Истражувањa

Долги процеси – казна без пресуда

БИРН истражуваше колку е долга и колку чини бавната правда

„Одложената правда е ускратена правда“. Оваа позната максима со горчина ја кажуваат тие што се заглавени во македонските судски тунели. Причината е јасна: често патот до неа трае со години, чини скапо, но, најмногу од сè, тоа е тивок убиец на надежта за ефикасна правна држава.

Долги постапки, „антологиски“ судења, одложувања со банални образложенија, слаби обвиненија, укинати пресуди… Ова се причините поради кои правото и правдата кај нас често тргнуваат по различни патеки, се разминуваат и неизвесно е дали и кога ќе се сретнат.

Кревката доверба во правосудството и по некоја пресуда одвреме-навреме ќе го реактивираат коментирањето на социјалните мрежи дека правда се дели и бавно и селективно.

Истражувањето на БИРН покажува дека некои судења, не само што траат по десет и повеќе години, делата застаруваат, одговорноста за тоа е ретка, а државата исплатила речиси 400 илјади евра само како надоместок за повреда на правото на судење во разумен рок, без трошоците за изгубените спорови.

Една и пол деценија чека конечна пресуда

Нелко Менкиноски 14 години чека конечна пресуда | Фото: БИРН

2006 година, крајот на декември. Предновогодишна атмосфера. Во медиумите одекна вест дека македонската полиција запленила три камиони со армиско вооружување што тргнале кон Бугарија. За тогашниот, наводно мистериозен шверц на митралези бргу следуваат апсења, а аферата добива полициска бандерола: „Армиско оружје“.

Продолжението од приказната е предвидливо: Обвинителството обвини осум лица дека со фиктивни документи новото оружје го прикажувале како старо и наместо по над 3.000 долари од митралез, требало да ги продадат по 300 долари, со што го оштетиле буџетот. Јавноста ја брануваат и меѓупартиски препукувања и повици за одговорност.

За тие што се информирале од Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, овој случај бил пресуден уште во 2011 година: „Притворени се четири лица кои подоцна се осудени на различни затворски казни во вкупно траење од 13 години“, пишува тогашната партија на власт.

Отчет на ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година

Но, неполни 14 години по оваа афера, која се закануваше да го оцрни образот и на армијата, Македонија стана членка на НАТО, а за овој случај останаа само написите во медиумите. Конечна пресуда нема. Предметот временски го надживеал целото владеење на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски.

Докажувањето на правдата во овој случај, кој медиумите, оправдано со годините, го подзаборавија, изгледа како маѓепсан круг, во кој линиите ги поставуваат, па ги бришат едни, па други обвинители и судии, во случајов, најмалку деветмина.

„Секое зборување за предметот ми е како да копам по рани“, вели за БИРН обвинетиот во случајот, Нелко Менкиноски, поранешен раководител на Секторот за логистика во Министерството за одбрана. По професија е правник, а додека трае постапката работи семеен бизнис.

Менкиноски раскажува дека имал 43 години кога за овој случај во 2006 година го притвориле и осум месеци поминал во затвор. „Сега имам 57 години, а постапката уште трае“, вели тој, говорејќи истовремено и со резигнација и со немир дека додека да се докаже правдата, не само што му поминала речиси една и пол декада од животот, туку му се нарушило и здравјето.

БИРН направи увид во обемната документација што Менкиноски ја приложи. Основните судови двапати донеле пресуда, но и двете се укинати, првпат во 2008 година од највисокиот суд, а три години подоцна од скопска Апелација.

Во личниот архив од хартии, документите покажуваат дека правосудниот лавиринт на моменти е доведен до апсурд.

Потврда за тоа е пресудата во која врховните судии напишале дека единственото точно нешто што го направиле судиите кога првично ги осудиле е што „им зеле генералии на обвинетите“ наместо да ги утврдат фактите.

Од целата пресуда точни се само имињата и презимињата на обвинетите | Фото: БИРН

Во амбиент на одложена неизвесност, која произлегува од постојаното закажување и одлагање на рочиштата, Менкиноски вели: „Јас сум единствената будала во државата што бара да дојде обвинител на судење. Барам да ме судат“.

БИРН присуствуваше на судењето на 16 септември, но тоа „заврши“ за пет минути. Во судницата беа присутни судијата, Менкиноски и уште еден обвинет со нивните адвокати. Обвинителката и другите обвинети не дојдоа. Немаше ни записничар.

„Поротникот има здравствени проблеми“, соопшти судијата Дарко Тодоровски и следното судење го закажа за еден и пол месец, во ноември.

