Вести

Блокирана сметката на „Финзи“, заглавени 650.000 евра

shema1

Блокирана е сметката на фирмата „Финзи“ која што беше вклучена во случајот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Директорот на „Финзи“ Коста Крпач, според обвинителството, изврши самоубиство во април годинава, a газдата на „Финзи“ е фирма која што се крие во САД.

СЈО, според истрагата што ја води, ги сомничи поранешните шефови на УБК и на Петтата управа, Сашо Мијалков и Горан Грујовски, помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Небојша Стајковиќ, како и бившиот шеф на кабинетот на директорот на УБК, Тони Јакимовски дека преку „Финзи“ испумпале пари од буџетот на МВР во вредност од околу 860.000 евра.

Тие, според СЈО, стапиле во контакт со британска компанија за набавка на опрема за следење интернет комуникации, меѓутоа наместо МВР директно да ја купи опремата од британската фирма, набавката одела преку посредникот „Финзи“.

Во текот на вчерашниот ден судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје донел решение со кое наложил да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

„Ова решение беше донесено по повод наше барање за донесување привремена мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“. Нашето барање беше прецизирано согласно укажувањата на судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, со што изразивме подготвеност за продлабочување на професионалната соработка со судот“, се вели во дописот на СЈО.

Инаку Коста Крпач се уште не е избришан од регистарот како директор на ова правно лице, бидејќи, за да се случи тоа, потпис треба да стават „анонимните“ газди од САД. На сметката на „Финзи“, заглавени се 650.000 евра, пари кои фигурираат како основачки влог на компанијата. Неизвесно е кој раководи со овие пари со оглед на тоа што сопственикот на „Финзи“, фирмата Финзи ЛЛЦ се наоѓаат во Албани, САД, а управителот е починат пред речиси половина година.

Иако не е познато точно со што се занимавала оваа фирма, таа во 2015 година има пријавено приходи од над 1,5 милиони евра.

„Финзи“ е сопственик на фирмата „Нет прес ком“ ДООЕЛ,  што го поседува порталот „Нетпрес“. Пред Коста Крпач, управител на Финзи беше Владислав Стајковиќ – брат на помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Небојша Стајковиќ.

Владислав Стајковиќ е актуелен директор на фирмата Мобико (каде што сопственик е директорот на Телеком Жарко Луковски) и воедно е газда на НВСП.

НВСП, пак е сопственик Радио Слободна Македонија и Три телевизија ДООЕЛ Куманово.