Судот на Босна и Херцеговина, го осуди, Среќко Аќимовиќ, за учество во геноцидот, со помагање во притворањето и убиствата на повеќе од 800 Бошњаци од Сребреница, во јули 1995 година.
Силите на босанските Срби ги држеле заробените мажи во училишната зграда во селото Роќевиќ, кај Зворник, а потоа ги убиле на брегот на реката Дрина, кај Козлук.
Аќимовиќ беше прогласен за виновен, дека како командант на вториот баталјон на зворничката бригада на ВРС, од 14 до 16 јули 1995 година, свесно им пружил помош на членовите на заедничкиот злосторнички потфат, чиј план бил затворање, егзекуција по кратка постапка и закопување на Бошњаците од Сребреница.
Планот на заедничкиот злосторнички потфат вклучувал и присилно преместување на жените, децате и старите лица од Сребреница, се вели во пресудата.
Објаснувајќи ја пресудата, судијата Станиша Глухајиќ рече дека, надвор од разумно сомневање, е докажано оти Аќимовиќ „свесно пружил помош во извршувањето на планот, односно извршувањето на геноцид врз Бошњаците“.
„Обвинетиот бил свесен дека ќе бидат убиени, и тој потоа свесно извршил дејанија за спроведување на планот за извршување на геноцидот“, истакна Глухајиќ.
„Постапувајќи по наредбата што ја добил од командата на зворничката бригада, обвинетиот обезбедил муниција и дал наредба за пренесување на затворениците на брегот на Дрина во Козлук, каде биле убиени по кратка постапка, на локација на која се вадел чакал и потоа биле погребани. На тој ден, на 15 јули 1995 година, биле убиени 818 мажи од Сребреница“, додаде судијата.
Убиените затвореници потоа беа закопани во песочни вдлабнатини на брегот, нагласи Глухајиќ. Тие биле идентификувани дури откако биле ексхумирани нивните тела.
„Обвинетиот не го смислил планот, но бил свесен за судбината на затворениците. Неговиот придонес не беше клучен, но бил значаен“, рече судијата.
По заземањето на Сребреница во јули 1995 година, силите на босанските Срби, во серија масакри, убија повеќе од 7.000 мажи и момчиња Бошњаци – злосторство класификувано како геноцид од босанските и од меѓународните судови.
Денешната пресуда е првостепена и може да се обжали.
Судот на Аќимовиќ му наложи и мерки на забрана- забрана за патување надвор од БиХ, одземање на важечките патни документи и обврска секој понеделник да се јавува во полицијата во Козлук.
„Обвинетиот е особено предупреден дека може да му биде одреден притвор, доколку не ги почитува мерките на забрана“, заклучи Глухајиќ.