Регион

Србија даде гаранции за привремено ослободување на Ратко Младиќ

Властите во Белград соопштија дека дале гаранции оти Ратко Младиќ ќе се врати во Хаг, доколку биде пуштен на привремена слобода заради лекување во Србија.

Филип Рудиќ БИРН Белград

Министерството за правда на Србија, соопшти дека Владата му понудила гаранции на Хашкиот трибунал, дека поранешниот командант на Војската на Република Српска, ВРС, Ратко Младиќ, обвинет за геноцид и воени злосторства, ќе се врати во Хаг, доколку биде условно ослободен заради лекување.

За потсетување, во мај оваа година, барањето на Младиќ да биде ослободен заради лекување во Русија, беше одбиено.

Хашките обвинители изјавија дека постои ризик тој да избега пред да му биде изречена пресудата.

Адвокатите и семејството на Младиќ, на 5 септември поднесоа официјално барање до Владата на Србија, да достави гаранции до Хашкиот трибунал, за да можат да побараат условно ослободување на поранешниот командант на ВРС, поради здравствени причини.

Младиќ во притворот имаше неколку сериозни здравствени проблеми, преживеа два мозочни удари и еден инфаркт. Неговите адвокати соопштија дека неговата ситуација се влошила во мај оваа година.

Сега, по добивањето на гаранциите, тие ќе поднесат барање за условно ослободување на Младиќ и ќе ја чекаат одлуката на судот.

Младиќ беше уапсен во 2011 година во селото Лазарево, кај Зрењанин, северна Србија, по 16 години поминати во бегство.

Пред Хашкиот трибунал му се суди за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кој во неколку други општини достигнал ниво на геноцид, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Одбраната и обвинителството ги презентираа своите завршни зборови во декември минатата година.

Пресудата се очекува во ноември.