Регион

Лути реакции по истакнувањето на антисрпски транспарент на навивачите на Динамо

Фотографијата е објавена на  фан страната на  навивачите на Динамо – Бед блу бојс

Фотографијата што се прошири на социјалните мрежи, на која група навивачи на Динамо од Загреб, држат факели и транспарент со срамна антисрпска порака, предизвика остри реакции.

„Се чини дека нема дно“, напиша на Твитер Дарио Брентин, истражувач на Универзитетот во Грац, Австрија, експерт за спортот и национализмот во Хрватска.

Покрај пораката „ Ќе е … српски жени и деца“, на транспарентот се најде и симбол на фашистичкото усташко движење од Втората светска војна.

На истата фотографија, други двајца навивачи го држат знамето на Хрватските одбранбени сили (ХОС), паравоена организација која дејствуваше во војната во 90-тите години.

ХОС го користи усташкиот поздрав „За дом спремни“, како свој официјален поздрав, кој се наоѓа и на нивниот законски признат грб.

Фотографијата во Загреб ја снимил фоторепортерот, Никола Шолиќ, кој синоќа ја објави на Фејсбук. Според Шолиќ, навивачите извикувале „убиј, убиј“.

Борис Милошевиќ, член на хрватскиот парламент и претседател на Српскиот народен совет (СНС), најголемата организација што го претставува српското малцинство во Хрватска, го осуди инцидентот.

„Ова е застрашувачки и вознемирувачки за сите, не само за Србите. Жално е да се види дека младите во Загреб се задоени со толку многу омраза, за да напишат вакви одвратни пораки“, изјави Милошевиќ за Н1 телевизија.

Тој напомена дека слични инциденти биле документирани во годишниот билтен на СНС, „Историски ревизионизам, говор на омраза и насилство кон Србите во 2019 година“.

„Предупредувавме, безброј пати, на пораките на омраза, на извиците на натпреварите, на графитите кои стануваат сѐ поодвратни“, додаде тој.

Во билтенот, објавен во мај оваа година, се вели дека во 2019 година, СНС забележал 400 случаи на говор на омраза против Србите, на инциденти со етничка нетрпеливост, закани и физички напади.

Засега нема најави од хрватската полиција дека ќе биде започната истрага за овој инцидент, иако министерот за внатрешни работи, Дамир Божиновиќ, на новинарите им изјави оти е сигурен дека полицијата работи на тоа.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, истакна дека не ја видел фотографијата, но дека го осудува таквото однесување.

„Не сум видел … а ако е така како што велите, за мене тука нема дилеми, тоа е неприфатливо и за секоја осуда“, рече Пленковиќ во изјавата за медиумите.