Ќе има правда – ќе има мир! Плоштадот и ние помниме!

на некој плочник,
кај ВМРО в пир
славеше в лете,
убија дете!

Синоќешниот протест не можам да ви го прераскажам без воведен дел, зашто 5 мај е датум во македонската современа историја што сериозно треба да биде запомнет и да остане во сеќавањата на секој граѓанин, кој се бори против неправдата и против корумпираноста на владејачкиот режим на ДПМНЕ.

5 мај го носи истиот реден број на ден во месецот, како и 5 јуни. И двата датума, имаат ист повод за кревање бунт од граѓаните, поради убиството на Мартин Нешкоски.

Мартин беше убиен на 5 јуни 2011 година, за време на славењето на победата на ДПМНЕ, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, кога таму сѐ уште имаше место да се прави тоа. Потоа следуваше период кога имаше масовни протести против полициската бруталност. Тие протести придонесоа кон затворање на специјалецот Игор Спасов, кој отслужува 14-годишна затворска казна за убиството на Мартин. Четирите години потоа, секој од нас помислуваше на деновите по убиството. Секој помислуваше дека Министерството за внатрешни работи криеше многу нешта кои останаа нејасни при судскиот процес. Неговата мајка, Ленка, отиде со случајот и до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој образложи дека немало повреда на членот 2 од Конвенцијата, при што државата спровела ефективна истрага и судски процес. Виновникот за смртта е в затвор.

Четири години подоцна се случи 5 мај.
Дента, во пладневниот период, граѓаните преку прес-конференцијата на СДСМ со уште едно продолжение на нивните т.н. „бомби“, ги слушаа гласовите на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на нејзиниот тогашен помошник-министер за односи со јавност, Иво Котевски и на тогашниот директор на Управата за безбедност и контра-разузнавање, Сашо Мијалков, како разговараат колку штета им направило убиството на Мартин кое го фрлило во сенка апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни.

Сечеа зборовите на Јасмина, во сечие разорено срце од овој режим, во сечие срце кое застана синоќа да протестира повторно против затајувачите на случајот со Мартин Нешкоски

Слушнавме како „не можеле убиство да скријат“, како „А1 ТВ прашувале за убиено дете на плоштад… идиоти…“, па како размислуваат дали специјалецот бил, или не бил на должност, зачудени како отишол на работа само со усна наредба, па како „би било згодно да се убаци дека специјалецот бил од СДСМ…“, а убил нивни член од ДПМНЕ.
И така, сомнежите на граѓаните се поистоветија со снимките. Сите кои бевме правени будали дека не знаеме за што се буниме, додека убиецот си одлежувал казна-затвор, излезе дека сме во право. И нема тука никаква врска одлуката на ЕСЧП за ефективната истрага. Судскиот процес беше ефективен, зашто токму така и требаше да биде.

Но, се поставува прашањето – зошто никој не одговараше, не само политички за убиството туку и кривично, за заташкување и прикривање кривично дело – убиство, а во случајот тоа се Иво Котевски, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, кои ги слушнавме како заговараат и одложуваат соопштенија за јавност, прилагодувајќи ги да бидат посоодветни за нивна корист и ненаштетување на матицата – партијата на власт ДПМНЕ. Вина понесува и поранешниот премиер Никола Груевски кој преку националните медиуми ги бранеше своите пулени, објаснувајќи сериозна посветеност без никакви сокривања за време на истрагата.

Токму затоа, сѐ уште граѓаните протестираат. Токму затоа сѐ уште се бара правда, и токму затоа не може да има мир.

И токму затоа, вчерашниот датум, иако дел од веќе триседмичните протести, сепак е значаен и поистакнат од останатите. Зашто на истиот тој датум, минатата година, по снимките, неколку илјади граѓани излегоа да протестираат пред тогаш неоградената зграда на Владата на РМ, на чијшто влез стоеше Гордана Јанкулоска (тогаш сѐ уште на функција), при што потоа полицијата тргна на својот народ, откако беше испровоцирана од инфилтрирани хулигани, кои не беа дел од протестот претходно.

„Human Rights Watch“ реагираше преку извештај, меѓу останатите меѓународни организации, дека полицијата употребила прекумерна сила врз демонстрантите, а тоа го паметиме многумината кои бевме таму. Паметиме и како полицајци влегоа во читалната на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, повредија и уапсија студенти за време на нивно учење за испити, доцна во вечерта, што не им било логично на полицајците зашто не се учело до толку доцна.

