Регион

Брус Бертон: Темпото на гонење на воените злосторства во БиХ „пребавно“

Сè уште нема обвиненија против неколку илјади осомничени изјави за БИРН, шефот на мисијата на ОБСЕ во БиХ, во заминување, Брус Бертон

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Му препорачавме на државното обвинителство на БиХ, да ги реконституира регионалните тимови што ги има, за да одржи експертиза во одредена област на Босна и Херцеговина. Мислам дека дел од (проблемот) е менаџментот, дел квалитетот на обвиненијата, така што мислам дека тука има проблем“, објасни Бертон.

Тој ја повика БиХ конечно да ја усвои ревидираната државна стратегија за процесирање на воените злосторства, со цел да се забрза процесот на распределување на преостанатите предмети, помеѓу државното и ентитетското ниво.

Според ревидираната стратегија, која Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) ја одобри пред една година, сите предмети на воени злосторства треба да бидат завршени до 2023 година, при што најсложените ќе бидат решавани на државно ниво, а сите други ќе им бидат префрлени на судовите на ентитетско ниво.

Илјадници предмети остануваат необработени, а претходниот рок за нивно комплетирање беше пропуштен во 2015 година.

Денис Звиздиќ, претседател на Советот на министри на БиХ (Владата на БиХ), во јули изјави дека проблемот кој го спречува усвојувањето на ревидираната стратегија се т.н. случаи од „категоријата А“, кои обвинителите на Хашкиот трибунал им ги предале на босанските обвинители, а во кои истрагите не биле  завршени.

Бошњачките политичари го одложуваат усвојувањето на стратегијата, наведувајќи дека треба да има одредено редослед, за да се осигура дека случаите од „категорија А“ ќе бидат приоритет, бидејќи босанското обвинителство не се фокусира на овие предмети.

Сепак, Бертон истакнува: „Нашата анализа покажува дека обвинителството, всушност, процесирало доста вакви предмети (од категоријата А)“.

„Затоа, за нас, нема причина зошто ревидираната стратегија да не се донесе и ние го повикуваме Советот на министри да го стори тоа“, нагласи тој.

Помал број обвиненија за корупција

 

Главниот обвинител на БиХ, Гордана Тадиќ. Фото: БИРН

Бертон, исто така, ја критикуваше работата на судството, во гонењето на случаите на корупција, особено Обвинителството на БиХ и Специјалното обвинителство на Република Српска.

„Тие, всушност, покренаа помал број на обвиненија, особено на високо ниво, отколку некои кантонални обвинители. Во нашиот првичен извештај, дадовме 15 препораки и жал ми е што морам да кажам дека, од тие 15, во 13 не е преземено ништо или е преземено многу малку“, вели тој.

„Јасно е дека довербата во судството е на прилично ниско ниво, а начинот да се подобри тоа е да имате осудителни пресуди на високо ниво, но и да се повикаат на одговорност за своите постапки, лица кои се дел од судството“, додаде тој.

На прашањето, да ја оцени работата на главниот обвинител на БиХ, Гордана Тадиќ, со оглед на лошите резултати во процесирањето на случаите на корупција и воени злосторства, Бертон истакнува дека „проблемите датираат од многу поодамна“, уште пред именувањето на  Тадиќ на сегашната нејзина функција.

„Значи, проблемот не е присутен само во последните неколку години и мислам дека ова укажува на некои подлабоки системски проблеми во обвинителството“, нагласува тој.

Бертон додава оти ВСОС е „несомнено политизирано тело“.

„Во тој поглед, не е можно да се зборува за ВСОС како тело ослободено од политичко влијание. Неодамна, како што знаете, ние, ЕУ и американската амбасада, испративме писмо до ВСОС, во намера да се осврнеме конкретно на прашањата за транспарентноста и одговорноста кога зборуваме за практиките за именување, бидејќи се чини дека тие не секогаш биле засновани на заслугите, потоа на евалуацијата за перформансот на судиите и обвинителите, но и транспарентноста во однос на пријавувањето на имотот (на судиите и обвинителите) – секој да си каже што поседува“, рече Бертон.

Медиумите претходно објавија компромитирачка видеоснимка на Милан Тегелтија, претседател на ВСОС, на која, како изгледа, тој говори за забрзување на судски случај.

Поради ова, против него беше поднесена дисциплинска пријава, но дисциплинската комисија соопшти дека нема надлежност да го санкционира претседателот на ВСОС.

Бертон вели дека секоја таква ситуација „го намалува угледот и предизвикува губење на довербата“ во ВСОС .

„Она што го рековме во врска со господинот Тегелтија и дисциплинскиот совет беше дека правната рамка апсолутно предвидува одговорност за секој член на ВСОС, вклучително и на претседателот, па оттука, за нас, највознемирувачкото прашање во врска со ова беше дисциплинската комисија, која соопшти оти тие се ненадлежни да судат за ова и во таа смисла ова го става господинот Тегелтија над законот, а тоа едноставно не е во ред“, објасни тој.

Генералниот изостанок на јавна доверба во босанското судство е поврзано со недостигот на транспарентност и со тензиите со медиумите, како и со лошите резултати, нагласува Бертон.

„Постои, како што велите вие, тежок однос со некои медиуми. Моето решение во врска со ова, доколку бев на нивно место, би било – ако сакате да ја подобрите таа врска, тогаш едноставно не обидувајте се да се браните и не бранете се кога ве критикуваат, прифатете ги овие критики и направете го тоа на транспарентен начин, разговарајте со медиумите и луѓето кои се на страната на критиките и на тој начин веројатно ќе можете да вратите дел од изгубената доверба“, заклучи Бертон.