Анализи

Богатиот осуденик Мијалков и килавата правда

На делата на Сашо Мијалков им намигнуваат застарувања

Денеска е осми август. Еден месец и една недела пред да наполни 57 години, поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, требаше да почне да се јавува во струшкиот затвор за случајот „Империја“, но тоа нема се случи.

На негово барање судот му го одложи издржувањето на затворската казна за две недели.

Виновен е зашто додека бил директор на УБК, со години стекнал огромен имот, но не го пријавил.

На неговата фан-страница на Фејсбук не е многу активен. Последната објава е минатонеделната честитка за Илинден. Меѓу неколкуте објави се и за автокефалноста на МПЦ и обраќањето до јавноста, откако САД го ставија на црната листа заедно со неговиот братучед Никола Груевски.

Во затворот од отворен тип во Струга, за три години треба да го поправи своето однесување.

Ден пред Илинден, фирмата „Макпоинт“, каде што е вработен и од која беа одземени пет милиони евра во „Империја“, се пререгистрирала во Катастарот. Наместо во Скопје, адресата е во Охрид, на булеварот АСНОМ.

За тоа време, судиите се на судска ферија.

Кога ќе се вратат, во рацете имаат жежок костен – судбината на Мијалков со високите казни од 12 и 8 години затвор, за кои во правосудните кругови се шушка дека може да бидат укинати и судењата да почнат одново.

Една од шест

„Нервозата е лош советник“, знаеше да им рече Сашо Мијалков на обвинителката и на неговиот адвокат, на едно од маратонските судења, оставајќи впечаток на смиреност. Дали тоа е постојана одлика на неговиот карактер, знаат неговите најблиски.

Но, ова е несвојствено за човек кому му се суди во шест кривични предмети и кому му се закануваат високи затворски казни.

Еден од своевремено најозлогласените луѓе во државата, во судот постојано доаѓаше со спуштен „гард“.

Тој е човек што нема проблем да плати за да го застапуваат неколкумина адвокати. Исто како што немаше проблем да обезбеди шест милиони евра, пари што ѝ ги врати на државата.

Петпати се изјаснуваше дека не се чувствува виновен во судот. Паузите ги користеше за кафе и ужина со адвокатите, додека луѓето од неговото обезбедување го следеа како сенка.

Грешки со нулите

Мијалков во 2013 година ја известил ДКСК дека во имотниот лист од 2010 година по грешка им додал нули на вредноста на накитот, уметничките слики и оружјето, па наместо три милиони денари кај накитот, напишал дека чинат 30 милиони денари, па побарал тоа да се коригира.

На спогодбата со Обвинителството во „Империја“, се налепија коментари од социјалните мрежи, кои одеа во насока на тоа дека „криминалот е најисплатливиот бизнис во Македонија“ или дека „да знаел Никола Груевски колку малку би го чинела слободата, не би бегал во Унгарија“.

Мијалков, нецели девет години, беше прв човек на тајната полиција. На функцијата влезе богат, но излезе далеку побогат.

Мијалков како директор на УБК | Фото: Веб-страница на МВР

Со плата во просек по околу 70 илјади денари месечно успеа да стигне до имот вреден 30-тина милиони евра. Барем за оној што го проценило Обвинителството во „Империја“.

Oд увидот што БИРН го напрви во ДКСК се гледа дека првиот имотен лист што Мијалков го поднел до аниткорупционерите е во јуни, 2007 година. Тогаш вкупниот имот што го поседувал бил нешто над 1,1 милион евра. Во 2015 година кога се повлече од УБК, пак, пријавил имот од околу 1,5 милион евра.

Конфискуваниот имот на Мијалков пак, во 2022 е ист колку и годишниот профит на една од најголемите банки кај нас во 2021 година.

Дали навистина толку вреди имотот, сепак, треба да покаже проценката што за Агенцијата за управување со одземен имот треба да ја направи Бирото за судски вештачења. Судбината на крупните судски предмети за Мијалков ќе се знае во следните месеци.

Гамбит со Обвинителството

Oд максимални 10 години затвор во „Империја“, Мијалков „истргува“ три | Фото: Р. Атанасовски

Иако споредувањето на казните за различни обвинети и за различни дела не е во духот на добрата правна пракса, кај јавноста оправдано овие казни за обичните граѓани се споредуваат со оние на казните што им се определуваат на функционерите, односно на „белите јаки“.

И неретко разликите се огромни.

Скопјанецот Никола С. е машиновозач.

