Досие Телеком

ДОСИЕ ТЕЛЕКОМ 5: Случајот „Агент“ клучен за расветлување на корупцијата

Аферата „Телеком“ има четири фази и два заеднички именители: „константа“ е улогата на грчкиот бизнисмен Контоминас, а флуктуираат функционери од сите влади од 2000-та година до денес

Влегувањето на постапката против тројца директори на Маѓар телеком во Њујоршкиот окружен суд во зрела фаза, навестува дека се побрзо се движи кон расплет мегаскандалот поврзан со сомнежи дека со високоплатени коруптивни договори пред десетина години била спречена либерализација на македонскиот телекомуникациски пазар.

Додека постапката во Њујорк е фокусирана на сведочењата од периодот пред, за време, и по потишувањето на контроверзниот Протокол за соработка меѓу „Маѓар Телеком“ и македонската Влада предводена од Владо Бучковски, врз чија основа наводно е сторено кривичното дело, хронологијата покажува дека сцената за махинациии била поставена уште во
раната фаза, односно, уште со потпишувањето на договорот за приватизација на македонската „златна кокошка“.

Рана фаза: Многу обвинувања за злоупотреби

Според упатени во случајот, првобитниот грев е направен во т.н. рана фаза, кога Владата на Љубчо Георгиевски се согласила во договорот да влезе обврската дека по купопродажбата на МакТел, остатокот од државните акции не може да се продаваат во еден пакет, односно дека еден пакет не може да содржи повеќе од 9,9 отсто акции, што значи дека мора да се продаваат во три или четири пакети.

Telekom5

Со ваквиот Договор, кој во 2001 година го потпиша тогашниот министер за финансии Никола Груевски, на „Маѓар Телеком“ му биле дадени можности за посредна контрола врз државниот пакет акции, преку расцепкување до финансиско обезвреднување. Љубчо Георгиевски денес вели дека „колку што се сеќава“, во времето на купопродажниот договор немало ништо спорно.

„Не се сеќавам дека во таа фаза имало нешто спорно. Што се случувало подоцна во 2005 или 2006 година навистина не знам, бидејќи знаете што се случуваше во тој период во ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев дистанциран и навистина немав никакви информации за било што, а најмалку за состојби поврзани со Телеком“, тврди Георгиевски за БИРН.

За да се исплати дивидендата, ‘Маѓар Телеком’ почна до Владата да поставува бројни барања и уцени, меѓу кои и да се одложи примената на Законот за телекомуникации, што секако беше крајно неприфатливо, вели Мицковиќ за БИРН

Ниту тој ниту други актери од тој период не ги коментираат преписките меѓу лица од Дојче Телеком, во кои, како клучни фигури во разговорите за приватизацијата на МакТел се наведени премиерот Георгиевски, заменикот премиер Бедредин Ибраими, претседателот Борис Трајковски, министерот за финансии Никола Груевски, министерот за транспорт Љупчо Балковски, Ден Дончев и Кирил Трендафилов како лица од ВМРО-ДПМНЕ, како и Н.Н. личност за која само е наведено дека е „доверливо лице од ВМРО“.

Во тие преписки се дискутирало и за исплаќањето на неодредена сума пари како „трансакција“ кон непознати лица со цел „да се влијае на исходот на тендерот за МакТел, откако сите понуди ќе бидат на маса“. Во тој период почнуваат првите обиди на грчкиот бизнисмен Контоминас да влезе во бизнисот, но и првите матни зделки во „копродукција“ со Унгарците.

На списокот од тој период се неколку обвинувања: дека без тендер е набавена опрема од 36 милиони евра, од која најголем дел била набавена од фирмата „Ериксон-Унгарија“, а дозвола за овие набавки од 2001 до 2002 година дал Бордот на директори, во кој седеа и четворица претставници на македонската Влада.

За набавките забелешки имала и внатрешната контрола на „Дојче телеком“, кој е мнозински сопственик на унгарскиот „Матав“. Тие реагирале на големите трошоци за поправки и за набавки на електронска опрема и за ненаменско трошење на парите.

Претседателот на Бордот на директори, Борче Давитковски, тврдеше во почетокот на 2003 година дека за ова била доставена документација до МВР, УЈП и до Министерството за финансии, но од таму немало одговор. Во овие институции, пак, одговараа дека им треба време за да ја најдат таа документација и да одговорат дали е спроведена некаква постапка.

