Актуелно

(ГАЛЕРИЈА) „Крвта не се мие“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Граѓанското движење „Протестирам“ вечерва го посети местото на убиството на младото момче Мартин Нешкоски, на плоштадот Македонија. Плоштадот беше преплавен со пароли испишани со црвена боја, „Убиство не се крие, крв од раце не се мие“, „Правда за Мартин, слобода за сите“ и „Убијци“.

„Шарената револуција“ денешните протести ги посвети на петгодишнината од смртта на младиот Mартин Нешкоски, момче кое беше убиено на плоштадот Македонија во јуни 2011 година, за време на славењето на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.

Минатата година, на овој ден, откако опозицијата ги објави аудио снимките за тоа како течела истрагата за смртта на младото момче, граѓаните се кренаа на протести кои завршија со судири со полицијата и апсења по улиците на Скопје.

Граѓанското движење „Протестирам“ вечерва го посети местото на убиството, на плоштадот Македонија. Меѓу граѓаните кои протестираа беше и братот на Мартин, Александар Нешкоски. Плоштадот беше испишан со пароли, црвени како крв. Протестите продолжија кон Владата, каде што демонстрантите, симболично, фрлија црвена боја врз сликите на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Крвта не се мие“, беше главната порака која демонстрантите ја испратија вечерва до власта.