Еден од моите омилен филови е The Invention of Lying, кој на македонски веројатно би се превел како „Пронаоѓање на лагата“, филм кој на прва топка е лесна комедија за некое неделно попладне, меѓутоа во себе содржи далеку подлабоки пораки.
Приказната е сместена во алтернативно општество во кое никој никогаш ништо не излажал и односите меѓу луѓето, бизнисите и сѐ друго во светот се базира на беспрекорна доверба меѓу буквално сите граѓани.
Е арно ама, главниот лик останува без пари и соочен со сериозниот проблем, му се случува куршлус во главата, тоа и така визуелно е прикажано во филмот – како по дејство на електро-шок да му се менува некој ген, па на шалтерот во банка ќе ѝ каже на службеничката дека, сепак, имал 800 долари на сметката, иако таа јасно гледа во компјутерот оти трансакциската му е празна како раскрсница во Пјонгјанг во недела.
Во следната сцена банкарката го лиже показалецот и му ги брои доларите.
Од овој момент јунаков сфаќа дека може да ја легне која било жена, ако на пример ја излаже дека од нивната секс-партија зависи судбината на планетата Земја, ќе лаже за сѐ и сешто градејќи се себе како успешна и подобра личност, а кога некој од неговите ќе легне на смртната постела го мами дека по умирачката сите ги чека уште подобар живот, нешто слично на рајот, што јас го толкувам како генијална мала „спрдачина“ за тоа како настануваат религиите.
Причината зошто додевам со мојот филмски вкус е, претпоставувате, паралелата која сакам да ја повлечам. Главниот јунак од The Invention Оf Lying загазува отаде црвената линија, во територија која не е забранета со речиси ниеден закон, меѓутоа е спорна од етички и ако сакате културолошки аспект во тоа алтернативно општество.
Со други зборови, за своја корист ги изигрува правилата кои никој друг не се осудувал да ги прекрши, сметајќи дека тоа е едноставно недопустливо и на крајот од краиштата срамно. Е тука се симнуваме од филмското платно на сред плоштадот во Скопје.
Тука во Македонија, сакале да признаеме или не, веќе ни го снимија вториот дел од филмов. Кој да верувал дека поранешниот премиер и неговите најблиски соработници ќе успеат да убедат голем дел од народот дека тоа што го слушнале во „бомбите“, всушност не го чуле и оти некојси таму Хидролошки завод во Дојран не може да знае колку е загадено езерото, ами вистинскиот експерт што треба да се праша е првиот капач долу по плажата, тој од десно во темните „купачи“.
Не сакам да кажам дека Македонците се наивни како луѓето од The Invention Of Lying и оти имале не знам каква доверба во политичарите, ама никој од нас не верувал дека некој може да отиде толку далеку со лагите и со спиновите како оваа владејачка гарнитура и за тоа влакно да не му фали.
Како лагата бесрамното ги освојувања небранетите територии
Сигурно дека не сме сонувале беспрекорна искреност од политичарите, ама ретко кој верувал оти кога ќе ги фатиме во лага, како што се вели со с’мкнати гаќи, не само што нема да се срамат, ами ќе впрегнат цела пи-ар армија да те убеди дека со тебе нешто не е во ред.
Затоа претпоставувам дека повеќето од нас, веќе неколку пати во оваа деценија си го поставиле прашањето: Добро, а да не е проблемот во мене?
Секогаш кога се соочувам со оваа дилема, поттикнат од некоја нова идеја на власта или некој бизарен настан, односно од каква било вест која рациото не може да ми ја свари, се обидувам да го преведам насловот на англиски и така добивам дистанца од случувањата, далечина која сметам дека додава одредена доза на објективност.
И верувајте, кога тоа ќе го сторите во 99 отсто од случаите имате чувство дека вестите доаѓаат од некоја далечна африканска земја која со децении е растргната помеѓу корупцијата со дијаманти и војните.
Не дека ние новинарите сме нешто посебно попаметни, меѓутоа самата природа на нашата работа ни налага да следиме што прават премиерот и министрите и верувајте дека 99 отсто од содржината на „бомбите“ не ме изненади.
Тоа се работи за кои или сме пишувале или пак, не сме имале доволно докази, а понекогаш и храброст, да ги ставиме на хартија. Меѓутоа, ако нешто ме изненади, ако нешто ме „извади од патики“, тоа се моментите кога Груевски нарачува неважечки гласачки ливчиња во Центар и шлаканици за Жерновски.
Во тоа сѐ уште не можам да верувам.
Затоа повторно ви велам, направете дистанца од местото каде што живеете и преведете ги на англиски вчерашните ударни вести од пресот на СЈО, еве ставете го на Гугл-транслејт насловот: „Поранешниот премиер Никола Груевски обвинет за поттикнување на насилство“.
Преведете го и ќе видите колку е саатот.