Според обвинувањата, МакТел во 2002 година со одобрение на Бордот на директори им простиле сметки во висина од 6,6 милиони евра на стотина јавни личности и добростоечки фирми. Најголем дел од отпишаните долгови биле за разговори на мобилни телефони, со што била намалена дивидендата што требало да ја добие државата. Во „Мобимак“ тврдеа дека не се работи за отпис на долгови, туку за исправки на книговодствената вредност на побарувањата што не биле наплатени.

Обвинувањата продолжија со тврдењата дека на советници, кои потоа биле и директори на телекомот, им биле исплатени вкупно 21 милион евра за хонорари. Сето тоа било покриено со одлуки на Бордот на директори, како и дека „Матав“ го добил тендерот вреден два милиони евра што лани самиот го распишал за изградба на контакт-центарот на „Македонски телекомуникации“.

Поради непостапување на властите за расветлување на овие обвинувања во периодот до 2002 година, тие неколку години подоцна завршија како претставки до Антикорупциската Комисија. Во март 2006 Комисијата најави дека освен за наведените злоупотреби, по службена должност ќе го разгледа и отпуштањето на Симо Груевски, поранешен член на Бордот на директори, кој доби отказ по јавно изнесените информации за злоупотреби во Маѓар телеком. Но, без епилог.

Она за што реагирал Симо Груевски пред 10 години на седниците на Бордот, е за дел од она што јавноста денес го гледа во преписките употребени како докази во постапката на Њујоршкиот суд против тројца директори на „Маѓар Телеком“, кои се товарат дека со подмитување на македонски функционери ја спречиле либерализацијата на македонскиот телекомуникациски пазар.

И покрај тоа што согласно со член 20 став 1 од Законот за спречување на корупцијата „не може да се преземе казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција“, Основниот суд Скопје 1 на 13. 12. 2010 година одржа прво рочиште по тужбата на „Телеком“ против Симо Груевски за клевета, а во врска со негово укажување дека во бордот на директори на „Телеком“ од македонска страна капиталот несоодветно е заштитен од страна на „партиските“ директори.

Неговите тврдења поткрепени со документи и стенограми од седници, не поминаа во судот. Тој и денес тврди дека одговорност за ваквите состојби имаат премиерите од повеќе влади.

Една од клучните фигури во целата рана фаза е и грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас, чија „Интерамерикен“ во соработка со „Дебител“ се јавуваше како кандидат за приватизацијата на Македонски Телекомуникации, за потоа неговата фирма „Космотелко“ во соработка со Маѓар Телеком да стане мнозински сопственик на МТ во јануари 2001 година.

Неговата улога ќе се покаже како клучна во сите натамошни фази. Иако во 2004 година, Контоминас им го продава на Унгарците својот удел од 7,44 отсто во Телеком за 31,4 милиони евра, тој и натаму останува нивни близок соработник и доверлив лобист.

Фаза на договор: „Маѓар телеком ја уценуваше Владата“!

„Купопродажниот договор е предмет на многу контроверзии и крие многу одговори околу начинот на продажбата, околу условите, бенефициите и статусот на „Маѓар телеком“ на македонскиот телекомуникациски пазар“, коментираа весниците во раната фаза. Но, тие контроверзи уште повеќе се зголемуваат по падот на Владата на Георгиевски, кога „Маѓар Телеком“, според објавените преписки со македонските власти (објавени од Судот во Њујорк), агресивно се обидува да спречи каква било либерализација на пазарот, со помош на домашни лобисти, а на крајот како што се тврди со обвинението и со исплата на мито за македонски функционери.

Во една од преписките, Дејан Мицковиќ, тогашен претседател на Бордот на директори, го информира Михаел Гинтер, член на Бордот на директори на МакТел од Дојче Телеком, дека ако не биде исплатена дивидендата, 250 вработувања во администрацијата и неколку други барања, Владата ќе распише тендер за трет оператор.

Писмото во јавноста се толкува како своевидна уцена од страна на Владата, токму во време кога била опомената од ЕК за обврската за суштинска, а не за виртуелна либерализација на телекомуникацискиот пазар. Мицковиќ вели дека Владата не го уценувала Маѓар телеком, туку – обратно.

