Регион

Дафимент „не увезувала оружје за СДБ“

Радивоје Мичиќ, сведочи пред судот во Хаг. Фото: Твитер/@unirmct.

Поранешниот оперативец на СДБ, Радивоје Мичиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), изјави дека контроверзната бизнисменка, Дафина Милановиќ, која водела банка по принципот на пирамидално штедење, не му дала пари на обвинетиот, Франко Симатовиќ Френки, ниту пак му помогнала да увезе оружје и авиони во 1993 година.

Мичиќ рече дека Милановиќ, чија банка „Дафимент“ ги проневерила парите од штедачите и банкротирала, била под надзор на СДБ.

Во еден од извештаите на службата за Дафина Милановиќ, е цитирана нејзината изјава, во која таа вели дека не му верува на Симатовиќ, ниту пак Симатовиќ нејзе ѝ верува.

„Таа рече дека не е фер, затоа што во еден момент, таа, наводно, увезла две камиони со опрема, шлемови, непробојни прслуци и ноќни нишани од Австрија, како и два авиони од САД, за потребите на Френки, и всушност опремила 5.000 негови луѓе“, се вели во извештајот на СДБ.

Мичиќ бил еден од авторите на извештајот, но истакна дека не им верувал во нејзините тврдења. Сепак, обвинителот истакна дека Мичиќ не ги потврдил соодветно фактите.

„Позицијата на обвинителството е дека никогаш не сте презеле никакви чекори за да ги потврдите овие информации, затоа што тоа не би му одговарало на господинот Симатовиќ, и вие штотуку го измисливте вашето сведочење за ова прашање, за да го доведете Советот во заблуда, во врска со точноста на изјавите на госпоѓа Милановиќ, за господинот Симатовиќ, нели?“, праша обвинителот.

Но, Мичиќ одговори оти не било можно да се внесат оружје и авиони, како што тврди Милановиќ, без тоа да биде запишано во официјалната евиденција, а не било запишано.

„Во тоа време, тие (СДБ) имаа своите луѓе на аеродромот, трајно стационирани таму, можеa да се проверат некои информации“, рече сведокот.

Поранешниот директор на СДБ, Јовица Станишиќ, и неговиот заменик, Франко Симатовиќ, се обвинети дека биле протагонисти на здружен злосторнички потфат, предводен од српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, чија цел била отстранување на Хрватите и на Бошњаците од големи делови на Хрватска и на БиХ, заради воспоставување на етнички чиста српска држава.

Обвинението ги товари дека организирале формирање на специјални единици на СДБ и на други сили, за војување во Хрватска и во БиХ, меѓу 1991 и 1995 година. Симатовиќ беше првиот командант на Eдиницатa за специјални операции на СДБ, позната како „Црвени беретки“.

Станишиќ и Симатовиќ првично беа ослободени во 2013 година, но оваа одлука беше поништена во жалбена постапка и беше наложено ново судење. Обајцата повторно се изјаснија за невини, кога во декември 2015 година започна обновениот судски процес против нив.

Станишиќ се наоѓа на привремена слобода од јули 2017 година, поради здравствени причини.

Банката „Дафимент“ на Дафина Милановиќ, работеше од октомври 1991 до средината на 1993 година, кога пропадна. Според проценките направени по нејзиното затворање, банката им остана должна на своите штедачи околу 150 милиони евра.

Милановиќ почина во Белград во септември 2008 година, пред да биде завршен судскиот процес што се водеше против неа, за организирање на нелегална шема на пирамидално штедење.

Судскиот процес против Станишиќ и Симатовиќ продолжува.