Вести

Прв извештај на Антикорупциска за сработеното

ДКСК во извештајот се оценува како успешна и ги нотира отворените проблеми

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Успешен почеток. Ова е оценката што членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата си ја дале за првите 10 месеци од своето функционирање во првиот извештај за својата работа.

Новиот состав на ДКСК, кој доби зголемени и зајакнати ингеренции, беше избран во февруари 2019 година. Заклучно со декември лани, во првиот извештај со 114 страници напишаа што сè сработиле за изминатиот период.

Освен статистиката и описот на определени предмети, кои беа од голем интерес во јавноста, во извештајот има буџет, завршна сметка и финансирање, заклучоци и препораки.

Комисијата се пофали дека донела петгодишна Стратегија за спречување корупција, проверила осум закони во смисла на можни ризици од корупција, ги следела претседателските и вонредните локални избори, постапувала по пријави од граѓани, граѓански организации и правни лица, изготвиле деловник за работа, етички кодекс, стратешки план и анализа, ја зајакнале соработката со повеќе институции.

Извештајот покажа дека во првата година од своето работење, граѓаните, правните лица и останатите ја избираат ДКСК за проверка на сомнежите за корупција и судир на интереси.

Ова може да се заклучи од податокот дека бројот на пријави за сомнежи за корупција, судир на интереси, имотна состојба, финансирање изборни кампањи е повеќекратно зголемен.

Десетпати повеќе пријави за корупција

Обвинителството засега прифатило само една иницијатива на ДКСК | Фото: БИРН

Ако се суди според бројките, тогаш антикорупционерите во изминатата година навистина имале полни раце работа. Добиле 687 пријави за сомнеж за корупција, 364 пријави за постоење судир на интереси, 220 пријави за проверка на имотната состојба…

Споредено со другите години, лани до ДКСК е доставен десетпати поголем број пријави со сомнеж за корупција. Во 2017 година биле примени 76, во 2018, 89 пријави, а лани работеле по вкупно 710 случаи (687 пријави и 23 сопствени иницијативи).

Антикорупционерите немале многу успех кај Управниот суд, ниту кај Обвинителството. Изминатата година до Обвинителството поднеле шест иницијативи, од кои засега само една им е само прифатена, една отфрлена, а четири се во тек.

Извадок од извештајот на ДКСК за првите 10 месеци од нивната работа

Во Извештајот пишува и дека ДКСК, во шест предмети препознала состојби што создаваат ризик од корупција, па поднела конкретни иницијативи до државните институции.

Така, до Уставниот суд повела постапка за оценка на уставноста на Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанување на мандатот, бидејќи го загрозува принципот на еднаквост на граѓаните, до Министерството за култура препорачало објективен систем за бодирање кога станува збор за доделувањето пари за финансирање проекти од културата.

На Државната изборна комисија ѝ препорача да склучува рамковни спогодби за печатење изборен материјал, за да се избегне склучувањето договори без објавување оглас поради итност на постапката.

Зголемување на пријавите има и кај постоењето сомнеж за судир на интереси. Од 81 во 2018 година, до 430 лани. Од нив најмногу предмети се за пратеници, потоа за градоначалници, министри и за партиски функционери.

Отвориле 57 предмети за финансирање изборни кампањи, од кои решиле 38.

ДКСК утврдило разни форми на влијанија при вработување во јавниот сектор, како промени во актите за систематизација со наменско креирање работни места пред објавување на огласите, користењето на интервјуто, како основна алатка за избор на подобни кандидати и сл.

Во регистарот на избрани и именувани лица, кој се ажурира на дневна основа, заклучно со декември внесени се 8.589 актуелни и поранешни избрани и именувани лица.

Заклучно со лани, поднесени се 2007 анкетни листови, а ДКСК издало 117 прекршочни платни налози, 101 за неподнесување анкетен лист, изјава за интереси или промена во имотната состојба.

Членовите на Комисијата ги провериле законите за здравствена заштита, високото образование, трговски друштва, стратешки инвестиции, со утврдени одредби кои генерираат ризици од корупција.

За неполна година добиле 19 пријави од укажувачи (доверливи и анонимни), за кои, постапувањето е во тек.

За првпат, ДКСК во извештајот прикачи и графикони за сите иницијативи за сомнежи за корупција, судири на интереси, непотизам при вработувања со опис на текот и постапката.

Втора година без софтвер и простории и со малку вработени

Антикорупционерите се` уште немаат нов простор и софтвер | Фото: БИРН

И покрај амбициозниот почеток, антикорупционерите влегуваат во втора година од нивниот мандат како не се целосно комплетирани.

Во извештајот пишува дека во ДКСК од планирани 51 вработен, работат 24, односно пополнетоста е 47 отсто, и тоа е тенденција што не е променета со години.

Сè уште немаат софтвер за пристигнати пријави и евиденција, а со тоа не се знае колку од пријавите се од физички и правни лица, колку се за образование, колку за здравство, колку за судство… Немањето софтвер за изјава за имотна состојба и судир на интереси, не единствениот проблем. Сè уште не се поврзани базите на податоци меѓу институциите.

Антикорупционерите појаснуваат дека во буџетот немало средства за оваа намена, па се обиделе со донации. Почнала постапката, но состојбата засега е непроменета.

Приоритет во иднина им се иницирањето постапки за вработување во Комисијата, изработка на софтвер, формирање мрежа од надворешни експерти.

„И покрај вложените напори од страна на ДКСК, во 2019 година не беше обезбеден функционален простор за работа“, пишува во извештајот на антикорупционерите.

Тие ѝ препорачуваат на владата да изнајде начин и да им го реши прашањето со просторот, како и за други проекти, и да издвои повеќе пари за вработувања.

Визијата им е да воспостават функционален и ефикасен систем за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси.