Зошто „не“ за семејните студии

Семејни студии не се академска дисциплина, ниту во класичната смисла на зборот ниту во интердисциплинарната. Иако во наставната програма се вклучени разнородни дисциплини, нивната aкумулација на едно место не претставува интердициплинарност. Интердисциплинарноста претпоставува пресек на прашања низ повеќе дисциплини бидејќи претставува настојување едно општествено прашање да се обработи од повеќе аспекти кои претпоставуваат комбинација на знаења од повеќе дисциплини од страна на еден субјект кој го истражува прашањето.

Со други зборови, за да бидам стручњак во интердисциплинарно подрачје, како на пример, родови студии, потребно е самата да сум способна да ги комбинирам знаењата и методите од повеќе дисциплини од општествените и хуманистичките науки. Тоа претпоставува добро владеење со епистемологијата на општествените и хуманистичките науки. Со други зборови, интердисциплинарноста во науките се темели на настојувањето да се проблематизираат „готовите знаења“ сместени во деветнаестовековните рамки на научни дисциплини.

Постојаното проблематизирање и теоретизирање во интердисциплинарноста не е само дел од научната продукција туку и во образованието во рамки на интердисциплинарното поле. Образованието во едно такво поле, какво што по својата природа се родовите студии, значи обука на студентите како да ги поставуваат компетентно комплексните прашања за една општествена појава и како методолошки издржано да комбинираат знаења од повеќе дисциплини во настојувањето да одговорат на нив. Така, родовите студии како иманентно интердисциплинарно поле постојано прашува, истражува за потеклото и историските трансформации на родовите улоги како општествена појава.

Родовите студии ништо не пропишуваат ниту наложуваат како норма. Тие го истражуваат потеклото на нормите и историските процеси на нивна трансформација, тие прашуваат за појавите поаѓајќи од аксиомата дека општеството има свои сопствени законитости и тие ниту се темелат на природата (што е општоприфатена позиција во европските академски средини и тоа веќе од Огист Конт па наваму, односно од крајот на 19 век) ниту на божјата волја (што е општоприфатена позиција во европските академски средини од 18 век па наваму).

Онака како што се конципирани „семејните студии“ на Филозофскиот факултет во Скопје, тие не наликуваат на интердисциплинарно поле бидејќи не проблематизираат ниту теоретизираат што било туку „подучуваат“ за готовите, усвоени факти или стварноста. Ова е наивна идеја за научност која во денешно време не функционира ниту во егзактните науки: научните сознанија никогаш не се совршени, постојано се преиспитуваат, менуваат, а тезите и претпоставките се побиваат.

„Научно докажана стварност“ не постои бидејќи стварноста постојано се преиспитува и научно се реконструира. Идејата дека постои неменлива и идеална општествена „стварност“ таму некаде, во „светот на идеите“ е религиска, а не научна идеја.

Семејните студии онака како што се замислени, имено да ни ја откриваат „вистината за вистинската стварност“ (тавтологијата е намерна), наликуваат на проповедничка религиозна агенда и немаат ништо зедничко со некаква научност, барем не онаква каква што ја знаеме од европското просветителство во 18 век па наваму. Конечно, оваа дисциплина не постои никаде во етаблираните академски дисциплини.

Семејството се истражува од родов, социолошки или психолошки аспект, но само по себе никаде не претставува темел за воспоставување интегралана академска дисциплина.

Текстот е преземен од страницата на Излез.