Морам да признаам дека сум уморна понекогаш. Последниве десет години активно учествував во многу движења, иницијативи, борби за правда и подобро општество. Последниве десет години заедни со други пријатели градевме политички глас на критика и отпор имајќи една цел, да се избориме за подобар и подоинствен живот за сите.
Последниве неколку недели после работното време трчам дома да ручам и да се видам со мојата ќерка, а потоа секој ден одам на протестите од 18.00. Кога ќе завршат, повторна трчам да поминам време со моето дете, да го успијам, да фатам евтина струја и спремам се` за утре. Заспивам доцна, вознемирена од вечерните вести од провладините медиуми и станувам рано да одам на работа. Морам да признаам дека сум уморна понекогаш.
Па сепак, секое застанување пред Специјалното јавно обвинителство од каде започнува протестниот марш, секоја минута помината со тие луѓе таму, секој поздрав, краток муабет, долга дебата или расправија дури, секоја разменета насмевка или збор на поддршка, секој гест на емпатија и солидарност ми ја враќа силата и надежта. А ете, токму тоа и ми требаше. Да поверувам. Да поверувам дека освен политичките партии и ние, луѓето, граѓаните, народот можеме ако ништо друго барем да бидеме упорни и истрајни во барањата да станеме активен политички чинител. Дваесет и кусур години ја оставивме политиката во рацете на политичарите. Им овозможивме апсолутен монопол врз политичкото.
Им дозволивме да одлучуваат за нас и нашите животи без воопшто да чувствуваат потреба да не` прашаат, да не` сослушаат, да не` вклучат во секоја нивна одлука која го засега нашиот живот. А верувајте, буквално секоја нивна одлука го засега нашиот живот. Им ги доверивме нашите животи на банда неписмени, алчни, бескрупулозни гадови кои ја исцедија и последната капка потенцијал, среќа, достоинство, здравје, сила, надеж и верба.
Образованието го претворија во процес на виткање кичма, здравството во систем за бавно умирање, медиумите во партиски центри за комуникација, јавниот глас во партиска симфонија, културата во вашар, економијата во празни бројки и гладни стомаци. Од луѓе човечиња не` направија.
И така во 18.00 часот пред СЈО, додека стоевме со пријателите чекајќи луѓето да се соберат ни пријде еден постар човек, еден од оние кои ги сметаат за човечиња. Подгрбавен малку, со седа коса и уморен поглед. Малку збунет и срамежлив ни се обрати со „Деца, сакам нешто да направам за вас“. Дедото ни даде една обична, нималку грандиозна визит-карта, поточно кажано бел картон со испечатени црни букви и ни рече дека со години се бави со билкарство и природни лекови.
Замислете тие милијарди потрошени на скапи шампањи по монденски дискотеки, тие милијарди потрошени за задоволување на ѕверската алчност претопена во одвратен сваровски сјај, тие милијарди потошени, простете, за ништо повеќе од паланечко курчењe, да ги инвестиравме во јавното здравство, во образованиеот, во инфраструктурата, во земјоделието, во науката.
Собирал кутриот, по нашите планини, разни чаеви кои наводно го намалувале стресот и го подобрувале имунитетот. Собирал за нас, да не` крепи додека заврши оваа битка. Сега веројатно разбирате, колку трогнуваат овие мали гестови на внимание, овие големи акти на солидарност. Темата на вчерашниот протест беше корупција, а јас не престанав да мислам на дедото одејќи заедно со огромен број други луѓе кон Собранието на Р. Македонија.
Додека ги слушав Миша Поповиќ и Сашка Цветковска како говорат многу јасно и прецизно за корупцијата која сериозно метастазирала во нашето општество, или да го цитирам Миша од вчера преку 300.000 корупции во текот на една година, додека се обидував да ги сварам огромните суми наши пари кои завршиле во нечии џебови, викендици, базени, луксузни патувања веројатно подобро за мене ќе беше да помислев „е добро, ама они никогаш нема да искусат еден ваков искрен и топол гест од непознат дедо“, ама наместо тоа јас помислив „уф, дедо, мислам дека ќе ми треба малку од твоите чаеви“.
Ќе ми треба за да можам да се кренам, да си го вратам духот после помислата на тоа што се` можевме да имаме во оваа наша земја доколку овие украдени пари ги вложевме онаму каде што сме најранливи. Замислете тие милијарди потрошени на скапи шампањи по монденски дискотеки, тие милијарди потрошени за задоволување на ѕверската алчност претопена во одвратен сваровски сјај, тие милијарди потошени, простете, за ништо повеќе од паланечко курчењe, да ги инвестиравме во јавното здравство, во образованиеот, во инфраструктурата, во земјоделието, во науката.
Тие милијарди наши пари да ги вложевме во нас, во нашата иднина и иднината на следните генерации денес ќе имавме на што да се радуваме, наместо да заспиваме и се будиме со застрашувачката помисла: што ако утре изгубам работа?, што ако утре се разболам?, што откако моето дете заврши со образование? Ова се легитимни животни прашања, но само во вака заглобени држави овие се прашања кои раѓаат ужас и страв наместо потенцијал за животен прогрес и промена.
Протестот заврши, ние се разделуваме секој на своја страна. Си мавтаме со другарките со ишарет „се гледаме утре, исто време, исто место“. Морам да признаам дека сум уморна понекогаш, ама сега, секој ден во 18.00 уморот се трансформира во мотивација и надеж. Уморна сум понекогаш, и не природните билки туку тој човечки, другарски гест на дедото е тоа што ми кажува дека ние веќе победивме.