„Главниот проблем во тој период беше тоа што ‘Маѓар Телеком’, и покрај претходниот договор, со месеци не сакаше да се гласа за исплата на дивидендата (за 2004 година-н.з), од која 44,2 милиони евра требаше да добие македонската држава. Тоа создаваше проблеми за буџетот на Македонија, а за тоа со месеци известуваа нашите медиуми. За да се исплати дивидендата, ‘Маѓар Телеком’ почна до Владата да поставува бројни барања и уцени, меѓу кои и да се одложи примената на Законот за телекомуникации, што секако беше крајно неприфатливо. Со цел да помогнат како главни сопственици за да се реши спорот околу дивидендата, го информирав за ова Гинтер, претставникот на Дојче Телеком“, објаснува Мицковиќ за БИРН.

Тој тврди дека не постоела никаква уцена ниту во однос на нови вработувања.

„Пред да бидам избран во Бордот на Телеком, бил постигнат договор дека за 750 отпуштени вработени, компанијата ќе вработи 250 млади високообразовани луѓе. Имајќи предвид дека имаме огромен број невработени и дека младите инженери ја напуштаат државата, во интерес на граѓаните и на државата беше профитабилна компанија да вработи млади квалификувани луѓе“, објаснува Мицковиќ.

Во целиот тек на истрагата што ќе се отвори подоцна, Мицковиќ соработувал со независната ревизорска кука Вајт & Кејс, како и со ФБИ и СЕЦ, чиј претставник Роберт Доџ во поканата за неговото сведочење потврдил дека по долгогодишна истрага и проверката на огромен доказен материјал (документи, договори, мејл пораки, сведочења на голем број сведоци) американските органи утврдиле дека Мицковиќ не сторил какво било незаконско дејствие додека бил во Бордот на Телеком.

Мицковиќ нема информации дали имало некаков договор за продажба на државните акции во компанијата при продажбата на мнозинскиот пакет акции, или дали тоа било договарано подоцна.

Но „ефектот“ од рацепканите пакети акци ќе стане видлив уште во јуни 2006 година, кога на Берзата се продаде само еден пакет државни акции, а ги купи Маѓар телеком. Со тоа се остварија приходи во висина од 62,9 милиони евра, наспроти очекувањата на Владата на Бучковски за добивка од 275 милиони евра. По таа продажба, во „Телеком“ останаа 36,8 отсто државни акции.

Тоа е предизборен период, кога „Маѓар телеком“, врз основа на објавени домашни анализи и анкети кои прогнозираа изборен пораз на Владата на Бучковски, во „5 до 12“ решава да авансира нешто и во потенцијалниот победник.

Така, во втората половина на мај 2006 година, се раѓаат два договори: еден меѓу Македонски телекомуникации и компанијата „Аналитико АИ“ за „рекламни и маркетинг активности“ потпишан на 17 мај 2006 година и друг меѓу Македонски телекомуникации и „Радио рос“, потпишан на 26 мај 2006 година.

Според извештајот на ревизорската куќа ангажирана во истрагата, „Вајт & Кејс“, договорот го потпишале генералниот директор Атила Сендреи и финансискиот директор Ролф Плат, а предвидувал на „Аналитико АИ“авансно да му се исплатат околу 120.000 евра . Тогашниот кадровски состав во „Аналитико АИ“ е истиот оној што еден месец подоцна ќе седне во првите фотелји на кабинетот на Никола Груевски, а дел од нив таму се и денес.

Фаза на конфликт: Груевски на тајна средба!

Но, само шест месеци по победата на ВМРО-ДПМНЕ и остварената соработка со „Аналитико“, во декември 2006 година, Владата има тешкотии да ја добие дивидендата од Телеком. Причините за тоа набрзо осамнуваат во медиумите под идентични наслови: „Од ‘Телеком’ нелегално се префрлени десетина милиони евра во Кипар“… „По Нова година доаѓа контрола од „Дојче телеком“ за да ја утврди вистината со сомнителните трансакции“.

Приказната брзо потекува во јавноста: за фиктивни консултантски услуги биле исплаќани огромни финансии на кипарската фирма „Чаптекс холдингс лимитед“ на Контоминас, која за наводните услуги од Телеком и „Мобимак“ само за неколку месеци наплатила најмалку од 5 до 10 милиони евра. Откривањето на исти малверзации во Македонија и во Црна Гора предизвикува пад на акциите на Телеком на Њујоршката берза.

Повикувајќи се на доверливи извори, медиумите објавуваат дека парите за „Чаптекс холдингс лимитед“ се префрлани на сметка во „Cyprus popular bank“, дека не бил распишан тендер за избор на оваа консултантска куќа и дека постојат документи, според кои, на кипарската фирма за фиктивни услуги и било плаќано не само во 2005-та, туку и во 2004 година.

