Вести

Будисти повеќе од атеисти

Доминантна религија во Македонија и понатаму е христијанската

Доминантна религија во Македонија и понатаму е христијанската. Околу 60 проценти од населението припаѓа на различни верски заедници во рамките на христијанството или во апсолутни бројки тоа се нешто повеќе од милион граѓани, покажуваат податоците од последниот попис спроведен минатата година.

Резултатите од пописот се објавија денеска.

Лани приближно 850.000 граѓани се изјасниле како православни, околу 6.700 се декларирале како католици и нешто повеќе од 1.300 како протестанти. Во резултатите од пописот има и графа насловена само „христијани“ и под неа се нотирани нешто повеќе од 240.000 попишани лица.

Овој податок делува збунувачки зашто во објавените резултати од пописот има посебни графи за најголемите, па дури и за помалите христијански деноминации.

Директорот на Државниот заводот за статистика, Апостол Симовски за БИРН вели дека со таква формулација одговарале граѓаните на прашањето на која религиска заедница ѝприпаѓаат и затоа така биле попишани. Тоа значи дека во овие 240.000 христијани веројатно има припадници на различни верски заедници во рамките на оваа религија.

Втора по големина религиска група се муслиманите. Приближно 591.000 граѓани се декларирале како припадници на исламот, што претставува 32 проценти од целото население.

Атеисти има само 355 лица или 0,02 проценти од целото население, додека како агностици се изјасниле речиси 2.000 лица. Според податоците од пописот од атеистите се побројни и будистите, религија што не е карактеристична за овој дел од светот.

На последниот попис 893 лица се изјасниле како будисти.

За повеќе од 130.00 граѓани нема податоци за религиозната припадност, бидејќи не биле директно попишани. За нив другите податоци во пописот биле земени од административни извори.