Не бил осудуван сè додека не украл пари од две обложувалници. Откако признал вина, Скопскиот кривичен суд го осудил на затворска казна од три и пол години за три тешки кражби.

Со правосилната пресуда на Апелација од мај годинава, Никола С. треба на оштетената обложувалница да ѝ врати нешто над две илјади евра и да ги плати судските трошоци.

Со други зборови, за штета од околу 2.200 евра треба да лежи затвор од три и пол години.

Сашо Мијалков е осуден на три години затвор, односно треба да лежи половина година помалку од Никола С., и тоа за злосторничко здружување со кое противправно стекнал и прикрил имот.

„Империја“ е истрагата на СЈО што најдолго траеше, но и за него најбргу заврши.

Без јавноста да види судење и докази. Причината беше спогодбата со Обвинителството. Судот немаше проблем да го „аминува“ она што договориле обвинетиот и обвинителката. Пресуди дека е доволно тоа што Мијалков ќе лежи три години в затвор и ќе му биде конфискуван имот.

Излезе дека „империјата“ на екс шефот на УБК долго била „ѕидана“ за две кривични дела за кои поединечно се предвидени казни затвор од 1 до 5 години. Со други зборови, максималната казна затвор е 10 години. Тој, вкупно се спогоди за единствена казна од три години.

Судејќи по казната, се чини дека овој гамбит со Обвинителството бил исплатлив. Според информациите на БИРН, Мијалков не прифатил лесно и „од прва“ да се спогоди.

Но, гледајќи го исходот од постапките, излегува дека бил промислен трговец со државата бидејќи од 10 години затвор во „Империја“ доби три. Во нив му е пресметано и времето што го помина во притвор и во куќен притвор, па ефективниот затвор е далеку под три години.

Ако има добро поведение може да добие и условен отпуст.

И во предметот „Плацови на Водно“, каде што затворската казна е од 1 до 10 години, Мијалков како дотогаш неосудуван човек, доби една од најниските казни, година и пол.

Имало ли пазарење за затворските казни, или правдата била пресметана со поранешниот шеф на контраразузнавањето, ќе се види од исходот во случајот „Таргет-Тврдина“.

Ќе му ги платиме адвокатите

Ако застари делото во „Титаник 2“, ќе му ги платиме адвокатите | Фото: Р. Атанасовски

Порано со страв се шепотеше неговото име, а денес сè погласни се шпекулациите дека Апелацискиот суд може да ги укине пресудите за предметот за масовното прислушување, „Таргет-Тврдина“, и за набавката на опремата за УБК, „Трезор“.

„Не е дојдено до советување и одлучување. По први септември, кога ќе заврши судската ферија“, ни го одговори судијката Татјана Дуковска од скопска Апелација, кога ја прашавме до каде е одлучувањето за двата крупни предмети на СЈО, во кои неправосилно е осуден Мијалков.

Јавните седници за овие предмети се одржаа во март и април. Оттогаш поминаа пет, односно четири месеци, а одлуки нема.

Поводот за нашите прашања е што веќе низ правосудните кругови се појавија шпекулации дека предметите би можеле да се укинат и да се вратат од почеток.

Ако е така, очигледно времето работи за Мијалков.

Нему веќе му застаре едно дело од трите во овој предмет, во фазата додека предметот е пред Апелацискиот суд. Ако судењето почне одново, судот има три години да донесе правосилна пресуда, во спротивно, во 2025 целосно застарува предметот со прислушувањето за Мијалков.

Стразбур може да ја „изгори“ пресудата за прислушувањето

Мијалков, во две постапки ја тужи државата пред Стразбур. Во едната за, како што се наведува во тужбата, незаконскиот притвор, а во другата за самите кривични предмети, повикувајќи се на дадената аболиција од Ѓорге Иванов. Таму е и предметот со прислушувањето.

На „брза лента“ за застарување „ита“ уште еден предмет на СЈО, „Титаник 2“, кој в година, во април целосно застарува. Ако се случи тоа, на Мијалков ќе треба со буџетски пари да му ги платиме адвокатите што доаѓале на судењата.

Единствениот од сите предмети на СЈО што не застарува така брзо е „Трезор“.

Во меѓувреме, на преиспитување во Апелација се и уште два предмета, во кои тој е обвинет: „Плацови на Водно“, за кој неправосилно доби една година и три месеци затвор и „Тортура“, со кој, Мијалков и полициските „алфи“ беа ослободени од обвинение.

