Анализи

Булинг во училишта: Упатства има, решенија нема

Училиштата остануваат без ефективни решенија за справување со насилството

„Ќе го убијам!“. Ваква била реакцијата на шестоодделенец од Скопје, кој се степал со соученик од кој со години трпел булинг (меѓуврсничко насилство).

Лут и вознемирен, со овие зборови, тој ѝ се пожалил на својата мајка, откако класната го укорила за тепачката иницирана од соученикот со историја на проблематично однесување.

Посебно го погодил неправедниот коментар на наставничката: „Mислев дека ти си доброто дете.“

Мајката, која побара да остане анонимна, за БИРН раскажува дека насилството имало подолга историја. Соученикот уште од второ одделение ги напаѓал повеќето ученици, им ги соблекувал панталоните, момчињата ги удирал во препоните… За тоа се жалеле повеќемина родители.

Прво кај одделенската наставничка, потоа кај класната, кај стариот и  новиот директор, во стручната служба, но сѐ се сведувало на кус разговор со проблематичниот соученик и оправдување „го знаеме детето, родителите не соработуваат“.

„И сега што? Син ми, по долго малтретирање, ми кажува дека сака да го убие? Очигледно има грешка во системот“, револтирана е мајката.

Ова е само едно од стотината сведоштва на родители и наставници што одговорија на прашалникот на БИРН за проблемот со меѓуврсничкото насилство, но и сите други видови малтретирање во училиштата.

На прсти се бројат оние што одговориле дека се задоволни од тоа како бил решен проблемот. Затоа и преовладува впечатокот дека наспроти целиот напредок постигнат во изминатите децении за препознавање на насилството во училиштата, отсуствуваат системски решенија и стратегии за превенција.

Или, како што забележува Ана Попризова, претседателката на Активот на стручни соработници на скопските средни училишта, иако веќе го препознаваме булингот и имаме солидни правилници „останува проблемот со немање ефективна стратегија за справување со него“.

Системот е толку кревок што лесно се урива пред незаинтересираноста или често каприцот на родителите, кои не сакаат да признаат дека проблемот е во нивното дете, неподготвените училишта и неекипираноста на институцијата што треба да им помогне, а не признава дека е неефикасна.

Затоа и училиштата одат по линија на помал отпор и ги ставаат работите под тепих сѐ додека не ескалираат во посериозен инцидент или некој родител не тргне да пријавува по сите можни институции.

Дека системот не функционира, признаваат и луѓето што работат во училиштата. И тие се жалат на „купови документација и нула решение.“

„Родителите најчесто не сакаат да се соочат реално со проблемот што им овозможува на службите да го игнорираат и така останува проблем само за наставниците и соучениците“, коментира вработен во училиште, во анонимниот прашалник на БИРН.

Бројни пријави за насилство

A Boy With Head Down Leaning on a Bookcase

Во три месеци, 15 пријави за булинг до МВР | Фото:Pexels

За да се види обемот на насилството во училиштата, доволно е да се погледнат полициските билтени во кои завршуваат само сериозните инциденти. Од почетокот на оваа учебна година, во три месеци, имало 15 пријави за булинг.

Меѓу овие случаи е и тој во Велес, кога седмоодделенец физички нападнал свој соученик, кој завршил со скршеница на черепот.

Истото го потврдуваат и бројните истражувања, меѓу кои и тоа на народниот правобранител, кое покажа дека основците се најпогодени при што речиси половината од нив изјавиле дека биле жртви на некој вид насилство во училиштата.

Кога насилството е детектирано, независно дали се работи за физички напад, навреди, исмевања, изолација… треба да се реагира, но тука почнуваат проблемите.

Училиштата, најголемиот проблем го имаат кога родителите на децата насилници не сакаат да го видат проблемот и да соработуваат со службите за тој да биде надминат. Или уште полошо, ако фаќаат врски за сѐ да се забошоти.

Според постоечките упатства и правилници, училиштата имаат на располагање низа педагошки мерки, организирање работилници, советувања, при што помош може да побараат од многу институции, од МВР и од невладините, сѐ до центрите за социјална работа. Посебно е детално упатството за основно образование, донесено во 2020 година, каде на 50-тина страници детално се појаснуваат постапките.

Но, она што е ставено на хартија, тешко се пресликува во реалноста.

„Не можеме ништо да сториме ако не се согласи родителот“, тврди наставничка за БИРН.

И самата била жртва на насилство. Од родител, кој сметал дека лошо го оценила неговото дете. Не пријавила во полиција, за што се кае. По некое време, истиот родител физички нападнал нејзин колега. Училиштето го прикрило целиот инцидент.

Кога родителот е незаинтересиран или одбива соработка, тогаш на помош би требало да се вклучи Педагошката служба при МОН.

Службата учествува во советувањата на родители, чии деца несоодветно се однесуваат на училиште, изготвуваат стручни мислења, предлагаат мерки за надминување на конфликтот, предлагаат прекршочни пријави ако родителот е незаинтересиран, ги тестираат вработените во училиштата за тоа колку се подобни за работа со деца…

Но, целиот товар паѓа на еден раководител и на уште двајца помошници во службата, која треба да следи што се случува во повеќе од 1.000 македонски училишта.