5 мај вчера, како и минатата година, имаше неколку илјади протестирачи. И покрај очекувањата дека можеби вчерашниот протест ќе биде немирен, за разлика од претходно, граѓаните воопшто не размислуваа во тој правец. Иако воздухот што се дишеше беше потежок. Иако атмосферата, за разлика од другите денови, беше поразлична, поболна…

Почнувајќи од пред зградата каде што е сместено Специјалното јавно обвинителство и од каде што дадоа поддршка на СЈО за расветлување на случајот со Мартин, демонстратите се упатија кон Собранието, како и секој ден. Таму, премногу силен печат низ говор остави соборката Јасмина Голубовска, некому позната само како „Девојката со карминот“ од светските медиуми, а нам, на борците, позната како правична и посветена личност која се бори за правда и слобода, а од пред некое време се бори и за здравјето на татко ѝ Стојко, кој поради, како што вели таа – несоодветниот и застарен здравствен систем за нега, е во уште полоша состојба.

Зборовите на Јасмина болеа, уште повеќе што секој од нас бил дел од некаков си оддел на здравството кај нас. Јасмина синоќа застана да побара помош исклучиво само од соборците, за да може да го долечи нејзиниот татко, чија сметка од 11.000 евра треба да се покрие, за престој во приватна болница. Таа најмногу им се обраќаше на полицајците, чиј припадник бил и нејзиниот татко. Сечеа зборовите на Јасмина, во сечие разорено срце од овој режим, во сечие срце кое застана синоќа да протестира повторно против затајувачите на случајот со Мартин Нешкоски.

Оттука, сосема разбирливо, граѓаните се упатија кон местото на злосторството – плоштадот „Македонија“, каде што со зборови никако не можам да ви го опишам молкот од околу петилјадната група народ… Во главата ми вртеа стиховите на Сајмон и Гарфанкел:

„Здраво тишино – моја стара пријателке. Дојдов за повторно да зборувам со тебе, зашто сликата тивко и морничаво ползејќи, ги остави своите семиња додека јас спиев. И сликата, која беше засадена во мозоков, сѐ уште стои, помеѓу звукот на тишината“.

Тивко и немо, тој народ синоќа рикаше во себеси длабоко, борејќи се да не покаже слабост по триседмичните протестирања, додека врз по милионити пат реновираниот и видоизменуван плоштад кој никој не го чувствува за свој, се испишуваа огромни букви во крв-црвена боја:

„Убијци“, „Правда за Мартин – Слобода за сите“, „Убиство не се крие, крв од раце не се мие“…

Некому морничаво, гадно и хулигански, но, некому крик за правда, крик за слобода, крик за правично општество без страв и трепет! Би било погубно да објаснувам дека бојата се мие, а крвта на Мартин – не. Уште попогубно е што еден дел од граѓаните полека се намалува во вкупната бројка за одбрана на овој режим… Се обидуваат да ги окарактеризираат луѓето кои протестираат како хулигани и вандали, поради „сквернавењето на културното наследство“ од пред некоја година, а притоа не излегуваат рамо до рамо со своите сограѓани, барајќи правда за Мартин.

Најтешко е да се опишат фотографијата и глетката синоќешна од братот на Мартин, Александар Нешкоски, кој на речиси празниот плоштад „Македонија“, стоеше стаписан, помеѓу крвавите отпечатоци од дланките на демонстрантите и испишаните пароли со црвена боја… како црна помрачина да го јаде, поради мракобесието во кое живееме.

Воопшто не е важно дека Мартин бил член на ДПМНЕ туку е битно да се напомене дека тој е секој од нас, дека е сечие дете, дека беше наш сограѓанин, а некој, поради моќта што ја чувствувал и потребата да ја задржи власта, се обидуваше да сокрие детали за убиството.

Токму затоа, демонстрантите од плоштадот, заминаа пред сега веќе оградената зграда на Владата на Р. Македонија, каде што својот револт го исфрлија врз платна со ликовите на Никола Груевски и Гордана Јанкулоска, фрлајќи боја крв-црвена.

Таму, молкот беше уште потажен, зашто секој присутен и лани – и синоќа, низ главата си вртеше слики од префрлање жени и деца преку огради, бегање од тајзерите и пендреците на полицајците, кои претходно најавија дека ќе има судир, па да бегаме со време…

Имаше само две работи кои беа различни од лани – од огромната бројка на полициски сили и специјално обезбедување минатата година, годинава имаше одвај три-четворица видливи полицајци, со минимална заштитна опрема, кои со спуштен штит и спуштена глава стоеја зад решетките на оградата. Второто нешто, беше физичкото отсуство на Гордана Јанкулоска, под стреата на влезната врата на Владата. Овојпат – таа не даваше наредби против граѓаните туку ние си дадовме задача нејзиниот лик изработен на платно да го обоиме со крв-црвена боја. Оти крвта не се мие, а бојата – да. Оти совеста не може да се испере, а фонтаните – да. Оти убиство не може да се скрие… и затоа ќе одговарате. И така – секој ден во 18 часот, додека не почнат судски процеси, кои ќе ве натераат да одговарате.

Ќе има правда – ќе има мир!