Вести

Две условни, паушали и трошоци за уште двајца во „Империја“

Фото-колаж | БИРН

Веста за спогодбите на „капиталците“ во  случајот „Империја“, Јордан Камчев и Сашо Мијалков, во јуни годинава, ја затскри информацијата дека, освен нив, донесени се уште две пресуди базирани на спогодба.

Едната е за директорот на „Бетон Штип“, Ванче Мијалчев, а другата за Лилјана Гајдовска, прокурист во фирмата на Камчев, „Кара АД“, открива БИРН.

И двајцата се правосилно осудени дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Добија условна казна затвор од една година, која нема да се изврши ако во следните три години не бидат осудени за ново кривично дело.

На пресудата ѝ претходела спогодба со обвинителката Лиле Стефанова.

Во пресудата што БИРН ја доби од Кривичниот суд, за Мијалчев, пишува дека тој е дипломиран електроинженер, управител на штипски „Бетон“, безимотен и неосудуван, а за Гајдовска дека е правничка и директорка на фирма, која, освен случај, нема друг кривичен „товар“ зад себе.

Мијалчев потврдил дека во 2013 година, заедно со Цветан Панделески и Зоранчо Митровски, како тогашни членови на одборот директори на АД „Бетон Штип“ за контроверзната „Ексико“ и „Езимит холдинг“ прибавиле корист од четири милиони евра, со што оштетиле 150 малцински акционери.

Во тоа им помогнале Гајдовска и Камчев, кој во пресудата е наведен како сведок – соработник на правдата.

Сѐ почнало во 2013. Тогаш сегашните осудени „донеле предлог-одлука за одобрување голема зделка и зделка со заинтересирана страна, со која требало да се откупат уделите на правното лице ‘Омега билдинг’, кое, како основачки влог, имало градежно неизградено земјиште“, пишува во пресудата.

Еден од градителите на Скопје 2014

Штипски „Бетон“, чиј управител беше Мијалчев, беше еден од градежните магнати што градеше шест згради и партерното уредување кај МНР од проектот „Скопје 2014“ за сума од 54 милиони евра.

Во пресудата пишуваа дека Собранието на акционери донело одлука за продажба на уделот, иако за тоа немало проценка, а било дадено мислење со резерва од овластен ревизор.

Директорот на „Бетон Штип“, иако знаел дека ваквата одлука е незаконска и не треба да ја спроведе, склучувал договори за купопродажба, подигал кредити од три банки и со тоа ги оштетил акционерите.

Мијалчев и Гајдовска треба да платат судски паушал од 5.000 денари, како и трошоците за кривичната постапка, односно вештачењето во износ од над 890 ијади денари.

Со овие две спогодби, бројот на спогодби во „Империја“ се искачи на шест, што значи дека половина од тринаесеттемина првично осомничени признале дека се виновни. За овој „антологиски“ долг предмет досега се спогодија Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Тодор Мирчевски и Ненад Јосифовиќ.

Мијалков беше осуден на три години затвор, исплати 6,1 милиони евра во готовина, а државата му одзеде имот, кој, според проценката, вреди околу 30 милиони евра. Камчев, пак, беше осуден на една година и плати 5,3 милиони евра.

Во истрагата за „Империја“ осомничени беа и други, меѓу кои  бизнисменот Цветан Панделески и сметководителката во фирмите на Камчев, Зорица Арсовска, бизнисменот Владислав Стајковиќ .

Но, за нив уште нема ниту обвинение, ниту информација што се случува со истрагата.