Веднаш зад фасадите од проектот „Скопје 2014“ се крие шуплив простор со метални конструкции на кои се прицврстени гипсот, стиропорот и другите материјали лесни за обликување во барокен стил. Со години наназад, пак, за нив стојат документи дека се направени со незаконско трошење на народните пари.
Јавното обвинителство досега загреба само една од новите фасади во центарот на Скопје, таа на зградата на Владата, кога на почетокот на април отвори истрага за тоа кој и како ја изработил и со какви материјали, а директорот на градежната компанија што работеше на преоблекувањето на објектот е ставен во 30-дневен притвор.
Во други случаи, за кои според Обвинителството сѐ уште се води предистражна постапка и се чека да се отворат предмети, прекршувањето на законите не е во материјалите, туку во парите што биле потрошени. Уште во 2017 година е објавен извештај на Државниот завод за ревизија, според кој, пари наменети за културно наследство се користеле за промена на изгледот на фасадите во центарот на главниот град. Таму јасно пишува дека станува збор за незаконско трошење на средствата.
Со тоа, додека голем дел од културно-историските објекти во градот и во земјава се во тешка состојба, тивко се амнестира ненаменското трошење на парите за нив, а фасадите направени на овој начин, од година во година сѐ повеќе се зацврстуваат во колективната меморија.
Нов лик наместо изворна форма
Триста милиони денари, или речиси пет милиони евра, е сумата што на 13 јануари 2016 Министерството за култура му ја уплатило на Град Скопје, откако претходно владата донела одлука за тоа.
Во времето кога се развиваше проектот „Скопје 2014“, Град Скопје има потрошено речиси 14 милиони евра за фасади, така што овие пет милиони се само дел од тој трошок. Но, тие дошле од грне што не смеело да се отвори за оваа намена.
Ревизорите нашле дека парите се обезбедени преку буџетската програма за заштита на културното наследство, а му се доделени на градот на нетранспарентен начин и спротивно на законските рамки. Од една страна се дадени како капитални дотации, а од друга е одлучено да се трошат за дејности од културата. Со тоа, според ревизијата, има несогласување меѓу правната основа што се искористила за државата да му префрли пари на Градот и намената за која тие се трошеле.
Забелешките што понатаму ги дава Државниот завод за ревизија не се само процедурални, туку и суштински.
„За заштита на културното наследство се грижат овластени установи, а не општини и други субјекти“, се вели во извештајот.
Понатаму се додава дека основната цел на заштитата на наследството е одредени објекти, предмети и друго да се зачуваат во својата изворна форма поради своите архитектонски, историски, социолошки и други вредности. Спротивно на тоа, на објектите во центарот на Скопје им се менува изворниот изглед со нов, „старински“ лик.
Зградите не ни биле културно наследство
Движејќи се од паркот Жена-борец кон плоштадот и понатаму по улицата Македонија или по другите околни сообраќајници, набљудувачот може да забележи десетици објекти со многу декорации на надворешните ѕидови и околу прозорците.
Тука има и објекти што навистина се стари речиси еден век и го задржале својот оригинален изглед, како Ристиќевата палата, која своевремено доминираше на градскиот плоштад. Но, повеќето од нив се згради направени по Втората светска војна, при модерната обнова на Скопје, а сегашниот лик го добија пред пет-шест години, според замислите на архитектите Жарко Чаушевски, Звонко Ставрески и други, кои беа меѓу главните реализатори на идеите во проектот „Скопје 2014“.
Во времето кога елементите изработени по нивните нацрти се лепеле или се зашрафувале врз старите фасади во центарот, зградите на кои се работело воопшто не биле културно наследство. Напротив, за да биде можна таа трансформација на ликот, беше потребно претходно да се укине статусот на централното градско подрачје на Скопје како урбана целина под заштита.
„Статусот е симнат уште во 2012 година, со ревалоризација со која наводно се утврдило дека централното подрачје ги загубило амбиенталните вредности и според тоа не треба да биде под заштита. Тоа го отвори патот за да се прават нови фасади, а идејата била потоа да се стават под заштита“, вели Донка Барџиева Трајковска од невладината организација Центар за културно наследство.
На интернет е објавена одлуката за престанок на заштитата на урбаната целина Централно градско подрачје, издадена од Управата за заштита на културното наследство, напишана на две и пол страници и потпишана од поранешниот директор на оваа институција, Паско Кузман. Во неа се вели дека центарот на градот добил таков статус во 1998 година и дека, иако објектите што го преживеале скопскиот земјотрес во 1963 година, и натаму стојат, градењето околу нив придонело сериозно да се нарушат архитектонските вредности на целината, па затоа заштитата треба да престане. Зоната што претходно била заштитена се протега на околу 130 катастарски парцели, според документот.
„И ништо не се направи за да се преиспита таа одлука, да се види како бил направен елаборатот, да се разгледа секој објект поединечно, на секоја парцела“, додава Барџиева-Трајковска.
Погрешни подизведувачи и лажни материјали
Во Јавното обвинителство досега имаше две предистражни постапки во врска со фасадите, едната преземена од поранешното Специјално јавно обвинителство, а другата отворена по наодите во ревизорскиот извештај.
За првата веќе се издаде наредба за истражна постапка против четири лица – тројца директори на градежни фирми и еден поранешен директор на државна институција, во врска со неокласичната фасада во која се преоблече зградата на Владата.
Според соопштението од Обвинителството, управителот на фирмата што била избрана на тендер за да ги изврши градежните работи пријавил едни подизведувачи за да ги исполни условите за да ја добие работата, а потоа ангажирал сосема други. Со тоа ја изиграл постапката за јавни набавки, за работа вредна 7,9 милиони евра.
Дополнително, градежниците направиле манипулација и со материјалите. Фирмата подизведувач ги направила декоративните елементи од материјал различен од тој што бил предвиден со проектот.
За сето тоа време, директорот на државната институција задолжена да го води проектот, односно на владината Служба за општи и заеднички работи, потпишувал дека сѐ се прави прописно, а, според обвинителството, директорот на главната фирма-изведувач го поттикнувал во тоа.
Според базата на податоци на БИРН, за менувањето на владината фасада се потрошиле речиси 17,7 милиони евра, а биле ангажирани фирмата Бауер БГ, како главен изведувач, и неколку подизведувачи.
Вториот случај, пак, останува во предистражна постапка.
„Поради обемноста на документацијата е потребно време за постапување по истите и донесување каква било јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, ни одговорија од Јавното обвинителство.
Дел од парите што Град Скопје ги добил од Министерството за култура, а што не биле потрошени на „барокизација“ на згради во центарот, биле пренаменети за обнова на фасади на средни училишта.
Планови за враќање на фасадите во првобитниот облик засега нема од ниедна институција.