Регион

Хрватска ќе спроведе истрага против генерал на ХВО

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Златан Мијо Јелиќ. Фото: БИРН.

Окружното обвинителство во Загреб го презеде кривичното гонење на Златан Мијо Јелиќ, кој е обвинет дека како генерал на ХВО, извршил злосторства врз бошњачки цивили, потврдија за БИРН од Судот на Босна и Херцеговина.

„На 2 октомври, Судот на БиХ доби известување дека на 8 јули, Окружното државно обвинителство во Загреб, го презело кривичното гонење на обвинетиот, Златан Јелиќ“, велат од Судот на БиХ.

Овој суд побара од хрватските власти да го преземат случајот, бидејќи обвинетиот живее во Хрватска.

Обвинителството на БиХ го товари Јелиќ, дека во својство на командант на Првиот работен баталјон на воената полиција на ХВО, командант на Првиот леснојуришен баталјон на воената полиција на ХВО и командант на одбраната на Мостар, кој ги контролирал сите единици во градот, учествувал во организирање и спроведување на широк и систематски напади врз бошњачкото цивилно население во општината Мостар.

Извршените злосторства вклучуваат етничко чистење, незаконско лишување од слобода, водење на мажи на присилна работа на фронтот и како човечки штит, злоставување и тортура на затвореници, и присилен прогон и преместување на жени, деца и стари лица, се наведува во обвинението.

Јелиќ е обвинет за злосторство против човештвото, но, како што претходно соопштија од Судот на БиХ, со оглед дека ова кривично дело не постои во хрватскиот закон, обвинението се враќа во фаза на истрага.

Јелиќ беше и генерал во хрватската војска. По војната, тој стана командант на Првиот хрватски гардиски корпус на војската на Федерацијата БиХ, но беше суспендиран од командантот на стабилизациските сили на НАТО, СФОР, заради кршење на етиката.

Потоа стана прв човек на фудбалскиот клуб, Широки бријег, и член на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на БиХ.

Тој ја напушти БиХ во 2012 година и се пресели во Хрватска, чие државјанство поседува.

Неговиот случај е еден од десетиците случаи во кои властите на БиХ бараат гонење на лица осомничени или обвинети за геноцид или воени злосторства, кои сега живеат во Хрватска или во Србија.

По повод одбележувањето на 25-годишнината од операцијата на хрватската војска, „Бура“, претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, одлучи да додели одликувања на неколку единици. Едно од одликувањата го презеде Јелиќ.

Милановиќ, на критиките што пристигнаа од БиХ по тој повод, за весникот „Вечерњи лист“, изјави дека тој одликувал „единици, а не поединци“.