„Судија, три години не сме виделе обвинител во судницата, не знаеме како изгледа“, рече обвинетиот Виктор Раички, на што судијата не возврати.

Менкиноски е убеден дека станува збор за полициско-обвинителска местенка од претходната власт, а тие судии и обвинители што ги работеле неговите предмети, бргу напредувале во кариерата и како што рече двајца од нив „станале државни обвинители“.

Убеден е во својата невиност и се надева дека, како што вели, тие што му го скроиле случајот, кога-тогаш ќе одговараат.

„Дури и да ги одлежев тие неколку години, ќе ми беше полесно, отколку 14 години да бидам во агонија“, вели Менкиноски.

Шеста година се суди и „Арсенал“

Се влече и предметот за сервисирањето на армиските хеликоптери | Фото: БИРН

Над 26 илјади прегледи на каналот на МВР на Јутјуб има видеото насловено оперативна обработка „Арсенал“, на кое со полицајци во судот беа донесени осомничените во аферата што во 2014 година ја отвори МВР, а снимките се најдоа во првите минути од вестите на телевизиите.

Насловите во порталите, пак, од тој ден се: „Милиони за ремонт на хеликоптерите летнале на тајни сметки во Kипар и во Бугарија“, „Украле 2,7 милиони долари за сервисирање на армиските хеликоптери“… Денес тие линкови се мртви, бидејќи текстовите ги нема.

Полицијата тогаш соопшти дека осомничените формирале криминална група, преку која за пет години незаконски присвоиле над 2,8 милиони долари. Обвинителството тврдеше дека обвинетите прикажале нереално зголемена вредност на услуги за сервисирање шест хеликоптери на Министерството за одбрана, како и дека основале фирми во Бугарија и во Англија за преку нив да перат пари.

И овде повторно обвинет е Менкиноски. Исто со првиот случај е тоа што конечна пресуда нема.

Додека нашиот соговорник ја чека правдата и во овој, како и во претходниот предмет, лани застаре третиот предмет каде што беше обвинет. Па така, тој таму ниту беше осуден, ниту, пак, успеа да докаже дека е невин.

Тоа е предметот со кодно име „Тенковски делови“, кој слично како и „Армиско оружје“ не доби правосилна судска пресуда цели 12 години, а правосудните органи на сличен начин си играа „пинг-понг“ со случајот.

Менкиноски на обвинителна клупа долго години седеше со експремиерот Владо Бучковски, армискиот генерал Методија Стамболиски и други лица. Но, судот донесе одбивателна пресуда, откако претходно вештакот процени дека нема штета на буџетот.

„Во сите три предмети имало над 400 рочишта“, вели Менкиноски, алудирајќи на брзината со која се дели правдата во Македонија.

Идентична судбина како овој предмет имаше и „Ликвидација“, во кој обвинетите бараа да докажат дека се невини, но делата застареа, па судот не можеше натаму да ги суди.

Имаме доволно судии

Јасно е дека во Македонија има доволно судии. Ова го покажуваат и Анализата на судската мрежа, како и Извештајот на Европската комисија, каде што се наведува дека во средината на 2018 година имало 25 судии и 8,4 обвинители на 100 илјади жители. Европскиот просек е 22 судии на таа популација.

2006, 2007, 2008, 2009… За сите овие години уште има предмети во судовите: трговски, кривични… Нивните бројчиња уште ги има на веб-страниците на судовите.

817/11, на пример, е судското бројче за предметот „Маѓар телеком“. Тоа значи дека предметот се суди од 2011 година, се смениле неколку судии и обвинители, а пресуда уште нема. Од постарите предмети во оваа низа е и предметот „Изгрев“, а пресуда чека и „Богородица“ од 2007 година во која обвинети се полицајци.

Некои од обвинетите не го дочекаа ниту крајот на маратонското траење на мегапредметот со патарините, „Змиско око“.

Народниот правобранител во Извештајот за 2019 година заклучил дека е во пораст бројот на претставките за судење во разумен рок.

Разрешувања

Судии влечеле рочишта со години па биле разрешени | Фото: БИРН

Најмалку девет судии биле разрешени меѓу 2009 до 2014 година, бидејќи свесно застарувале предмети или подолго време не закажувале рочишта, покажа пребарувањето на БИРН на одлуките на Судскиот совет.

Иако првата работа што треба секој судија да ја направи кога ќе дојде предметот во судот е да внимава дали судот е надлежен да постапува и на тоа кога застарува делото, сепак, судии со умисла не закажувале рочишта.