Поради истрагата во Црна Гора и во Македонија, стопирано е исплаќањето на дивидендата во двете земји.

„Мислевме дека Унгарците ќе доцнат со исплатата на дивидендата поради истрагата за малверзациите во Црна Гора. Но, излезе дека и во нашиот ’Телеком‘ има проблем, каде што во моментот е ангажирана ревизорска куќа“, изјавува за „Утрински весник“ тогашниот министер за финансии, Трајко Славески.

Додека Владата бара од Телеком исплата на дивидендата за 2005 година со камата заради доцнењето, „Маѓар Телеком“ одговара дека може да понуди само заем, но Владата тоа го одбива. Во тој затегнат период, против „Телеком“ и „Т-мобиле“ е поднесена прекршочна пријава, бидејќи навреме не го доставиле ревидираниот финансиски извештај за 2005 година.

Иако првично се добива впечаток дека Владата е во тивка војна со Маѓар Телеком, набрзо владините претставници целосно замолчуваат, со образложение „дека ќе ги остават Унгарците сами да си да го истражат случајот со одливот на парите“.

Дивидендата за 2005 година е исплатена во август 2007 година, во висина од 47 милиони евра. Истиот месец Атила Сендреи е разрешен од членството во Бордот директори, а во септември е отповикан и од функцијата главен извршен директор, иако неговиот мандат истекува во 2008. Официјално образложение за повлекувањето се „здравствени причини“, но причината на сите им е јасна. Сендреи и претходно со месеци беше отсутен од Македонија.

tu

Еден месец подоцна, медиуми информираат дека на 29 ноември (2007) се одржала „тајна средба на унгарските газди на Телеком со премиерот Никола Груевски“. Веста за тајната средба не беше демантирана.

Според неофицијалните извори, на состанокот било предвидено да се разговара за плановите за идната година, за дивидендата, инвестициите, за новите отпуштања. Врвот на „Маѓар телеком“ требало да се договори со Владата и за поставување нови директори во „Телеком“ од владејачката партија. Унгарците, наводно, од средбата си заминале лути.

Фаза на нов договор: Криење траги, елиминирање на сведоци

Сепак, набрзо по тој состанок, иако со мали осцилации, нештата зад сцената почнуваат да се движат по нагорна линија. Прв сигнал е отсуството на коментари од Владата на конечниот ревизорски извештај на „Вајт енд кејс“ од истрагата во Телеком, со кој е потврдено дека мала група неименувани вработени „создале база на пари наменети за други цели освен договорените… преку над 20 осомничени консултативни, лобирачки и други договори“.

Според извештајот за да се затскријат ваквите докази, поранешни високи директори на компанијата намерно ги одбегнувале внатрешните контроли, давале неточни и лажни документи за компанијата, а трошоците што биле направени и наведени во договорите, биле наменети само за да се добијат бенефиции за компанијата.

Истрагата за работењето на раководниот тим на „Телеком“ од 2000 до 2006 година, чинеше 112 милиони долари.

Иако случајот „Телеком“ во 2009 година формално влезе во Обвинителството откако полицијата поднесе кривични пријави против поранешни странски директори во „Македонски телеком“, истрагата не беше проширена на домашните актери. Во јануари 2012 година, одговарајќи на пратеничко прашање на Јани Макрадули од СДСМ, јавниот обвинител Љупчо Шврговски изјави дека Обвинителството ниту некого крие, ниту заштитува.

„Тезите дека нешто криеме се неосновани. Дали може разумен човек да поверува дека имаме докази, а не сакаме да ги експлоатираме и ако веќе сме работеле 3-4 години на случајот, дека ќе ги криеме фактите зошто сакаме некого да заштитиме. Кога во 2006 година аферата ја доживеала својата кулминација, а не сме имале доволно сознанија, сите што биле вклучени во процесот на евентуална корупција сигурно добро ги скриле трагите. Во моментов немаме докази за вклученост на високо позиционирани политички лица од Македонија и затоа не сме повеле постапка. Американските авторитети имаат сознанија дека е вршена корупција, но немаат имиња. Конкретни имиња немаат ни Германците ни Унгарците. Најодговорно го тврдам тоа. Но истрагата не е завршена и продолжуваме понатаму“, рече Шврговски.

fbit

Аферата која доби меѓународен третман во Македонија беше турната под тепих? Зошто?

