Мерките на владата не ги следат официјалните анализи за аерозагадувањето

Загадувањето на Скопје не му се случува поради лошата судбина. Вложено е и време и пари за да се достигне ова ниво.

Во Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) за Скопје од 2003 година, стои дека „квалитетот на амбиенталниот воздух – имисијата се следи повеќе од 25 години (мануелна мерна мрежа)“.

Во истиот тој ЛЕАП стои дека „во 1998 година правена е анализа за учество на сообраќајот врз загадувањето на воздухот. На четири крстосници и два булевари одредувана е концентрација на NO и NO2. Мерењата покажале високи концентрации на речиси сите мерни точки“. Стои и дека покрај индустријата, сообраќајот е главен виновник за пораст на концентрација на прашина.

Во истиот план пишува и дека „градот според бројот на регистрирани возила и нивната густина на еден квадратен километар ги надминува градовите во развиените земји (200-300 возила/ квадратен километар), а во Скопје бројот на возила е 600-800 возила на еден квадратен километар“.

shutterstock_40584751

Имајќи ги овие анализи, владата ги презема следните мерки:

– Стимулира купување на уште повеќе возила и дозволи увоз на стари возила (Еуростандард 1 и 2). Денес, во 2015 година, го воведуваат Еуро 4 стандард на мотор, кој во ЕУ е воведен пред 10 години. (Во ЕУ од 2014 година воведен е Еуро 6 стандард).

– Ја зголеми површината наменета за автомобили уште повеќе, со проширување на улиците, и тоа на сметка на зеленило и пешачки патеки.

– Тротоарите ги одзеде од пешаците и ги пренамени во платени паркинзи.

– Вложи во шминкање на јавниот превоз.

И во поновиот ЛЕАП (2011 година), како и во сите годишни извештаи за квалитетот на воздухот во Скопје, стои заклучокот дека индустријата учествува во емисија на ПМ честички со најголем процент.

Имајќи го предвид овој заклучок, владата ја презема следната мерка:

– Одложување на процес на воведување интегрирани еколошки дозволи. Наместо тој да заврши во 2008 година одложен е за 2014 година (а за некои капацитети и за 2018-та).

Според ЛЕАП од 2011 година, во вкупната емисија на ПМ честички, домаќинствата учествуваат со скоро 18 отсто. Владината мерка е:

– Субвенции за огревно дрво.

Цитат од ЛЕАП 2011: „Генерално, сегашната состојба со зеленилото во градот укажува на потребата од негова обнова и реконструкција. Тоа во прв ред се однесува на дрворедите, на старите насади во парковите, како и на сите оние површини од кои треба да се отстранат пропустите и недостатоците направени во еден подолг период“.

Владината мерка е:

– Драстично намалување на зелените површини во градот. Според податоците од Државниот завод за статистика, бесправната сеча во градскиот регион се зголемува секоја година, а во исто време многу се намалува количината на новонасадени садници.

Зачувувањето и унапредувањето на животната средина е уставно загарантирано и не смее да подлежи на партиски идеологии.

Авторот е инженер за животна средина