Случајот „Шамарите“ во Центар се суди четири години

Бавна разрешница добиваат и предметите на специјалното јавно обвинителство. Најилустративен предмет е случајот „Насилство во Центар“. Тоа е едно од првите обвиненија што СЈО ги поднесе на почетокот на мандатот во 2016 година. И покрај тоа што овде постапката е со скратени рокови, предметот се суди четири години.

Така, судијка што судела прекршоци во 2014 година, Судскиот совет ја разрешил бидејќи ја водела судската постапка „без предметите да ги земе во работа, во предвидените законски рокови и без да преземе процесни дејствија“.

Во друг случај, бил разрешен судија од Свети Николе бидејќи ја одложувал судската постапка без постоење законска основа, така што „меѓу двете рочишта од 17.12.2003 година, до 13.3.2009 година, во период од 5 години и три месеци не презел никакви дејствија за предметот“.

Скопски судија, пак, на сличен начин „во период од околу 2,5 години не презел никакво дејствие, за на ден 1.11.2007 година да донесе пресуда со која ги ослободува од одговорност обвинетите…“

Во архивата најдовме и предмет, во кој битолска судијка била разрешена за истата основа. Таа, пред Судскиот совет се бранела дека била „млад, неискусен судија, избрана на 20.5.2008 година и дека во 2008 година, секој месец закажувала голем број предмети со цел да го спречи нивното застарување“.

Но, тоа објаснување Советот не го прифатил бидејќи увидот во начинот на постапување за конкретни предмети го покажал спротивното, па донел одлука да ја разреши.

Од друга страна, иако имало неправилности, за многу судии запреле постапките за разрешување бидејќи поминале пет години од повредата и настапила застареност.

Кривични пријави „фаќаат прашина“ и во обвинителствата

Организиран криминал седум години „води“ предистражна постапка | Фото: БИРН

Судовите, иако се клучни, сепак не се единствените институции каде што застаруваат делата. Често правдата воопшто не може ни да влезе во судница, бидејќи со години „фаќа прашина“ по обвинителските фиоки по што застарува.

Такви примери забележал и Народниот правобранител. Омбудсманот реагирал дека предолго траат предистражните постапки во обвинителствата, не се почитуваат роковите, а граѓаните што се подносители на пријавите воопшто не се информирани до каде им се постапките.

Законот за кривична постапка прецизира дека јавниот обвинител, ако има основа, во рок од три, односно шест месеци треба да отвори истрага, да подигне обвинителен предлог, предлог за казнен налог или, пак, да ја отфрли кривична пријава.

Во фиока и непотпишани пресуди?

Обвинителството испитува евентуална кривична одговорност кај експретседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кај кого биле затекнати десетици предмети од пред неколку години, кои биле пресудени, но стоеле непотпишани и неекспедирани, по што можно е дел од нив и да застареле.

Ако не одлучи за поднесената пријава е должен да ги извести подносителот на кривичната пријава и повисокиот јавен обвинител. Правобранителот тврди дека во многу случаи тоа не се случува.

Пример за тоа е за граѓанин кој во скопското обвинителство пријавил повеќе кривични дела уште во 2013 година, меѓу кои „измама“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

По неколкугодишен мртов период, две обвинителства, Скопското и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, спореле кое е надлежно да постапува за пријавените дела.

Додека тоа да се одлучи, „за едно од пријавените дела настапила застареност за кривично гонење“, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција известило дека предметот шеста година е во предистражна постапка.

Бавната правда редовно го празни буџетот

За пет години над 1000 барања за судење во разумен рок | Фото: БИРН

Бавната правда, не само што ја урива довербата на граѓаните во правната држава, туку го празни и буџетот. Слабите и неиздржани обвиненија и реткото мериторно одлучување на апелационите судови, со што предметите се укинуваат и се враќаат назад и се продолжува времето на судење, придонесуваат да застарат делата.

Тоа значи дека трошоците за водењето на постапката паѓаат на товар на буџетот. Освен што ќе му ги платиме адвокатите на Груевски, решенија за исплата на трошоци има и во предметот „Тенковски делови“, каде што адвокатите на експремиерот Владо Бучковски и на останатите обвинети ќе добијат значителни суми за судењето што траеше 12 години.

Адвокатите веќе ги испорачале сметките пред судот, потврдија од Кривичниот суд, но во моментов се одлучува за нивните жалби за износот.