Историја на правни преседани

Исти судии еднаш прифатија, еднаш му ја одбија гаранцијата на Мијалков | Фото: БИРН

Кога станува збор за Сашо Мијалков како човек што има проблем со правдата, настаните исцртуваат историја на правни преседани.

Додека траеше „сапуницата“ со неговото бегство, „пред да се јави од Македонија“, доцна во ноќта се одржа состанок во Владата. Тема беше бегството на Мијалков, а присутен беше и државниот обвинител Љубомир Јовески.

По средбата, со потпис на Јовески, наместо на надлежниот обвинител кој постапува во предметот, беше повлечено барањето за затворски притвор.

Ова, како што велат обвинителите со кои разговараше БИРН, е директен упад во конкретен предмет, спротивно на одредбите од Законот за јавното обвинителство, и никогаш порано не се случило, освен кога предметот е преземен поради нестручно постапување.

Но, не беше само тоа.

Јавноста виде две различни решенија за притвор на исти тројца судии за Мијалков. Разликата беше само во времето. Во јуни 2021 ја одбија, во декември 2021 му ја прифатија гаранцијата и го пуштија да се брани од слобода за 11 милиони евра.

Дали зад овие одлуки стојат византиски игри, знаат само актерите во нив, а граѓаните, како и вообичаено, ќе ја видат само последната сцена.

Никој не пресметал

Државата му одзеде на Мијалков над 30 илјади квадрати | Фото: БИРН

Конфискацијата во „Империја“ е историски најголемата конфискација на имот во Македонија. Ама колку финансиски „тежи“ Мијалков, никој не знае.

Она што е познато, е што точно Мијалков пријавил во Антикорупциската. Тоа, според новинарските извештаи, бил имот од 1,5 милион евра.

Контроверзната „Ексико“, „Панорама резиденс“, „Бет-ком“ и „ССИ Инвестмент“. Тоа се четирите фирми од кои е конфискуван имотoт во предметот „Империја“, за кој, кон средината на септември, се очекува обвинение за другите обвинети.

Пресметката на БИРН покажа дека државата во „Империја“ на Мијалков му конфискувала вкупно над 30 илјади квадрати, од кои, 2.200 квадрати станови и апартмани, над 1.300 квадрати деловен простор, над 20 илјади квадрати земјиште…

Со други зборови, тоа се 28 апартмани, 3 стана, деловни и помошни простории, гаражи, земјиште во Скопје, Охрид, Гевгелија и во Кавадарци.

Осум години и осум месеци директор на УБК

Братучедот на поранешниот премиер Никола Груевски е син на првиот министер за внатрешни работи, Јордан Мијалков, кој загина во сообраќајна несреќа, во 1991 година. Во постарите верзии на веб-страницата на МВР стои неговата биографија. Во државната служба е од 1998, а прв човек на некогашната ДБК, а подоцна УБК, стана во 2006 година. Таму се задржа oсум години и осум месеци, до мај 2015, кога поднесе оставка по настаните во кумановско Диво Насеље.

На улицата Славејко Арсов, од иста зграда, одземени се 16 станови, од кои некои се еден до друг на ист кат.

Сепак, настрана од „успехот“ на Обвинителството за милионскиот конфискуван износ, остана нејасно зошто во овој случај не е применет принципот бруто-конфискација. Тоа значи дека не се конфискува само користа од кривичното дело, туку сè, како што беше во случајот „Труст“ за набавка на механизација на ЕЛЕМ.

И со ова огромно одземање имот во корист на државата, Мијалков ќе остане со солиден имот.

Тој, во Централниот регистар се води како газда на фирмата „Спин-груп ДООЕЛ“, а управител е и во фирмата „Макпоинт“. Им остана семејниот удел од елитниот хотел „Мериот“, за кој отплаќаат кредити во комерцијалните банки, акциите во ЗИК Пелагонија и „Бетон“ од Штип.

Своевремено, опозицијата гласно го прозиваше дека купува и препродава фирми во Чешка, но, според информациите на БИРН, тој таму нема фирма на негово име, затоа што се, или ликвидирани, или тој излегол од сопствеништвото.

Неговиот син Јордан, минатата година на 7 декември, ги отворил фирмите „Јоми инвест“ и „Бест веј инвестмент“ во Чешка.

„Бест веј инвестмент“ во Македонија се занимава со нафта, хотелиерство, игри на среќа, транспорт и развој на инфраструктура.