ДУИ, со полни едра кон совршена бура

Блог на Арсим Зеколи

Тоа беше еден друг февруари, подеднакво студен и политички подеднакво напнат како годинашниов. Во тој февруари на далечната 1989 година во љубљанскиот „Цанкарјев дом“ се одржа средба на тамошната новоформирана опозиција во поддршка на косовските Албанци.

Непосредно по настанот, под жесток притисок на словенечката јавност, тогашното комунистичко водство донесе одлука да го повлече својот полициски контингент од Косово, во знак на несогласување со политиките на цврста рака од страна на федералното раководство. Во исто време, словенечкиот неделник „Младина“ и загрепскиот „Данас“ отворено се бунтуваа и бараа почитување на правата на Албанците, но и поголеми слободи и крај на едноумието. „Младина“ беше речиси неслужбено забранета во Косово (и Македонија), но затоа „Данас“ и нејзините пргави колумнистки Тања Торбарина и Јелена Ловриќ беа одомаќени имиња меѓу косовските Албанци, безмалку со статус на државни непријатели кај тогашното комунистичко раководство.

Останатото, би рекле, е добро позната историја и ненаучена лекција која повторно се враќа на мала врата врз плеќите и на Македонците и на Албанците во Македонија. И повторно, речиси на истоветен начин, имаме распределени улоги меѓу принципите на демократијата и нијансите на етно-шовинистичките властелинства.

Како некој одново и однова сонуван лош сон, повторно опозицијата истапува гласно, жестоко и со оптужби кон власта засновани врз несоборливи факти за масовна злоупотреба на моќта, целосна опфатеност со криминал и корупција, изборни кражби преку застрашувања проследени со најцрн расизам и шовинизам, уривање на уставниот поредок преку упад во правосудниот систем и… Листата на црнила сѐ уште се испишува, сѐ до исчекуваниот завршен удар со страв.

Иронијата на судбината денес, сепак, најмногу се има поиграно со Али Ахмети, човекот кој во 1989 г. со издашна медицинска пензија од швајцарските власти и имиџ на „патриот на службен пат” несомнено со симпатии гледал на настаните во Љубљана. И, исто така несомнено, не можел ниту да замисли, а камоли да прифати, дека 27 години подоцна ќе заврши од другата, темната страна на приказната каде што ќе биде споредуван со Рахман Морина, приштинскиот комунистички функционер, конфидант на белградската камарила и секако најомразениот лик кај Албанците, чие име остана синоним на велепредавство и „слуганство“ (подаништво) кон нелегитимната власт.

По неколкуте детонирани бомби на Заев кои ранија неколку министри на ДУИ, вклучително и злогласниот „сив Кардинал” на ДУИ и нераздвоен придружник на Ахмети, министерот Муса Џафери, лидерот на ДУИ е во исчекување на најавените нови информации кои дополнително би ја демаскирале неговата партија и него лично.

Безмилосно ставен помеѓу камен-постелата на коалицискиот партнер Груевски и неумоливиот чекан на Заев, г. Ахмети нема премногу избор, освен да ја игра улогата на сопруг во бракот од интерес со ВМРО-ДПМНЕ и дискретна куртизана во флертот со СДСМ.

Но, едно е сигурно, независно од исходот на оваа политичка романса, Ахмети засекогаш го има изгубено имиџот на чесен родољуб во бескомпромисна борба за правата на својот народ. Бидејќи, без оглед кој ги поседува информациите за неговите лични или партиски забегувања во криминал и корупција, тој секако нема да може да ја тргне од себе дамката на лесно контролабилен политичар,.. дури и доколку се овистинат шпекулациите за наводен договор со Заев за негово поштедување од објавување компромитирачки материјали. Не навлегувајќи во вистинитоста на таквите шпекулации, прифаќањата од страна на лидерот на опозицијата да замижи и да се воздржи од објавување во име на обезбедување партнер од албанскиот кампус, на среден рок сосем извесно може да биде погубно за самиот Заев.

Но, токму според старата мудрост дека несреќите секогаш доаѓаат во трио, прес конференциите на Заев не се единствениот проблем на Ахмети. Имено, иако неатрактивни како опозициските бомби, превирањата во ДУИ се подеднакво експлозивни и со разорна моќ, при што Ахмети сѐ повеќе наликува на фигуричка врз свадбена торта, безмалку декор зад кој се крие целосна поларизација и фрагментизација на партијата.