Испративме и барања до правобранителствата за да дознаеме колку пари од буџетот се одлеваат за предметите што застаруваат и воопшто за изгубените спорови. Вкупна сума не добивме, но поединечните суми по подрачја покажуваат дека бројките не се за занемарување.

Две години судење не беа доволни за пресуда за Груевски

Во сенка на овие поодминати случаи, за брзината во правораздавањето почна на големо да се говори лани, кога за експремиерот Никола Груевски застаре делото во предметот „Траекторија“ на СЈО. До застарувањето на делото за Груевски, судот одржал 36 рочишта.

Тетовското правобранителство ни достави податоци, од кои се гледа дека за три години, од буџетот за оваа намена е исплатена сума од приближно 50 илјади евра.

Од правобранителството во Кичево, за БИРН, одговорија дека за таа цел исплатиле над 14 илјади евра, а покрај наплатата на изгубените спорови, на лицето што неосновано било уапсено и за кое се водела судска постапка, од буџетот му биле исплатени 8.600 евра.

БИРН ја провери дата-базата на објавени пресуди на Врховниот суд. Проверката покажа дека има над 5.000 барања на граѓани и фирми кои низ годините поднесувале барања со кои бараат да се утврди дека постапките во пониските судови траеле предолго.

Од највисокиот суд, пак, ни одговорија дека во изминатите пет години до нив стигнале вкупно 1.004 барања, а позитивно одговориле на 984. За нив бил досуден надоместок за судење во неразумен рок во вредност од 395.797 евра.

Чистка за кочничарите на правдата

Челните луѓе од правосудството „примопредаваа“ метла за чистка, 2019 година | Фото: БИРН

Премиерот Зоран Заев, лани во декември „му фрли ракавица“ на Судскиот совет и го повика да ја процени одговорноста на судиите што застаруваат предмети или имаат нерешени предмети со години. Заев говореше дека правосудството е „последната тврдина од заробената држава“ и дека на граѓаните им треба „судство што ќе суди, а не што ќе застарува предмети“.

Првиот човек на Судскиот совет, Киро Здравев веднаш се огласи и им испрати циркуларни писма на претседателите на судовите. Побара да му достават податоци за застарените случаи и бројот на предмети кои со години не се решени. Тимови од Судскиот совет ги посетувале и судовите за да направат анализа за старите и нерешени и застарените предмети.

Здравев за БИРН рече дека анализата сè уште ја пишуваат. Резултатите ги најави за крајот на октомври.

„Целта ни е да видиме дали има субјективни или објективни причини или можеби и претседателот на судот ќе има одговорност дали направил програма или акциски план за решавање на тие предмети“, вели првиот човек на Судскиот совет.

Тој појасни дека судиите за секој застарен предмет мора да дадат изјава во Советот зошто застарело делото, но и дека не треба сите да се ставаат во ист кош. „Има многу судии што постапуваат ажурно“, вели Здравев.

Лежерни судии и(ли) лош менаџмент

Сите може да имаат вина за застарувањето | Фото: БИРН

Поранешната врховна судијка Вера Коцо, за БИРН, раскажа дека има впечаток оти судството денес за разлика од порано како да е полежерно бидејќи порано било исклучок да застари предмет во текот на судењето.

„Порано имавме акции за решавање на старите предмети“, вели Коцо и појасни дека одговорност за тоа имаат претседателите на судовите, кои мора да водат сметка дали судиите им се ефикасни.

Потсети дека со законските измени, второстепен суд може само еднаш да укине пресуда, а вторпат мора да пресече.

Во пораст се жалбите за долгите судења

Но, делата не застаруваат само кај функционерите, туку и кај граѓаните. Пребарувајќи ја судската база, БИРН пронајде десетици пресуди, каде што судовите констатирале апсолутно застарување, во време додека обвинетите или обвинителството поднеле жалби на пресудите или чекале да одлучи повисокиот суд.

„Најважно е да нема нарачки од типот ‘Ај почувај ми го предметот‘, вели таа, алудирајќи на влијанијата на разни центри на моќ во одлучувањето.

Адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска, за БИРН, вели дека сите страни може да имаат вина за постапките да изгледаат „банално и несериозно“.

„Барем по еднаш (а најчесто и повеќепати) секој си приграбува право поради него да се одложи рочиште. Секој од учесниците се жали дека е преоптоварен, иако со сигурност не е секогаш така“, вели таа.

Јошевска-Атанасовска смета дека проблемите не се само на една адреса. Таа укажува на злоупотребите и „каскадерските обиди за одолжување“ и од адвокатите, како и проблемите со системот со судиите – поротници, за кои БИРН пишуваше.