Вести

Денови нѐ делат од Северна Македонија

Владата наскоро ќе почне постапка и за менување на таблите | Фото: БИРН

Парламентот во Атина ќе го разгледува и ќе го гласа протоколот за македонското пристапување кон НАТО в петок, јави грчката државна новинска агенција АНА-МПА, пренесувајќи изјава на парламентарниот претседател Никос Вуцис. Со тоа, договорот од Преспа ќе стапи во сила, со што Република Македонија набргу и официјално ќе се преименува во Република Северна Македонија. Утре, постојаните претставници на 29-те земји-членки на НАТО ќе го потпишат протоколот за зачленување на земјата, на церемонија на која ќе присуствува и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров. За полноправно членство, протоколот треба да го ратификуваат сите членки. Грција ќе биде првата што ќе го стори тоа, веќе в петок.

Портпаролот на македонската влада, Миле Бошњаковски, за БИРН изјави дека по ратификацијата во Атина, двете земји ќе испратат писмо до Генералниот секретар на Обединетите нации дека се надминати разликите, и со тоа договорот во Преспа ќе стапи во сила.

„Не можеме да прејудицираме со датум, но очигледно зборуваме за денови“, рече Бошњаковски.

Портпаролот додаде дека меѓуресорското тело за спроведување на одредбите од договорот е веќе формирано и владата наскоро ќе објави кога тоа ќе почне со работа. Одлуката за да се основа ова тело беше донесена на минатонеделната владина седница, а задачата му беше доделена на владиниот Генерален секретаријат.

Владата на истата седница одлучи дека во рок од седум дена откако договорот ќе стапи во сила и откако уставните амандмани ќе почнат да важат, ќе почне процедури за ги смени таблите и натписите на државната граница, граничните премини, државните институции и на дипломатско-конзуларните претставништва, што ќе се изврши во разумен рок, бидејќи треба да се извршат набавки. Ќе се испрати препорака тоа да го сторат и општините. Исто така, и службите за односи со јавноста на државните и јавните институции ќе добијат насоки да го употребуваат новото име на државата.