Регион

Жртвите загрижени од исходот на жалбите на пресудата на Ратко Младиќ

Со советот сега претседава судијат која претходно во Хаг има донесено одлуки, со кои се оспорува геноцидот во Сребреница

„Тој нè виде. Го видов и јас, и тој крена рака, мавна со неа … И тие заминаа кон Поточари, а јас повеќе не го видов“, се сеќава Малагиќ.

Таа, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), сведочеше во четири предмети – против Радислав Крстиќ, Радован Караџиќ, Здравко Толимир и Ратко Младиќ.

Мирсада сега ја чека конечната пресуда на Младиќ, бидејќи во јули 1995 година, таа лично го видела поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), во Поточари.

„Знаете што би значело да го прогласат за виновен? Тоа би значело голема победа“, потенцира таа.

Мирсада е една од жртвите која со страв го чека излагањето на жалбите на одбраната и на обвинителството на пресудата, закажано за 17 и 18 март годинава.

Во 2017 година, Младиќ беше осуден на казна доживотен затвор за геноцид во Сребреница, за прогонства низ БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Одбраната сака, во жалбената постапка, Младиќ да биде ослободен, додека обвинителството се надева дека тој ќе биде осуден и за геноцид извршен во неколку други општини во Босна и Херцеговина, во 1992 година.

Семејствата на жртвите се загрижени дека смената на судиите на Жалбениот совет, може да влијае на пресудата. Со советот сега претседава судијата, Приска Матимба Нијамбе, која претходно во Хаг има донесено одлуки, со кои се оспорува геноцидот во Сребреница.

Таа, во предметот против поранешниот висок офицер на ВРС, Здравко Толимир, имаше издвоено мислење, со што ги доведе во прашање заклучоците за неговата одговорност и карактерот на злосторствата, генерално.

Смена на „пристрасните“ судии

Миодраг Стојановиќ, еден од адвокатите на Ратко Младиќ. Фото: БИРН.

Еден од оние што го преживеале геноцидот, а кој како новинар ги следел хашките процеси и сега е директор на Меморијалниот центар Поточари, Емир Суљагиќ, вели дека постои „основа за загриженост“.

„Во Жалбениот совет на Младиќ се луѓе кои претходно имале малку поинакво мислење во однос на главниот тек на правното мислење на Трибуналот или се тоа луѓе кои никогаш не биле во контакт со поранешна Југославија“, вели Суљагиќ.

Сепак, како што истакнува, треба да се има предвид дека зад Трибуналот има „планина на јуреспруденција“ и судски одлуки, што ќе има силно влијание врз пресудата на Младиќ.

„Секоја одлука, која не би била во согласност со претходните пресуди, со претходната судска политика на Трибуналот, ќе биде драстична, радикална и прилично револуционерна“, нагласува Суљагиќ.

Покрај судијата Нијамба, во Жалбениот совет има уште тројца нови судии, кои ќе ја донесат својата конечна пресуда до крајот на оваа година. До смената дојде откако Хашкиот трибунал го прифати барањето на адвокатите на Младиќ, да ги исклучи тогашните тројца судии од жалбената постапка, поради нивна наводна пристрасност.

Судиите Теодор Мерон, Кармел Агиус и Лиу Даќун беа исклучени, со образложение дека во претходни предмети, носеле одредени заклучоци во врска со Младиќ.

Еден од адвокатите на Младиќ, Миодраг Стојановиќ, за БИРН изјави оти тие „се радувале“, кога одлуката била објавена.

„Аргументите што ги користевме се однесуваа, пред сè, на фактот дека овие тројца членови на советот, претходно постапувале во други предмети, во кои се расправало за настани во и околу Сребреница“, објасни Стојановиќ.

Судиите во тие предмети ги прогласија обвинетите за виновни за  учество во заеднички злосторнички потфат, на чие чело, меѓу другите, бил и Ратко Младиќ. Стојановиќ објаснува дека поради ова, адвокатите на Младиќ „сметаа дека судиите може да имаат предрасуди во неговиот случај“.

Правниците и истражувачите сметаат дека е нелогично судиите да бидат исклучени поради претходно донесени одлуки, со кои ги осудиле подредените на Младиќ, а да биде назначена судијата Нијамба, и покрај нејзината позиција во случајот Толимир.

Професорот по меѓународно кривично право, Енис Омеровиќ, вели дека оваа одлука на судијата Жан Клод Антонети е „правно спорна“, додека истражувачот, Хикмет Карчиќ, ја смета за „правен  нонсенс“.

„Имаме ситуација кога Антонети тврди дека одредени судии се пристрасни затоа што изрекле осудителни пресуди во претходни судски процеси, но дека судијата Нијамба е непристрасна, иако таа го ослободи Толимир од одговорноста за учество во злосторства“, нагласи Карчиќ.

„Ќе ги стигне раката на правдата“

Мирсада Малагиќ, чии членови на семејството биле убиени во јули 1995 година. Фото: БИРН.

Досега вкупно 40 лица се осудени на повеќе од 610 години затвор и четири доживотни казни затвор, за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница. И покрај овие пресуди, негирањето на геноцидот во Сребреница продолжува и во БиХ, и надвор од неа.

Досега, во БиХ, повеќе пати беше предложено да се донесе закон за забрана на негирањето на геноцидот, но ова никогаш не доби поддршка од законодавниот дом.

Пресудата на Младиќ најверојатно нема да го смени мислењето на политичките лидери на Република Српска и на Србија, кои остро негираат дека масакрите во Сребреница се геноцид.

Но, за Мирсада Малагиќ, чии членови на семејството биле убиени во јули 1995 година, осудителната пресуда на Младиќ, засекогаш би била потсетник за другите.

„И другите луѓе, кои само би помислиле да го сторат истото, да знаат дека ќе ги стигне раката на правдата … Тоа за мене ќе значи таа пресуда“, вели Малагиќ.