Извештај

До пет години затвор за цензура врз новинар

Се предлагаат затворски казни за повреда на слободата на мислење и изразување

Министерството за правда во новиот Кривичен законик предлага да се инкриминира повредата на слободата на мислење и изразување. Тоа значи дека штом во парламентот помине оваа верзија на предлог-законот, ако некому му се повреди слободата на мислење и изразување, судот може да го осуди на затворска казна.

Утре истекува рокот, во кој, сите заинтересирани можат да ја искоментираат предложената верзија на Кривичниот законик, која беше објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

За првпат во кривичното законодавство во Македонија со членот 193 се предлага затворска казна од шест месеца до пет години за оној што ќе нареди или спроведува цензура или пак, на новинарот противправно ќе му ја одземе или ќе му ја ограничи слободата на известување.

Истата казна треба да ја добие и оној што противправно ќе спречи да се печатат, продаваат или дистрибуираат списанија, весници или други печатени изданија или производство и емитување радио и телевизиски програми, програми на новински агенции или објавување медиумски содржини.

Во првиот став од предложениот член, кој се однесува на сите граѓани, пишува дека „тој што на друг ќе му одземе или ограничи некое право поради изразување на личен став, мислење или определба, освен ако се исполнети законските обележја на некое друго кривично дело, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Со оваа казна се предлага да се санкционира и тој што на друг ќе му ја одземе или ограничи слободата на говор или јавен настап, слободата на печатот или други средства на информирање или слободното основање установи за јавно информирање.

Пропишани се и квалифицирани облици за пет кривични дела кога се во прашање новинарите. Тоа се убиство на новинар, за што, е предвидена казна од 10 години или доживотен затвор, потоа кривично ќе се одговара за повреда на слободата на мислење и изразување на новинар, за присилба, и за загрозување на сигурноста и спречување новинарот како службено лице во вршење на службено дејствие. Обвинителството за овие случаи ќе треба да постапува по службена должност.

Министерот за правда, Никола Тупанчевски, во интервју за Радио Слободна Европа рече дека на предлог-измените се работело три години. За измените на членот за говор на омраза изјави дека тие не треба да се поврзуваат со билатералниот протокол што го потпишавме со Бугарија.

За првпат во кривичното законодавство во Македонија се пропишува затворска казна од шест месеца до пет години за оној што ќе нареди или спроведува цензура или пак, на новинарот противправно ќе му ја одземе или ограничи слободата на известување

Казните за ова дело се исти како и во постојниот Кривичен законик, а станува збор само за проширување на опфатот на основи за предизвикување омраза. Имено, покрај инкриминирањето на говорот на омраза врз основа национална, расна и верска основа, се додаваат и пол, род, етничка или религиска припадност, ментална, телесна попреченост, возраст, или дискриминација врз други основи.

Една од причините, поради која, Министерството предлага целосно нов Кривичен законик, а не измени, се големиот број усогласувања и нови одредби како оние што се однесуваат на заштита на безбедноста на новинарите и лекарите, потоа редефинирање на одредбите за конфискација, и на членовите за кривични дела против животната средина, усогласување со директивата на Европската унија за финансиски измами и други.

Новиот предложен Кривичен законик кој е поголем за сто члена од стариот и брои вкупно 528 членови, по фазата коментирање на ЕНЕР оди во натамошна процедура.

За да се изгласа новиот Кривичен законик потребни се 61 глас.