и неопределено време, има многу шанси некој од нив да напише ремек дело, рамно на Шекспир.

Тоа е позната теорема на францускиот математичар Емил Борел на која се повикува Ендрју Кин во своето дело „Култот на аматерот“, која ми дојде на ум по интензивна комуникација со едно од безбројните интернет-гласила без идентитет и интегритет, по повод нивното бесправно интегрално преземање на една сторија за која е потрошено многу време и труд.

Ова не беше ни прв случај, ниту ќе биде последен, но теоријата за „безбројните мајмуни“ која ја цитира и Кин, претпоставува дека во неограничено далечно време, аматерите, со својот навидум наивен неетички и праволиниски пристап, скриен зад незнењето, ќе го заземат местото на оригиналните автори-новинари, на медиумите кои имаат интегритет и уживаат доверба на публиката.

Автори на прекршочни дела

„Не можам да го симнам текстот“, рече сонливиот глас зад телефонскиот број објавен како контакт на страницата, „ќе се лути авторот“, вели.

New York Zoological Society

Дали сме дел од експеримент за „безбројни мајмуни“ со тоа што имаме стотици илјади компјутери со пристап на интернет и стотици илјади аматери кои пласираат некаква содржина | Фото: „Шимпанзо со машина за чукање“, Њујоршко здружение на социолози, 1907 година

„Кој автор? Текстот е дело на автор од `Призма`, вие само сте го копирале текстот и без каква било атрибуција и линк сте го објавиле како ваш“, одговорив, додавајќи дека мораат веднаш да го симнат или да го скратат текстот за да одговара барем на доктрината за „фер употреба“, т.е. дека може да се објави само мал дел од текстот со јасна назнака кон името на изворот и линк кон оригиналната содржина.

По безброј телефонски повици и мејлови, конечно го скратија текстот на една петина од оригиналот и јасно, со линк кон оригиналната содржина – беше наведен изворот.

Сепак, случајот ме заинтересира да ја осознаам структурата на таквите „медиуми“ кои живеат од туѓ труд. Увидов дека освен лице за контакт, постои „уредник“ кој не е достапен на телефон и најверојатно живее надвор од земјава, но и мрежа на „автори“ чија успешност, најверојатно, се мери и соодветно хонорира преку квантитетот на текстови и нивниот „успех“. Можеби има и други критериуми, но според содржината што ја пласира „порталот“ не се забележливи силни морални, етички или професионални начела.

Зарем е можно, покрај правосилниот Закон за авторското право и сродните права, сите кои работат чесно и напорно, почитувајќи ги етичките и новинарските стандарди и имајќи го јавниот интерес како цел, тивко да прифаќаат да бидат жртви на безбројните аматери со лаптопи?
Претпоставувам дека нема тужби, затоа што секој има дел од вината. На прсти од една рака можат да се избројат медиумите (не само на интернет) кои работат стонастотно почитувајќи го Законот за авторски права.

Интернет диктатура

Омасовувањето на интернетот во општеството на крајот од минатото столетие беше оптимистички прифатено како приближување кон тотална демократија, односно можност секој поединец да влијае на јавниот дискурс. Сепак, уште тогаш имаше скептици дека новиот вид на масовна деперсонализирана комуникација со моделот „секој коминицира со секого“ директно влијае врз улогата, интегритетот, па и врз авторитетот на медиумите. Како последица на тоа, наместо во тотална демократија, со губење на медијаторската општествена улога на медиумите, постои можност општеството да се приближи кон тотална диктатура.

Доколку се изгуби улогата на медиумите во општеството, особено истражувачкиот дел од нивната работа кој служи како контролор на секоја власт и заштитник на интересите на граѓаните, општеството веќе не е демократско.

Култот на аматерот

Може ли да се воведе знак на равенство помеѓу академикот и натуршчикот, помеѓу сликарот и молерот, помеѓу повеќемесечниот авторски труд и лошата копија од двата клика на аматерот?
Конечно, може ли секој што знае да излечи настинка да работи на клиника? Може ли секој што ја сака правдата да се фати за судиски чекан?

Да, звучи елитистички, но новинарството е професија која поради својата јавна улога и моќ да влијае врз општествените процеси има огромна одговорност да се води од високоетички начела, а не од комерцијални принципи.

Ако бројот на посетителите е правопропорционален со заработката од реклами, тогаш медиумите треба да крадат и да лажат за да заработат повеќе. Во исто време, тоа може да ги направи побогати, но не и подобри.

Кај нас се чини дека квантитетот на медиуми не раѓа квалитет, туку таблоиди

За жал, таквите ентитети кои се претставуваат како медиуми, а во суштина се или комерцијални или PR продукти, ги има сѐ повеќе. Не само на интернет. Токму поради немањето интегритет, новинари и медиуми стануваат слуги на политички интереси.

Кин во „Култот на аматерот“ зборува како денешниот интернет го убива авторот славејќи го аматеризмот преку социјални платформи како Јутјуб и Википедија. Тој зборува за платформите каде што секој може да пласира содржина без да задоволи минимум професионални и квалитативни стандарди. Според него, се покажува дека масовниот неквалитет е погубен за квалитетот. Во тој контекст, кај нас се чини дека квантитетот на медиуми не раѓа квалитет, туку таблоиди.

Дали ние сме дел од експеримент за „безбројни мајмуни“ со тоа што имаме стотици илјади компјутери со пристап на интернет и стотици илјади аматери кои пласираат некаква содржина?

Згора на сè, најголем дел не произведуваат туку копираат и менуваат туѓ авторски труд.
Колку време ќе треба, некој од аматерите да стане новинар со високи професионални стандарди, ако не бил учен и обучен, ниту пак, сака да биде таков?

Договор наместо закон

Се разбира светот на медиумите претпоставува често цитирање, но тоа не смее да се меша со копирање. Постојат многу практики како таа за „фер употреба“ на содржините од медиумите, а токму една таква саморегулаторна иницијатива тековниов период се договара меѓу интернет-медиумите во Македонија. Искрено се надевам дека иницијативата ќе биде поддржана, затоа што сегашнава ситуација секој да краде од секого на долг рок ги уништува вистинските автори сѐ додека на крај не дојдеме само до крадци кои повеќе ќе немаат од каде да крадат, барем во однос на локалната авторска содржина.

Бранителите на новите закони за „медиумска цензура“ како инструмент за справување со горенаведените тенденции, веднаш ќе се обидат да аргументираат дека тоа се случува затоа што интернет-медиумите не се опфатени со Законот, односно не се заробени под контрола на контроверзната Агенција за медиуми.

Законот за авторското и сродните права постои и на сила е одамна. Има ли потреба од друг закон, кога станува збор за чисто и транспарентно прекршување на авторски права.

Посебен закон не смее да се меша во работата на новинарите, тоа мора да се реши на ниво на саморегулација, т.е. кога медиумите ќе договорат заеднички начела и ќе се обврзат да ги почитуваат. Законот не може да ја уреди етиката. Законот не може да го спречи губењето на „тертипот“, под притисок на „безбројните мајмуни“. Законот – забранува, а ако некој очигледно го заобиколува, каковшто е случајот со Законот за авторски права и копираната содржина на безбројните нови „портали“, тогаш и од него нема многу фајде.

Губење на авторот

„Редакциите“ без транспаретна структура, каковшто е примерот за кој зборувам, најчесто „јадат живи луѓе“ за повеќе посети. Тоа е нивната главна премиса. Нив многу често публиката знае да ги помеша со чесен и сериозен медиум на интернет, а верувајте, кај нас постојат и такви. Чесните се значително помалку од нечесните, но тука се.

Токму тие малкуте, се авторите, луѓето кои работат во корист на јавниот интерес, луѓето чии „газди“ се етиката и професионалните стандарди, медиумите што пишуваат за да бидат прочитани и разбрани. Но, со хиперпродукција на неквалитет, нивната видливост е намалена на игла во куп сено.

Распределеноста на бројот на посетители по интернет-страниците во Македонија покажува дека публиката и веќе непостојната јавност, чии критериуми последната деценија смислено или спонтано постојано беа бомбардирани со неквалитет, подаништво и аматеризам помножен со стократно зголемениот број на PR гласила, тешко разликуваат вистински медиум од „интернет депонија“. Конечно, не е клучен бројот на посети туку она што посетителите го мислат за медиумот. Тоа, за жал, често не го разбираат ни оние што се рекламираат.

Ваквата матна состојба ги охрабрува „интернет депониите“ да продолжат посилно по „патот на успехот“, третирајќи ја етиката за непознат ретрограден поим. Кога тие си дозволуваат да го кршат Законот со тоа што сè што пласираат е украдено, што им можат ним нормите, моралот или етиката.

Се прашувам колку мајмуни во гореспомнатата теорија знаат што е етика. Колку милениуми треба да поминат, некому од нив (откога, се разбира, ќе го реизмисли тркалото) да му текне?

Сè што ни треба е трпение и неограничен број банани или подигање на гласот на вистинските автори кои стануваат загрозен вид.