Во Република Македонија, обидите за учество на граѓаните во политиката на локално ниво, честопати манифестирани преку спрега со централната власт, беа мошне зачестени во последните неколку години. Јавноста можеше да посведочи зголемена активност на многубројни локални иницијативи и движења кои, користејќи различни форми на посредна и непосредна демократија, се обидуваа да застанат во одбрана на нешто што ним, како жители на одредена локална заедница, им беше важно. Оттука, „Го Сакам ГТЦ“, „Паркобрани“, „Во одбрана на Дебар Маало“, иницијативите против отварањето на рудници во Југоисточна Македонија, протестните движења против загадениот воздух во Скопје и Тетово и многу други иницијативи, се добар показател дека прашањата од значење за локалната заедница се важни за македонските граѓани.
Оваа година – Македонија оди на локални избори и граѓаните ќе имаат можност да одлучат кој ќе ја предводи локалната власт во наредните четири години. Сепак, а особено во ерата на „лажни вести“, од огромна важност за „здравјето“ на македонската демократија е избирачите да донесат информирана одлука на денот на изборите.
Една од можностите за донесување информирани одлуки од страна на гласачкото тело е онлајн алатката „Локален избор“, достапна на македонски и албански јазик на www.lokalenizbor.mk. Оваа алатка на Институтот за истражување „Импакт“ им овозможува на гласачите да ја споредат својата позиционираност со онаа на кандидатите и партиите кои учествуваат на претстојните локални избори.
Алатката на Институтот за истражување „Импакт“ им овозможува на гласачите да ја споредат својата позиционираност со онаа на кандидатите и партиите кои учествуваат на претстојните локални избори
Позиционирањето на кандидатите и партиите се врши врз основа на дваесет искази во осум тематски обасти од важни прашања во надлежност на локалната самоуправа – урбанизам и комунални работи, заштита на животната средина, безбедност, транспарентност и учество на граѓаните, децентрализација, економски развој, социјална грижа и еднакви можности. За секој од исказите се понудени пет опции рангирани според Ликертовата скала, односно опциите „целосно се согласувам“, „делумно се согласувам“, „ниту се согласувам, ниту не се согласувам“, „делумно не се согласувам“, „целосно не се согласувам“ или „без мислење“. Ликертовата скала е позната и мошне користена скала во методологијата на политичката наука.
Кодирањето на позиционираноста на кандидатите и партиите се одвива во две фази. Во првата фаза на кодирањето, на партиите им е дадена можноста да се самопозиционираат преку заокружување на една од понудените опции на Ликертовата скала, притоа доставувајќи доказ за своето позиционирање. Истовремено, независен истражувачки тим ги кодира партиите и кандидатите по претходно утврдена хиерархија на теоретски и методолошки прифатливи извори. Овие извори ги вклучуваат изборните програми, партиските програми, партиските платформи, медиумските изјави на партиите и нивните претставници, партиските веб страници и страници на социјалните мрежи, како и нивните постари изборни програми.
На крај, споредувањето на своите позиции со оние на кандидатите и партиите, избирачите го вршат преку заокружување на една од понудените опции на Ликертовата скала за секој поединечен исказ. Дваесетте искази се сочинети од седумнаесет општи и по три специфични искази за Аеродром, Чаир, Струга, Струмица и Росоман – општините кои се опфатени со оваа алатка. Горенаведените општини се избрани пред сè поради очекуваната неизвесност во изборната трка, етничкиот состав и нивниот урбан односно рурален карактер.
Во пракса, погоре објаснетиот процес беше доста динамичен и непредвидлив, а соработката со политичките партии не одеше секогаш по посакуваниот тек. На пример, изборните програми – примарниот извор за кодирање на позиционираноста на политичките партии, како и медиумските изјави на партиските челници, беа недостапни или ретки што значително го отежна процесот на кодирање. Дотолку повеќе, политичките партии честопати беа нереспозивни или сосема незаинтересирани за можноста да соработуваат и самопозиционираат. Во таа насока, важен за споменување е и фактот што во некои општини локалните ограноци на политичките партии одбиваа да учествуваат со изговор дека не добиле одобрување од „централата“. Ваквата поставеност на политичките партии резултираше во ситуација во која од вкупно осумнаесет, само осум кандидати и кандидатски листи учествуваа во процесот на самокодирање. За жал, ваквото поведение им ја ускратува можноста на гласачите правилно да ја утврдат својата позиционираност и донесат информирана одлука.
Горенаведената субмисивност на локалните партиски ограноци е показател дека за македонската локална демократија сè уште не може да се примени заклучокот на де Токвил. Се чини дека на локалните политички актери сè уште им недостасува транспарентност и поголема кооперативност, особено со граѓанските организации, но и поголема одважност – дури и тоа да значи „судир“ со своите „претпоставени“. Сепак, и покрај тоа што се чини дека во изборната кампања доминираат теми кои не се непосредно поврзани со живеењето во и функционирањето на локалната самоуправа, претстоечките локални избори се можност за промена и поместување во ваквото партиско однесување. Македонските избирачи имаат можност да ги „казнат“ лошите практики на досегашните локални власти, но и да ги „опоменат“ идните властодршци. Нека овие локални избори, во духот на де Токвил, бидат сигнал за важноста на прашањата од значење за локалната заедница во која живеат.