Регион

Илија Јуришиќ доби отштета од Србија

Илија Јуришиќ. Фото: Н1.

Србија му исплати 53.950 евра отштета на Илија Јуришиќ, откако белградскиот суд го ослободи од обвинението дека наредил напад на колона војници на ЈНА, која, во мај 1992 година, се повлекувала од Тузла.

Јуришиќ поднесе тужба против Србија во јуни 2017 година, со која побара исплата на отштета за времето од три и пол години поминато во притвор, по апсењето во Белград, каде му се судеше за воени злосторства.

Одлуката за исплата на отштетата, за „претрпена душевна болка поради неосновано лишување од слобода“, ја донесе Апелацискиот суд во Белград, во септември 2019 година.

На адвокатскиот тим на Јуришиќ му беше исплатена накнада за водење на судската постапка, во износ од 91.000 евра.

Сопругата на Илија, Стоја Јуришиќ, потврди дека парите се уплатени на сметката на нејзиниот сопруг.

„Ова е мала сатисфакција за сите мачења низ кои помина Илија, но за жал, неговото здравје не може да се врати со никаква сума пари“, нагласи таа.

Јуришиќ беше уапсен во 2007 година на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Обвинението го товареше дека како висок офицер на Станицата за јавна безбедност Тузла, дал директна наредба за напад на колоната војници на ЈНА.

Обвинителството тврдеше дека претставници на ЈНА и на Босна и Херцеговина, договориле мирно повлекување на армијата од касарната во Тузла, но, босанската страна го прекршила договорот и отворила оган врз војниците на ЈНА. Според судот, во тој напад биле убиени околу 50 војници.

Првично, Јуришиќ беше осуден на 12 години затвор, но беше ослободен во април 2016 година поради недостиг на докази.

Во интервју за БИРН во 2018 година, Јуришиќ рече дека „му е најмило (во врска со ослободителната пресуда) што со чист образ можев да излезам пред моите сограѓани и соседи“.

Ивана Жаниќ, извршна директорка на Фондот за хуманитарно право од Белград, за БИРН изјави оти смета дека отштетата е превисока.

„Србија, за постапката против Јуришиќ, плати исклучително висока отштета, што е надвор од памет, ако земеме предвид дека жртвите на тортура и на разни други повреди на човековите права, кога ќе добијат пресуда, добиваат и отштета од само неколку илјади евра“, вели таа за БИРН.

Од друга страна, Синан Алиќ, претседател на фондацијата „Вистина, правда, помирување“, која ги следи судењата поврзани со Тузла и беше вклучена во судскиот процес на Јуришиќ, нагласува дека надоместокот е несоодветен.

„Илија Јуришиќ беше донесен скоро до смрт со тортурата во Белград. Тој се разболе во тој притвор, за тие три и пол години додека беше неосновано затворен, а потоа му беше даделена некаква парична цркавица“, нагласи Алиќ за БИРН.