Регион

Долго скриена историја за страдањата на хрватските Роми

По повод Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот над Ромите, историчарот Даниел Војак, за БИРН говори за прогонот и убиствата што над илјадници Роми, ги извршиле нацистите и нивните хрватски сојузници

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Даниел Војак, историчар на Институтот за општествени науки „Иво Пилар“ од Загреб, раскажува за една стара фотографија што ја нашол, на која е Стјепан Мавровиќ, 11-годишно ромско момче, чие детство било прекинато во јуни 1942 година.

Фотографијата на младиот Стјепан и на неговото семејство, кое живеело во местото Ступник, во регионот на Загреб, ја направиле полицајците кои ги уапсиле и испратиле во Јасеновац, концентрационен логор на усташкото движење во Втората светска војна.

„Секоја трага од него (во логорот Јасеновац) тука се губи“, вели Војак во интервју за БИРН.

Стјепан Мавровиќ не се наоѓа на списокот на жртви од Јасеновац, но Војак посочува дека има информации оти поголемиот дел од неговото семејство исчезнало, откако биле донесени во логорот.

„Кога ја гледам фотографијата на ова момче, кога ја гледам фотографијата на неговото семејство, јас всушност гледам фотографија на луѓе кои биле убиени само затоа што биле Роми“, додава тој.

„Тој имал само 11 години, никому ништо не направил, нивниот имот бил запален и ограбен од тамошните жители и најверојатно,  подоцна му припаднал на некој кој бил „поподобен“, а не на Роми“, посочува Војак.

По војната, во Ступник, каде живеело семејството Мавровиќ, Роми повеќе немало.

За време на Втората светска војна, Ромите биле цел на расистичките закони на нацистичка Германија, заедно со другите етнички групи, како што се Евреите, Србите, како и антифашистите, но цел и на усташкото движење, што за време на војната ја формирало пронацистичката марионетска држава – Независната Држава Хрватска (НДХ).

Секој 2 август, од 2012 година, хрватската ромска заедница го одбележува Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот над Ромите или Самударипен (масовни убиства) со комеморација во селото Уштица, каде, за време на Втората светска војна, како дел од логорскиот систем Јасеновац, се наоѓал таканаречениот „цигански логор“.

Војак, кој 17 години се занимава со историјата на Ромите, вели дека овој датум е избран затоа што околу 3.000 Роми, на 2 август 1944 година, биле убиени од нацистите во логорот Аушвиц.

Жртви на расистички закони, по моделот на нацистичките

Жени и деца од ромска националност, во Загреб 1941 година. Фото: Викимедиа комонс/Бундесархив

Многу Роми кои живееле на територијата на НДХ, ја имале истата судбина како малиот Стефан.

Кога силите на Оската ја нападнале Југославија во Втората светска војна, усташкото движење, моделирано по примерот на германските СС, на 10 април 1941 година, прогласилo своја држава – НДХ, по што уследиле апсења и убиства на Евреите, Србите и na Ромите, како и na антифашистите.

Војак објаснува дека владата предводена од усташите, не знаела колку Роми живеат во НДХ, па во летото 1941 година спровела попис на населението, а веќе следната година во мај одлучила да ги депортира сите Роми во Јасеновац.

„Од 19 мај (1942) до крајот на летото, (територијата) на НДХ била исчистена, а повеќето Роми завршиле во концентрациониот логор Јасеновац“, вели тој.

Според податоците на Спомен-подрачјето Јасеновац, усташите, во овој логор, помеѓу 1941 и 1945 година, убиле над 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Точниот број на ромски жртви, вели Војак, е тешко да се утврди, но проценките се движат од 15.000 до 30.000 жртви.

„Јас би истакнал дека усташките власти извршиле геноцид врз ромското население во НДХ, што е видливо, не само од бројките, туку и од начинот на кој се однесувале кон Ромите и од процедурите (што ги користеле)“, додава тој.

„Тие ги однеле во логори, без имиња и презимиња (без да ги запишат); таму ги убиле. Некои биле водени на присилна работа“, вели Војак.

Овој историчар потенцира дека имотот на Ромите, кој не бил толку оскуден колку што се мисли, систематски бил конфискуван, а откако Ромите ќе биле депортирани во логори, нивниот имот завршувал на јавна лицитација, на која го купувале нивните сограѓани.

„Не сите Роми биле сиромашни; напротив, имало доста богати Роми. Нивната земја, куќите, животните, што легално ги стекнале, систематски им ги краделе“, објаснува тој.

