Флеш Вести30/03/2022 13:34

Се пребројавме

Бројот на луѓето што живеат во Македонија изнесува 1.836.713, покажаа првите податоци од пописот спроведен во 2021 година, што денеска ги соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Од нив, 58,4 отсто се Македонци, а 24,3 отсто се Албанци. Бројот на нерезидентно население изнесува 260.606 лица.

Ова е првиот попис што го комплетираше државата по 2002 година кога вкупно беа избројани 2.022.547 лица. Операцијата беше одложувана поради кризата со коронавирусот, а се спроведе во септември 2021 година.

Попишувачите вкупно собрале податоци од 2.097.319 лица, а за уште 132.260 граѓани податоците биле преземени од административни извори.

Жените се во поголем број од луѓето што живеат во земјава. Тие се 50,4 отсто од населението, а мажи се 49,6 отсто.

Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3,06.

Најголема општина е Куманово со 98.104 жители, а најмала Зрновци со 2.086 жители. Вкупно 207 села се целосно празни, без ниту еден жител.

Податоците за верската припадност покажуваат дека 46 отсто жители се изјасниле како православни, а 32 како муслимани.

Кога е јазикот во прашање, 61,3 отсто попишаното население се изјаснило дека мајчин јазик му е македонскиот, 24,3 албанскиот, 3,4 турскиот, 1,7 ромскиот итн.