Извори упатени во „политичкиот пазар“ како и Слободан Богоевски во своето сведочење пред судот во Њујорк, тврдат дека уште во 2009 година Контоминас ги искористил своите врски за да се испазари со висок функционер во извршната власт, со цел да запре истрагата и да се повлече потерницата против еден од клучните осомничени за перење пари од Телеком, Михалис Кефалојанис, а со тоа била блокирана и истрагата против другите осомничени.

Постојат сомневања дека лице кое работи кај Контоминас и кое се јавува како заштитен сведок во случајот за мито на Љубе Бошковски е своевидна „компензација на услугата “ за повлекување на потерницата и истрагата против Кефалојанис. И не само тоа. И пакувањето на случајот „Агент“ во кој е осомничен Слободен Богоевски се поврзува со фактот дека тој клучен сведок за сите посреднички активности за коруптивните зделки со Телеком.

Формално, предмет на случајот е откажувањето на корисничкото право врз градежно земјиште во Скопје на кипарската оф-шор фирма „Централ балкан инвестмент“ (ЦБИ) на Димитрис Контоминас.

Иако договорот е склучен со претходна одлука на Владата, со полноважни договори од Министерството за транспорт и врски и никој не пријавил штета, почнува процес против адвокатот и полномошник на ЦБИ, Владо Пешликовски, кој наводно, заедно со поранешниот шеф на државната безбедност, Слободан Богоески, преку фиктивни договори и фиктивни фирми-ќерки на ЦБИ переле пари.

Како обвинет и осуден, всушност, Богоески би требало да биде целосно елиминиран како можен сведок за криминалните зделки во Телеком. Но, тоа не се случи. Тој преку медиумите испраќа сигнал дека има што да каже за Телеком, по што е контактиран од правосудните органи на САД и повикан на сведочење, кое веќе и е познато на јавноста.

На кои прашања не одговорил Богоески?

Во текот на сведочењето Богоески одбил да одговори на четири прашања поставени од адвокатот на тужените, со образложение дека „одговорот може да ја загрози неговата безбедност и сигурност“. Прашањата на кои не одговорил, се следни:

  • Дали поседува копии од документите што ги доставил до Комисијата за хартии од вредност?
  • Дали барал дополнителни документи на оние обезбедени од Комисијата за хартии од вредност?
  • Дали поседува други документи поврзани со предметот на дискусија во текот на неговото сведочење?
  • Дали ги задржал потпишаните копии од Протоколот за соработка, кој што ги одредува законските концесии што би и ги обезбедил премиерот на Македонија на компанијата на тужените, како и соодветниот договор што ги наведува митата што премиерот и неговите партнери би ги добиле повратно за законските концесии?

Тужените тврделе дека одбивањето на Богоески да одговори на тие прашања го оправдува бришењето на целото негово сведочење. Но, судот навел повеќе аргументи поради кои ваквото барање на тужените се одбива. Одлуката е потпишана на 11 август годинава, од Ричард Џ. Саливан, Окружен судија на САД.

Извори упатени во истрагата со кои разговараше БИРН, велат дека прашањата од адвокатот на тужените „се сосема очекувани“, ако се има предвид дека признанието за поседувањето копии и други документи од страна на Богоески, не само што е неповолно за тужената тројка Штрауб – Морваи – Балог, туку би било проблематично и за македонската Влада и судско-обвинителски структури.

Наводно, постоеле снимки (не се прецизира дали тонски или видео) од одредени судско-обвинителски средби, од кои едната на 18 април 2013. Тогаш, според овие извори, распитот на обвинетите во „Агент“ во три наврати бил прекинат, за да биде направена консултација со двајца обвинители во позната адвокатска канцеларија во Скопје.

„Заради предметната поврзаност на актерите од случаите „Телеком“, „Агент“, но и една од објавените ‘бомби’ на опозицијата, според која, лица од власта договараат кои медиуми ќе бидат брифирани за Телеком и „како ќе се испегла работата со обвинителите“, неминовно е и случајот „Агент“ да биде во надлежност на специјалниот обвинител, како школски пример како извршната власт се пресметува со потенцијални сведоци на нивниот криминал“, вели правен експерт за БИРН под услови на анонимност.

Според извори упатени во истрагата, со сите овие „детали“ се запознаени и дипломатски претставништва во Македонија, кои најавија мониторинг врз постапките на специјалното обвинителство, но понудија и експертска помош.