Една од лекциите од моето најрано детство е секогаш да си ги одржувам ветувањата. Логичен заклучок од оваа лекција е дека за да си ги одржам ветувањата, морам да ветувам работи кои можам да ги исполнам. Она што моите родители ме научија ми има послужено во различни аспекти од мојот живот, без разлика дали тоа е на приватен, академски или професионален план. Но, најважниот елемент на „ветувањето“ за општеството во целина лежи во почитувањето на законите и владеењето на правото.
Доколку изборите се одржат на 24 април, тие ќе бидат одржани врз основа на непочитување на Уставот, непрочистен избирачки список, широко распространета корупција и огромно ниво на граѓанско незадоволство
Како млади демократии, ние минуваме низа евалуации, извештаи и испитувања, од согледување на слободата на медиумите до правата на сексуалните малцинства или поволностите за водење бизнис. За една западно балканска држава, ништо не е поважно од оценките на Европската унија кои често се однесуваат на почитувањето на законите и владеењето на правото.
Замислете го разочарувањето кога самата Европска унија дозволува и охрабрува непочитување на националните и европските закони.
Договорот од Пржино претставува сет на чекори за окончување на политичката криза во Македонија, потпишан од четирите најголеми партии во Македонија: ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Меѓународната заедница предводена од европскиот комесар Јоханес Хан имаше улога на олеснувач за постигнување на договорот и во континуитет го следи неговото имплементирање. Иако договорот предвидува дека „Партиите исто така се обврзуваат да избегнат какви било нови препреки…“, неговата имплементација константно се попречува.
Министрите и замениците кои требаше да бидат назначени на 20 октомври беа именувани на 11 ноември. Преодната влада што требаше да положи заклетва на 15 јануари, 100 дена пред закажаните избори на 24 април, го започна својот мандат на 18 јануари. Катица Јанева, специјалната обвинителка, беше назначена пред истекувањето на рокот, но оттогаш се соочува со серија пречки во работата.
Единствениот рок кој беше целосно испочитуван е датумот за враќање на опозицијата во собранието на 1 септември. Секоја обврска која произлегува од договорот, а зависела од ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, е одложувана, блокирана или попречувана на бројни начини.
И покрај тоа, кога ДПМНЕ, ДУИ и ДПА се „намерачија“, назначија привремена влада и закажаа распуштање на собранието кое стапува на сила на 24 февруари, сѐ што Хан имаше да каже беше дека ,,(…) би преферирал консензуално решение од сите партии“. Да биде апсурдот поголем, Уставот на Република Македонија не предвидува ,,одложени“ распуштања на собранието туку само распуштања на собранието 60 дена пред закажаните избори, или во овој случај 24 февруари.
Европската унија треба да биде доволно умна да препознае дека одржувањето на стабилноста преку игнорирање на диктаторската дрскост не е опција повеќе
СДСМ одлучно одби да учествува на изборите на 24 април. Наместо јавно да ја осуди неуставната одлука на ДПМНЕ, ДУИ и ДПА во собранието, изјавата на Хан вели:
„Покрај неуспешниот обид да се најде консензуално решение за датум за избори, очекувам сите политички партии да соработуваат конструктивно и да се држат до нивните обврски од jунскиот/jулскиот политички договор, вклучувајќи ги итните реформски приоритети.“ Оваа реченица е парадокс само по себе.
Доколку партиите се држеа до своите обврски, немаше да има проблем да се најде заедничко решение.
Член 2 на Спогодбата на Европската унија вели: , Унијата е основана на почит за човечкото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеењето на правото и почит кон човековите права…“. Член 49 го идентификува секој потенцијален апликант за членство како држава која ги почитува овие вредности. Со признавањето на Македонија како земја кандидат за членство, овие вредности стануваат обврзувачки и за нас. Но, не само што Владата на Македонија не ги почитува овие вредности туку и ЕУ Комесарот Хан, преку својата изјава, ги одобрува овие бесрамни непочитувања на вредностите на ЕУ.
Земајќи ги предвид протестите во Македонија и минатогодишните протести во Црна Гора и Косово, ЕУ изгледа премногу лесно ги предава своите вредности и владеењето на правото во замена за стабилност. Но, за каква стабилност станува збор?
Најголемите фанови на ЕУ во Македонија, не се владиниот Секретаријат за европски прашања, или собраниската Комисија за европски прашања туку активистите од граѓанскиот сектор и граѓаните кои ги организираа протестите минатата година. Со поддржувањето на владејачката коалиција која одбива да прифати какви било предлози или барања од граѓанскиот сектор, ЕУ праќа очигледно праќа порака дека, на крајот од денот, граѓанските барања се помалку важни од решителноста на еден диктатор да остане на власт.
Доколку ЕУ сака да има влијателна улога на Балканот и да го совлада евроскептицисмот, ова е лоша стратегија. Реакциите на социјалните мрежи по изјавата на Хан беа остри со причина, поради што амбасадорот на ЕУ во Македонија мораше да ги зголеми мерките за безбедност на членовите на делегацијата на ЕУ.
Гневот на граѓанското општество не треба да се сфати несериозно. Досега, извонредна дисциплина во почитувањето на демократските правила. Секој протест беше ненасилен, непартиски и добро артикулиран. Во исто време, Владата не се помрдна ниту центиметар од својата иницијална тврдоглава позиција сѐ додека не се вмеша меѓународната заедница. Доколку меѓународната заедница се повлече и сите мирни мерки се исцрпени, мораме да се запрашаме што преостанува. Сигурно не стабилност.
Доколку изборите се одржат на 24 април, тие ќе бидат одржани врз основа на непочитување на Уставот, непрочистен избирачки список, широко распространета корупција и огромно ниво на граѓанско незадоволство. Доколку изборите се одржат тогаш, ВМРО ДПМНЕ ќе победи користејќи ги своите стари, недемократски средства. Европската унија треба да биде доволно умна да препознае дека одржувањето на стабилноста преку игнорирање на диктаторската дрскост не е опција повеќе.
Да научиме сите да си ги одржуваме ветувањата.
Блог-постот е објавен и на „Балкан инсајт“