„Се трудиме да одговориме на сите“, уверуваат оттаму, иако признаваат дека треба да се доекипираат.

Инсистираат дека проблемите се решаваат на ниво на училиште, бидејќи „покрај толку обуки, кадарот мора да е подготвен за справување со насилството“.

Пријави насилство
До Педагошката служба на МОН стигнуваат и анонимните пријави за насилство од мејловите на МОН ([email protected] и [email protected]), кои беа отворени лани, откако во основно училиште во Србија, ученик застрела десет лица.

Според последната евиденција што ја имаат, онаа за учебната 2022/2023, во училиштата се одржале 250 советувања поврзани со несоодветно однесување на ученици (73 во средно и 190 во основно).

Истиот период, Педагошката служба на МОН изготвила само шест стручни мислења, со кои дале насока за постапување во конкретен случај.

„Училиштата не пријавуваат“, се правдаат оттаму.

Попризова, која веќе две децении работи и како училишен психолог, вели дека најтешко е кога се работи за ученици со историја на повторувачко проблематично однесување, а постоечките мерки не даваат ефект.

„Потребна е сериозна работа со овие ученици, поддршка и од институции надвор од училиштата, но многу често училиштата се оставени сами на себе“, искрена е таа.

Училишта што (не)работат во најдобар интерес на детето

Трнлив пат за родителите кои се обидуваат да истераат правда по институционален пат | Фото:БИРН

Понекогаш, кога проблемите ескалираат, родителите решаваат сами да ја истераат правдата по институционален пат. Докажувањето на вината во вакви случаи оди тешко, па целата постапка главно се сведува на собирање изјави и административни проверки за тоа како е водена евиденцијата во училиштето.

„Ми го уништија детето“, револтиран е Аслан Муслиу, татко на матурантка од Тетово, која е една од најдобрите ученички во класот.

Тој раскажува дека откако лани, на родителска средба се спротивставил на навредите од професорка за неговото дете, сѐ тргнало на полошо. По овој настан, неговата ќерка била изолирана од речиси целиот клас, вклучително и од професорката, а залудни биле нивните обиди да најдат решение со разговори во училиштето.

Затоа почнале да пријавуваат по другите институции, кои мислеле дека ќе им помогнат, инспекторат, МВР, омбудсман…Повеќето ги отфрлале неговите наводи и сѐ се прекршило врз грбот на детето.

Проблемот, како што раскажува за БИРН неговата ќерка, ескалирал кога училиштето не ѝ дозволило да оди со другите деца на годишната екскурзија.

„Беше многу тешко. За многу краток период, без никаква вина, мојот живот целосно се смени. Не одев на училиште некое време, откако се вратив, мислев дека сѐ ќе биде подобро, но не излезе така. Сѐ уште продолжува притисокот, но уште малку ми остана до крајот на годината. Трпев до сега, ќе трпам уште малку“, раскажува матурантката.

БИРН стапи во контакт со директорот и психологот од тетовското училиште. Оттаму не сакаат да го коментираат случајот, со образложение дека сѐ уште се работи на него.

Лани, на пример, до народниот правобранител стигнале девет, а годинава уште седум претставки од родители за несоодветно однесување или за насилство врз децата од страна на вработен во училиштето или наставник. Меѓутоа, како што појаснува правобранителот, во најголем број од нив, не успеале да ги потврдат наводите.

Проблемот најголем меѓу основците
До народниот правобранител, во 2023 година стигнале 17 претставки за булинг, од кои со исклучок на една, сите биле за основно образование. Годинава добиле уште осум. Најчесто испраќачи биле родители на деца-жртви.

Поради сево ова, многу родители во грч ги пуштаат своите деца на училиште, кои стануваат жртви на еден систем, кој како да се обидува само да ги протурка низ нивното образование. Некои родители, огорчени од сите случувања, некаков успех постигнале токму со пријавувања надвор од училиштето.

Највпечатливо можеби е искуството на Емилија Кочова. Како мајка, тогаш на  третоодделенец од Аеродром, останала занемена кога во родителската вибер-група, прочитала дека четири девојчиња од одделението терале соученик да ги бакнува веце-школките во училишниот тоалет.

Шокот бил поголем кога дознала дека се работи за нејзиниот син, кој уште од прво одделение бил мета на потсмев бидејќи не знаел да пишува и имал забавен моторички развој.

Кочова веднаш реагирала во училиштето, кое, пак, организирало работилница со децата од одделението, активност што е предвидена и во  упатството за справување со насилство во основните училишта. Но, наместо да помогне, работилницата само ги влошила работите.

„Кога го зедов, тој се тресеше, беше истрауматизиран. Триесет деца, наставничката, психологот, пред него разговарале за тоа – какво дете е тој“, објаснува мајката.

Бидејќи било јуни, синот го повлекла од училиште, добро размислила и случајот го пријавила во Комисијата за заштита од дискриминација. Во претставката образложила како училиштето потфрлило во поддршката на детето, кое било жртва на тежок булинг.

Од Комисијата потоа утврдиле дека наставничката и психологот дополнително го вознемириле ученикот и дозволиле да биде жртва.

И покрај ваквата одлука, Кочовска вели дека училиштето не сторило ништо за во иднина да превенира вакви случувања.