Три, седум и девет години. Ова се поединечните затворски казни што ги добија сите тројца обвинети во предметот „Рекет“, за незаконско посредување на Бојан Јовановски преку ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, во случајот „Империја“.
Со тоа, вкупната неправосилна затворска казна во овој случај е 19 години, од кои, на најмалку, односно три по признание на вина, е осуден посредникот Зоран Милевски-Кичеец. Седум години доби Јанева. Тие беа обвинети за по едно кривично дело.
Бојан Јовановски, како првообвинет, ја доби највисоката казна од 9 години за две кривични дела „примање награда за противзаконско влијание“ и „перење пари“.
Во казната се засметува и времето што Јовановски и Јанева го поминаа во притвор, односно во куќен притвор, а тоа се 10 месеци, т.е. една година.
Некогашните пријатели Јанева и Јовановски, пресудата ја слушнаа од различни места: таа на нејзино барање од дома, а Боки 13 во живо. Тие, до правосилноста на пресудата, ќе останат во притвор и во домашен притвор.
Со тоа, неправосилно заврши мегааферата што ја потресе јавноста и му стави клуч на СЈО. Судењето траеше половина година. Беа одржани вкупно 36 рочишта, сослушани 30 сведоци и изведени 270 докази.
Ана Камчева со адвокат ја слушаше пресудата
9.30 часот. Пред големата сала на Врховниот суд почнаа да се собираат новинари, сниматели и фоторепортери за да ја чујат пресудата за „предметот на деценијата“ – „Рекет“. Посебниот протокол за заштита од корона вирусот, кој предвидува носење маски на лицата, почитување на физичкото растојание, мерење температура пред влезот, беше доследно применет.
Прва во салата влезе судската полиција, а по нив, тројцата поротници што им судеа на Катица Јанева и на Бојан Јовановски – Боки 13, заедно со двете судијки. На влезот на судот чекаа сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана Камчева, заедно со адвокатот што го застапува нејзиниот сопруг во предметот „Империја“, Антонио Апостолски. Тие влегоа во судницата заедно со новинарите и седнаа на последните седишта.
Потоа со обезбедувањето се појави шефицата на Обвинителството, Вилма Русковска. Кратко потоа, во костум и марама, со заштитен визир и ракавици на рацете, од затворот во судот го спроведоа обвинетиот Бојан Јовановски, кој носеше хартиена кеса со брендот „Томи Хилфигер“.
Судењето, без присуство на Јанева, почна со 20-минутно задоцнување. Судијката Васка Николовска-Масевска, на почетокот опиша како ја примила веста дека ќе го суди овој предмет.
„Веста ја примив со голема тежина, поради тоа што пред мене на обвинителната клупа се наоѓаше довчерашната колешка по професија“, рече судијката и појасни дека граѓаните гледале надеж во СЈО, како повисоко ниво во правосудниот систем.
Притисокот ѝ наложил нов, како што рече, невообичаен пристап и си поставила цел во постапката да ѝ биде транспарентноста.
„Да покажам дека правдата е еднаква за сите, да ја вратам барем малку довербата во правосудниот систем. Правдата може и ќе биде задоволена“, рече судијката, дообјаснувајќи дека процесот е специфичен поради штетата што ја нанел на довербата во правосудните органи.
По објавата на пресудата, судијката се мачеше да ги допрочита правилно сите брендови на гардероба што треба да се конфискуваат од обвинетиот Јовановски ако пресудата стане правосилна.
Тој, пак, ја слушаше објавата на пресудата со високо крената глава и насмеан, сè до самиот крај, кога во негов манир рече дека станува збор за политичка пресуда.
„Јас овој ден ќе го прогласам за ден на политичката кампања. Донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа земја барајте ги кај Вице и Зоран Заеви, а не кај Бојан Јовановски“, рече тој пред присутните.
Судијката, цитирајќи го обвинението речиси во целост, рече дека Јовановски влијаел врз Јанева за да се изврши кривично дело, кое не би смеело да се изврши во предметот на СЈО „Империја“ и да му ја олесни положбата на Орце Камчев. За возврат, од Ана Камчева добил пола милион, а од нејзиниот сопруг еден милион евра.
Јанева, пак, иако не смеела, соопштувала доверливи информации од истрагата и дала позитивно мислење за Камчев да биде пуштен во домашен притвор. Тоа во говорот на судијката беше оценето како „криминалитет на белите јаки“ и потенцира дека обвинетата фрлила сомнеж врз моралните вредности и ја урнисала надежта на граѓаните во правдата.
Конфискација
Во пресудата е нотирано дека од Бојан Јовановски се конфискуваат 12.590 евра во различни апоени, 100 американски долари, 680 српски динари, 10 денари, мебел, теписи, лустери, чанти, аксесоари, накит, 13 уметнички слики…
Од Јанева се конфискуваат 50 илјади евра, со кои таа беше фотографирана во нејзиниот дом. Но, јавноста не слушна дали ќе ѝ биде конфискуван и мебелот што таа наводно го добила како корист во случајот.
„Бојан Јовановски се ослободува од обвинение став 2, делото за кое се обвинува“, стои во изреката на пресудата. Тоа значи дека за него не е докажано дека перел пари порано, како што пишува во прецизираното обвинение, односно од ноември 2017 до ноември 2018 година, туку само во периодот ноември 2018 до април 2019 година.
Појаснувајќи ја одлуката на петчлениот совет, беше нагласено дека Јовановски е со средно училиште, невработен, безимотен, со блокирани сметки, но трошел на големо и се луксузирал по ресорти и хотели.
„Жалителот имал средства, чие потекло не може да се утврди“, кажа судијката и заклучи дека никој не може да се збогати со чинење кривични дела.
Обвинетите и Обвинителството имаат право на жалба од приемот на пресудата во рок од 15 дена до Апелациониот суд.
Но, додека ја чека пресудата, Бојан Јовановски треба да се подготви за ново судење, бидејќи на први јули во судница влегува процесот „Рекет 2“, каде што тој е обвинет за „измама“ и „перење пари“ преку работата на организацијата „Меѓународен сојуз“, заедно со неговиот татко, екс потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, Јасна Мандиќ и Христина Блажевска.
Сосема на крајот, Русковска, барајќи притвор за Јанева до правосилноста на пресудата, откри и дека против неа води предистражна постапка за злоупотреба на службената положба и овластување.