Регион

Дали црногорската резолуција за Сребреница ја „стигматизира“ Србија?

Местото на кое што се закопани жртвите од Сребреница. Фото: Викимедиа; Мајкл Букер

Одлуката на Црна Гора за усвојување на парламентарна резолуција за забрана на негирањето на геноцидот во Сребреница, предизвика незадоволство во Република Српска и во Србија, а српските власти побараа и дипломатски одговор.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека усвојувањето на резолуцијата, со која масакрите во Сребреница се признаваат како геноцид, „остава стигма на целиот народ“.

„Мене ме интересира, на нашиот народ, а јас сум претседател на Србија, каде живеат најголем број Срби … да му кажам да ја крене главата и дека тоа што некој имал намера да ги жигоса сите, велејќи дека не сака тоа да го стори, дека поединци се виновни – но, тогаш зошто не ги спомнавте имињата на тие поединци, кога веќе зборувате за поединци?. Вие намерно сакавте да му ја оставите стигмата на целиот народ“, изјави Вучиќ за медиумите во Србија.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора, ги демантираше овие тврдења со соопштение, во кое се наведува дека резолуцијата „не е и не може во никој случај да биде насочена ниту против некој народ, ниту против некоја држава, а најмалку против српскиот народ и Република Србија. Не постојат геноцидни народи, туку само поединци, што е јасно и експлицитно речено во текстот на овој документ“.

БИРН ја анализираше резолуцијата усвоена од црногорскиот парламент и заклучи дека во неа не стои ништо во врска со тоа кој го извршил геноцидот, ниту пак дека Србија или српскиот народ се сметаат за одговорни.

Што, всушност, се вели во резолуцијата

Резолуцијата, што ја усвои црногорскиот парламент, која има осум точки, „најостро го осудува геноцидот во Сребреница“ и „потврдува дека геноцидот се случил на територијата на Европа по Втората светска војна, во кој настрадаа над 8.000 цивили од бошњачка националност“.

Во третата точка не е наведено дека резолуцијата издвојува или обвинува некој народ за геноцидот.

Напротив, оваа точка од резолуцијата „ги осудува обидите да се припише одговорност или вина на српскиот, бошњачкиот, хрватскиот или кој било друг народ за геноцидот, злосторствата против човештвото или другите злосторства, бидејќи одговорноста може да биде само индивидуална и ниту еден народ не може да биде етикетиран како геноциден или злосторнички“.

Со документот се поддржува прогласувањето на 11 јули, кој се смета за датум на почетокот на масакрот во Сребреница во 1995 година, како Ден на сеќавањето на жртвите од Сребреница, и се повикуваат државните институции „да спроведат истраги и да ги процесираат обвинетите за геноцидот во Сребреница, воените злосторства и злосторствате против човештвото“.

Споредба на декларацијата на Србија и резолуцијата на Црна Гора

Кога станува збор за масакрите во Сребреница, Србија во март 2010 година усвои декларација, во која, за разлика од резолуцијата на Црна Гора и на Европскиот парламент од 2015, 2009 и 2005 година, не се користи зборот „геноцид“ – затоа што Србија официјално не ги признава злосторствата од јули 1995 година, како дело на геноцид.

Така, во српската декларација се вели дека „најостро се осудува злосторството извршено врз бошњачкото население во Сребреница во јули 1995 година, на начин утврден со пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.

Меѓународниот суд на правдата, со седиште во Хаг, во февруари 2007 година донесе одлука дека злосторствата во Сребреница, се чин на геноцид, и дека, иако Србија не е одговорна за неговото извршување, таа не ја исполнила својата обврска за спречување и казнување на геноцидот.

Резолуцијата на Црна Гора доаѓа во чувствително време, кога Ратко Младиќ, воен командант на Војската на Република Српска и главен извршител кој вршеше надгледување на масакрите во Сребреница, беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница и за други воени злосторства извршени за време на војна во Босна и Херцеговина, 1992 -1995 година.