Регион

Спор помеѓу Србија и Хрватска поради споменикот на Милан Тепиќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Веќе четири дена трае дипломатскиот спор помеѓу Србија и Хрватска, до кој дојде кога во Србија беше откриен споменик на југословенски мајор, кој во војната, во 1991 година, се разнел со експлозив, за да не падне во рацете на хрватските сили.

Филип Рудиќ, Свен Милекиќ – Белград, Загреб

Откривање на споменикот на Милан Тепиќ. Фото: Бета/Jово Мамула

Во продолжение на спорот околу споменикот на мајорот на Југословенската народна армија (ЈНА), Милан Тепиќ, кој беше подигнат во Белград, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека хрватските претставници шират „антисрпска хистерија”.

Дачиќ, дипломатската протестна нота на Загреб, испратена поради споменикот на Тепиќ, кој во војната, во 1991 година, во Хрватска дигнал во воздух магацин со оружје, при што се разнел и себеси и уште 12 други лица, ја нарече уште еден пример на „лудило”.

„За нив, тој е морална величина”, изјави Дачиќ за Радио Телевизија Србија.

До спорот дојде кога во петокот, во Србија, во присуство на министерот за одбрана и министерот за труд, вработување, ветерани и социјални прашања, беше подигнат споменик во чест на Тепиќ.

Во септември 1991 година, Тепиќ, заедно со друг војник на ЈНА, одби да им се предаде на хрватските сили, по што го дигна во воздух воениот магацин во Бјеловар.

Покрај нив двајца, загинаа уште 11 хрватски војници. Оваа акција можеше да ги загрози и животите на цивилите.

Поради поставувањето на споменикот, во понеделникот, Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, испрати протестна нота, наведувајќи дека откривањето на споменикот потврдува „дека Република Србија сé уште не е подготвена да се соочи со минатото и нејзината улога во крвавиот распад на поранешна Југославија”.

Ваквиот потег на Србија, се вели во протестната нота од министерството, е во спротивност со хрватските напори „за изградба на добрососедски односи”, без оглед на „не толку далечната агресија на Република Србија и на ЈНА над Хрватска”.

Хрватска нагласува дека Тепиќ „можел цел Бјеловар да го срамни со земја”, доколку „херојските хрватски бранители не го спречиле во тоа“.

Поставувањето на споменикот го осудија многу хрватски медиуми, но и некои во соседна Босна и Херцеговина.

На веб-страницата рrometej.ba, пишува дека сега „Србија го добила она што ниту Ирак, ниту Авганистан го имаат: споменик на бомбаш-самоубиец”.

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во неделата изјави дека Србија и Хрватска никогаш нема да се согласат околу некои прашања од минатото.

Тој како пример го наведе Миро Барешиќ, Хрват, кој во 1971 година изврши атентат врз југословенски амбасадор во Шведска, чиј споменик минатата година беше подигнат во Хрватска, во присуство на хрватски функционери.

„Вие сигурно нема да се согласите со мене кога ќе кажам дека Миро Барешиќ беше терорист. Ви го кажувам тоа, нема да се согласите, но на никаков начин нема да го споредам Миро Баришиќ со мајорот Тепиќ”, изјави Вулин за хрватските новинари.

Објавено и на Балканска транзициска правда