Вести

„Ничија“ зграда исплива од „Плацови на Водно“

Кој е вистинскиот сопственик на двокатницата спроти ЗОИЛ?

Вчерашното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ ги отвори дилемите каде се наоѓа и впрочем чија е зградата во центарот на Скопје, која, според судските сведочења, само формално е во сопственост на Мето Стојчески, зетот на бизнисменот Орце Камчев.

Стојчески вчера пред судот сведочеше во корист на обвинението.

Локација на зградата

Тој ги потврди минатонеделните искази на обвинетите Орце Камчев и Ристо Новачевски дека екс премиерот Никола Груевски го трампал големиот плац на Водно за три стана во градежното здание „Панорама“.

Меѓутоа, ако, според сведочењата, Стојчески ги „чувал“ трите стана од „Панорама“ за Груевски и не ги „чувствувал како свои“, остана нејасно за кого ја „чувал“ зградата долу во центарот на Скопје за која се зборуваше во процесот.

Стојчески само рече дека зградата, исто како трите стана, „не ја чувствува за своја“, и покрај тоа што формално е имот на неговата компанија „ССИ Инвестмент“.

Зградата, според сознанија на БИРН, е всушност поранешниот објект на „Авиоимпекс“ на улицата 11 Октомври и се наоѓа веднаш спроти објектот на ЗОИЛ во центарот на Скопје. Таа е двокатница и има околу 1.300 квадрати, од кои повеќето се всушност деловен простор.

Во Катастар, зградата е запишана како сопственост на фирмата „ССИ Инвестмент“.

Тоа е објект во кој одреден период била сместена фирмата за обезбедување СГС, која се поврзуваше со Сашо Мијалков. Во таканаречените „бомби“ можеше да се слушне, директно преку гласот на Мијалков, дека тој и тоа како имал влијание во оваа фирма, со тоа што во објавениот разговор чувме дека лично одлучувал кој ќе се вработи во СГС.

Името на СГС и денес се наоѓа на влезната врата од деловниот простор сместен на приземјето од оваа зграда.

Некогашното седиште на СГС | Фото: БИРН

Во урбанистичкиот план, на местото од оваа зграда до 2019 година имаше градежна маркичка за поголем објект, осумкатница, меѓутоа Советот на Општина Центар во 2019 го ревидираше ДУП-от и ја врати состојбата на постојното решение.

Во случајот „Плацови на Водно“, првообвинет е Никола Груевски и тој се сомничи дека присвоил 1,3 милион евра од партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ и со тие пари си купил голем недвижен имот за себе.

Покрај екс премиерот, обвинети се неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски и братучедот Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и неговата мајка Ратка.