Регион

Добри соседи

Секогаш кога Фикрет Џоџаљевиќ доаѓа во неговата родна Власеница, град во источна Босна, тој пали свеќа на гробот на неговиот поранешен сосед, Миодраг Вржина, кого го познавал само со прекарот – Мики.

Повеќе од 2.000 Бошњаци биле убиени и околу 8.000 притворени за време на војната во 1992 година, но Џоџаљевиќ не бил еден од нив, бидејќи Мики го спасил. Судбината сакала Мики, а не Фикрет, да загине во војната.

Кога започнала војната, Џоџаљевиќ живеел во стан во улицата „Братство и единство“ во Власеница. Откако силите на босанските Срби ја презеле  контролата над градот, тој останал во станот, но кога решил да излезе, го дочекала слика на згради изрешетани со куршуми и испишани графити со навредлива содржина за муслиманите, кои повикувале на создавање на „Голема Србија“.

„Кога го видов сето тоа, јас ѝ реков на сопругата: ‘Ти мора да излезеш, што и да ми се случи’“, вели Џоџаљевиќ за БИРН.

Тој знаел дека општината им делела пропусници на семејствата кои сакале да ја напуштат Власеница, но нему му било јасно дека нема да ја добие, затоа што тој и неговата сопруга претходно двапати биле приведувани, а тој бил лажно обвинет за поседување на оружје.

Прв пат биле приведени кога група вооружени лица дошле до вратата на нивниот стан и ги однеле во полициска станица, каде тој бил малтретиран.

„Како да бевме нападнати од рој стршлени, не знаете кој ве удира, со што и каде“, се сеќава тој.

„После тоа, ме ставија во мала просторија, можеби два со два метра, во неа имаше околу петнаесет затвореници. Никој ништо не зборуваше, сите само лелекаа поради болките од тепањето“, додава тој.

Неговиот шура бил бербер, кој секој го знаел и тој имал постојана пропусница со која можел да излегува од Власеница. Тој претходно успеал да ги однесе своите и децата на Фикрет во Тузла, која не била под контрола на босанските Срби. Фикрет честопати седел кај него, бидејќи не можел да седи заклучен во станот.

„Дојде тоа момче, Мики го викаа, кај берберот. Нè погледна и ни рече: ‘Мора да излезете од Власеница. Јас морам да ви помогнам, должност ми е да ве извадам од Власеница’“, раскажува Џоџаљевиќ.

Кога тој и неговата сопруга, заедно со Мики, заминале во општината за да поднесат барање за издавање на пропусница, пред зградата имало долга редица на луѓе.

„Мислевме дека никогаш нема да дојдеме на ред. Сепак, неговиот татко имаше функција и тие веднаш нè повикаа, добивме пропусница без никаква контрола на документацијата“, вели тој.

„За жал, не го знаев вистинското име на тој човек, знаев дека го викаат Мики, дека е син на Чедо Вржина“, додава Џоџаљевиќ.

„Му го дадов клучот од станот, му реков: ‘Мики, еве ти го клучот, имаш сè внатре, земи сè. Ако некогаш се сретнеме, добро, ако не, благодарам за ова“, се сеќава тој.

Фикрет не се вратил во Власеница, тој изградил куќа во Живинице, каде ги израснал своите деца. Подоцна, откако војната завршила, во 1995 година, тој дознал дека Мики загинал во војната.

„Жал ми е што тоа му се случило … Никогаш не сме биле во Власеница, а да  не отидеме на неговиот гроб, да запалиме свеќа“, вели Џоџаљевиќ.

БИРН не успеа да стапи во контакт со Чедо Вржина, за да земеме од него изјава за оваа приказна.

Фикрет Џоџаљевиќ. Фото: БИРН

Прогони, силувања и убиства

Џоџаљевиќ, пред Судот на Босна и Херцеговина, сведочел за тоа што се случувало во војната во Власеница, како сведок на судењето, кое сѐ уште трае, на актуелниот градоначалник, Мирослав Краљевиќ, и кообвинетите, Горан Гариќ и Раденко Станиќ.

Сите тројца се поранешни полицајци и тие се обвинети за прогон на бошњачки цивили, незаконски апсења, незаконски приведувања, убиства, сексуална злоупотреба, тортура, исчезнувања и други нечовечки дела извршени во текот на 1992 и 1993 година.

Уште неколку случаи се процесирани во врска со воените злосторства во Власеница. Пред Хашкиот трибунал во 2005 година, откако ја призна вината дека во 1992 година учествувал во убиства, силувања и мачење на бошњачки затвореници во логорот „Сушица“ во Власеница, поранешниот управник на тој логор, Драган Николиќ, наречен Јенки, беше осуден на 20 години затвор.