Дел поради локалистичките апетити на општинските ограноци, дел поради групите и личностите во улога на слободни стрелци под влијание на неговиот коалициски партнер и сивата еминенција на ДПМНЕ, Сашо Мијалков, и дел поради судирот помеѓу старите и моќни криминални структури и новите сили кои го посакуваат истото – па дури и повеќе.

Додајте ја на тоа и појавата на нови политички субјекти и авторитети кои веќе немаат што да изгубат и следствено на тоа немаат причина за страв и молк пред насилниците од ДУИ и веќе се наѕираат сегашните симптоми на идните главоболки на Ахмети.

Сепак, би било погрешно да се потценат итрата природа на Ахмети и способноста за искористување на кризните ситуации како можност. Повнимателното следење на активностите на неговата партија укажува на тивко повлекување од јавноста на ликови омразени кај Албанците поради својот насилнички и криминален бекграунд. Сево ова, синхроно проследено со воведување ликови кои би требало да се наметнат како „урбани и умерени политичари” и со тоа да се пресретне напливот на нови ликови од новите партии без црни петна во своите биографии и неспоредливо почист имиџ пред гласачите.

Во таа мала итроштина, Ахмети ја има премолчено и активната поддршка од неколку странски амбасади, чии дипломати засилено лобираат кај медиумите да се даде повеќе простор и промоција на пионерите на Али. Поради растечкиот анимозитет на граѓаните кон меѓународната заедница поради нивните миопични манипулации, тешко дека сево ова ќе вроди со позначаен резултат.

Но, доколку меѓународната заедница сѐ уште смета на Ахмети, барем во улога на Адамов лист врз целосно разголената власт и нивните меѓународни поддржувачи, индикациите дека водачот на ДУИ и самата партија ја губат поддршката од Тирана и Приштина стануваат сѐ посилни. Тие отпрвин дискретно, но сега веќе отворено се дистанцираат како од ДУИ, така и од ривалската ДПА.

Во овој контекст го вклучуваме и неспомнувањето на Албанците од Македонија за време на заедничката средба помеѓу владите на Албанија и Косово, одржана на 23 март годинава, сведена на куса изјава на Хашим Тачи во нападно неутрално формулирана поддршка на „политичките фактори во Македонија”. Неколкуте обиди на Премиерот Рама да воспостави дијалог помеѓу Ахмети и Тачи завршија толку неславно што по неколку месеци самиот беше принуден да упати и не толку дипломатска флоскула за „одредени примитивни политичари”.

Од друга страна, заладувањето на Приштина кон ДУИ уследи по неколкуте јавно упатени медиумски критики кон „Владата и една голема политичка партија во Македонија” за недоволен ангажман во борбата против радикалниот ислам.

Сегашните релации на ДУИ и Приштина можат да добијат уште поголемо значење како што се наближува формирањето на Специјалниот суд кој може да опфати добар дел од некогашното раководство на ОВК, во кое учествувал и Ахмети, но и,многу други ликови од неговото неформално опкружување и нивните не сосема разјаснети улоги во минатото.

Во секој случај, Ахмети и ДУИ пловат кон совршена бура од која не е извесно како и дали воопшто ќе испловат. Обидите за спас преку меѓународни анкетни комисии во чии ингеренции би се изнудила уште една амнестија за водството на ДУИ, изгледаат веќе нереални и неприфатливи, како за опозицијата и за албанската јавност, така и за самата меѓународна заедница која е свесна дека таквиот потег засекогаш би го руинирал нејзиниот и онака разнишан кредибилитет пред граѓаните.

Воедно, Ахмети по прв пат не е во позиција да условува соработка преку трговија со гласовите на Албанците кои веќе отворено покажуваат симпатии за Заев (со должни резерви кон СДСМ) и новите политички партии.

Ахмети и Груевски по прв пат се принудени на игра во која некој друг ги дели картите и ги диктира правилата. Познавајќи ги политичките профили на коалициските партнери од власта, тоа е клучната причина за сѐ понапнатата атмосфера во земјава за финалниот исход на неминовниот судар помеѓу власта и опозицијата, од која Ахмети може да се спаси или преку партнерско соучесништво со Груевски во заедничката операција на гасење пожар со напалм бомби или преку рискантно отскокнување од убиствената прегратка на Груевски. Се разбира со надеж дека во меѓувреме, широко раширените раце на Заев не се умориле од чекање.

Авторот е аналитичар