Како пример, тој цитира документ од аукција од 15 страници, зачуван во хрватскиот Национален архив, од кој „можеме да видиме како имотот на Ромите систематски бил одземан и како локалното население учествувало во таквите кражби“.

Сѐ уште малку се знае за страдањето на Ромите

„Постојаното тероризирање на ромското население, не застанало на границите на логорот Јасеновац; тоа се случувало и надвор од логорот… За ова, многу малку се знае, затоа што имаме многу малку архивирани документи“, вели Војак.

Тој посочува дека усташките злосторства над Ромите, не се истражени како злосторствата над Србите, Евреите или антифашистите.

„Имате (само) исечоци за Ромите, траги во тие документи што треба многу добро да ги прочитате“, објаснува тој, додавајќи дека поминале повеќе од 70 години од Втората светска војна и оти има малку живи сведоци.

Војак е и автор на неодамна објавената книга под наслов „Ромите во Втората светска војна во Независна Држава Хрватска, 1941-1945 година“, која има за цел да им помогне на наставниците, да им ја објаснат оваа тема на своите ученици.

„За жал, ромските жртви на геноцидот во Втората светска војна, во учебниците по историја се запоставени и сведени на само неколку зборови – (нешто слично како) ‘и тие биле убиени’ – а што се случило со Ромите во Втората светска војна, деца, па дури и нивните родители, не знаат“, објаснува тој.

Како резултат на сегашната практика на историски ревизионизам на Втората светска војна, објавени се неколку книги, кои ги намалуваат злосторствата на усташите и бројот на жртвите во Јасеновац. Некои дури тврдат дека Јасеновац не бил концентрационен, туку работен и казнен логор за непријателите на хрватската држава.

„Таканаречените ревизионисти, честопати не се толку храбри и отворени, кога ќе дојде до разговор за Ромите и тука тие некако се повлекуваат и велат дека оваа тема не е доволно истражена“, посочува Војак.

„Другите ревизионисти, другите колеги историчари, кои размислуваат во насока на ревизионизмот, велат дека скоро ниту еден Ром не е убиен, дека Јасеновац бил прекрасно место каде што Ромите се учеле, меѓу другото, како да живеат, како да се однесуваат, како да се цивилизираат“, додава тој.

„На Загреб му треба меморијален центар“

Срби и Роми кои биле уапени и одведени во концентрациониот логор Јасеновац, во 1942 или 1943. Фото: Викимедиа комонс/ Wertq1

Војак потенцира дека по Втората светска војна, многу не се зборувало за ромските жртви на холокаустот, ниту во социјалистичка Југославија, ниту во другите европски земји.

„Она што се случи по Втората светска војна во тогашна социјалистичка Југославија, беше концепт на претопување на Ромите и другите жртви во фразата„ жртви на фашистичкиот терор“, истакнува тој.

Но, како што додаде, по војната, ромските жртви биле маргинализирани дури и во Западна Германија, а судовите почнале да одлучуваат во нивна корист, дури на почетокот на 1960-тите. Германскиот канцелар, Хелмут Шмит, за прв пат официјално го призна нацистичкиот геноцид врз Ромите и Синтите, во 1982 година.

Војак смета дека мора да се земе предвид обештетувањето на жртвите, Роми.

„Се залагам за обештетување на жртвите, Роми, низ цела Европа, вклучително и во Хрватска. На кој начин, тоа треба да се договори“, додава тој.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, во 2012 година го отвори Споменикот на Синтите и Ромите, жртви на националсоцијализмот – мрачен базен во облик на круг, исполнет со вода, околу кој се наоѓаат плочки со имињата на логорите во кои Ромите биле убиени, меѓу кои е и Јасеновац.

Но, Хрватска има само неколку мали споменици подигнати во знак на сеќавање на ромските жртви.

Во април годинава, пратеникот на ромското национално малцинство во Собранието на Хрватска, Вељко Кајтази, најави дека во Уштица ќе биде изграден меморијален центар, посветен на жртвите Роми.

Војак нагласува дека ја поддржува оваа идеја, но потенцира дека и на Загреб, во кој има повеќе жители и повеќе посетители, му е потребен сличен меморијален центар.

„Јасеновац е далеку од Загреб. За жал, слабо е посетен и се плашам дека меморијалниот центар, исто така, ќе биде слабо посетен“, вели тој.

„Ни требаат образовни и меморијални центри, за да можеме, по 70 години, да кажеме дека тие веќе не се заборавени жртви, туку дека се жртви за кои сега повеќе се знае“, заклучува тој.