Пред Судот на Босна и Херцеговина, во 2011 година, Предраг Бастах, поранешен член на резервниот полициски состав на силите на босанските Срби, беше осуден на 22 години затвор, за учество во убиства на цивили, за незаконско  затворање, присилно исчезнување и преместување на населението во Власеница, а со него беше осуден и Горан Вишковиќ, кој доби 18 години затвор.

Со овие пресуди беше утврдено дека мнозинството бошњачко население било протерано од Власеница во 1992 година. Предходно, според пресудите, најмалку 8.000 несрпски цивили биле приведени во хангарот на логорот „Сушица“. Многумина од нив, подоцна биле убиени.

Пред Судот на БиХ, за воени злосторства во овој регион, им се судеше и на Раде Гариќ, поранешен командир на интервенцискиот вод на власеничката бригада на Војската на Република Српска (ВРС), и на неговите поранешни соборци, Симо Ступар и Зоран Тешиќ.

Гробовите на воените жртви во Власеница. Фото: Азра Хусариќ

„Тој бил и останал човек“

Пеколот на војната во Власеница, го преживеал и Хајрудин Гогиќ, благодарејќи му на неговиот потстанар, Србин, кој му помогнал.

Гогиќ за БИРН вели дека во војната, во Власеница, изгубил 43 членови на семејството. Останките на неговиот брат биле пронајдени и погребани дури минатата година.

Неговата потрага по останатите членови на семејството, продолжува. И тој самиот ќе бил меѓу нив, доколку не му помогнал неговиот потстанар, Недељко Сокановиќ.

Гогиќ вели дека непознати луѓе дошле во неговата куќа, го ставиле во нивниот автомобил и го одвеле во затвор.

„Кога пристигнав, тие веднаш ме одведоа на вториот кат и почнаа да ме малтретираат, ме удираа, ме тепаа, сè додека не ме кутнаа. Во вечерните часови, околу осум часот и триесет минути, ме пуштија, бидејќи дојде мојот потстанар Недељко и се заложи за мене“, раскажува Гогиќ.

И тој сведочел на судењето на Мирослав Краљевиќ, Горан Гариќ и Раденко Станиќ, при што, пред Судот на БиХ изјавил дека Недељко им рекол: „Мора да го пуштите … Ако е потребно, јас ќе го заменам“.

„Јас сум му толку многу благодарен, тој го заложи својот живот за мене, јас никогаш не можам да му се оддолжам на тој човек за неговата помош. Немаше да излезам, да не беше тој. Јас требаше да бидам ликвидиран во тој затвор, ми рекоа: ‘Вечерва ќе признаеш и ќе се ослободиме од тебе’, а Недељко дојде и ме извлече“, додава Гогиќ.

Сокановиќ му рекол на Гогиќ веднаш да оди по пропусници и да ја напушти Власеница со семејството, што тој и го направил на 15 мај.

„Му ги дадов клучевите од куќата на Недељко и му реков: ‘Ако преживеам, некогаш ќе се видиме, ако не, живеј и чувај се’“, раскажува Гогиќ, кој по војната се вратил во Власеница.

Сокановиќ не сакаше да разговара со БИРН за тоа како го спасил Гогиќ.

На судењето на Мирослав Краљевиќ, Горан Гариќ и Раденко Станиќ, уште еден сведок сведочеше дека за време на војната во Власеница, го спасил Србин.

Сведокот, Мехмед Таловиќ, пред судот изјави дека на 11 мај 1992 година, со сопругата, децата и братот патувал од Братунац, кога тој и неколку други мажи биле „симнати“ од камионот во кој патувале во Власеница, по што бил физички малтретиран пред зградата на полицијата.

Но, тогаш еден човек, кој видел што се случува со Таловиќ, го однел него и неговиот брат на место каде можеле да се качат во автобус и да избегаат.

„Му реков: ’Благодарам, пријатели. Тој одговори: ‘Не вели ништо, влези, добро ми ја скрати косата’“, рече сведокот, објаснувајќи дека пред да се пензионира, работел како бербер.

Таловиќ вели дека дури и денес не го знае името на човекот што го спасил.

Светлана Броз, од невладината организација ГАРИВО (Gardens of the Righteous Worldwide), истражувала приказни за луѓето кои, за време на војната, храбро интервенирале за да ги спасат своите сограѓани, и ги објавила во 2002 година во својата книга „Добри луѓе во време на зло“.

„Примерот од Власеница зборува за еден прекрасен човек (Миодраг Вржина) кој бил и останал човек, кој не се согласил со злосторството на сопствената група, туку се спротивставил на тоа“, вели Броз за БИРН.

„На секое место, кога го сфаќаме како најлошо, најстрашно, затоа што на тоа место се извршени многу злосторства, сепак постои човек што се спротивставил на тоа, не можел јавно, но успеал некому да помогне“, заклучува таа.