Анализи

Електронски софтвер за кривичните пријави во Обвинителството

Министерството за правда предлага комисија да врши контрола над распределбата на предмети

Поучени од лошите искуства со злоупотребaтa на софтверот што дели предмети во судовите, Министерството за правда предлага редовен надзор над електронскиот систем што ќе дели предмети во обвинителствата.

Но, за да постои надзор, треба да има софтвер за електронска распределба на предмети. А таков софтвер во Обвинителството нема. Како што велат оттаму, за тоа досега немало пари.

Јавното обвинителство користи систем, кој е одамнешна донација, наменет исклучиво за водење на предметите, а не прави случаен избор на обвинители што ќе работат на конкретни предмети, со што би се избегнала пристрасност или можни злоупотреби.

Предложените измени со кои би се вовел надзор над работата на електронската делба на предмети веќе се прикачени на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Воведувањето таков софтвер и надзорот врз него, всушност, би ја променил децениската пракса како ќе се определува кој обвинител за работа на конкретен предмет. Распределбата на предмети, како што налага Законот за јавното обвинителство не треба да ја прави човек, туку компјутер. Досега тоа се правеше „пеш“ со внесување на пријавите во книга на предметите, а обвинителите ги добиваа редоследно со бројче.

Таквата пракса секогаш не се почитуваше, затоа што шефовите на Обвинителствата знаеја директно да им доделат конкретни предмети на обвинителите поради нивното искуство.

Токму затоа обвинителите се против ваквото решение. Образложуваат дека нивната работа е доверлива и може да ја осуети тајноста на истрагите.

Но, не мислат сите така. Некои, пак, сметаат дека електронскиот софтвер е добра работа. Со него ќе се избегне фаворизирање на обвинители, а ќе овозможи и техничка контрола на системот, која во овој момент не постои.

Што се предлага

Информатичари и правници ќе прават надзор на делењето предмети во Обвинителството | Фото: БИРН

Надзорот над делењето обвинителски предмети би требало да го врши комисија од четворица членови што ќе ја формира министерот за правда.

„Ќе биде составена од двајца претставници од Министерството за правда, дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосудниот испит и двајца информатичари“, пишува во предложениот закон.

Таа комисија треба да изготвува извештај од надзорот и да изрекува мерки за отстранување евентуални неправилности што би биле утврдени. Во образложението за предложените законски измени пишува дека ваква електронска распределба постои и кај судовите со АКМИС-системот.

Аргументот на предлагачот на законските измени, Министерството за правда, е дека ваквата измена би била во дослух со самиот Закон за јавното обвинителство, кој пропишува обврска за електронска распределба на предметите, но и дека таа е „согласно основната намера на Владата на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и во духот на реформите, во областа на правосудството и негово натамошно унапредување“.

Министерството уверува дека со предложените измени на Законот за јавното обвинителство нема да се наруши самостојноста и независноста на јавните обвинители и ќе биде во согласност со планот за надзор, кој би го донел министерот за правда. Тоа би било најдоцна во декември, во тековната година за следната календарска година.

Многу пред Министерството за правда да го предложи ова законско решение, и антикорупционерите препорачуваа софтвер за распределба на предмети. Во Планот за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024, наведоа до 2021 година да се воспостави автоматизиран систем за распределба на предмети.

Но, тоа досега не се случи.

„Со оглед на фактот дека ЈОРСМ информираше дека сѐ уште не се обезбедени средства за набавка на системот, статусот на активноста во извештајот за 2022 година се смета како нереализиран“, одговорија оттаму.

Од Јавното обвинителство, за БИРН, велат дека за да се надгради постојниот систем (Case management) со софтвер што ќе дели предмети, треба пари, а пари за таа намена не се обезбедени.

Признаваат дека постојниот систем за водење на предметите е „веќе застарен и не е соодветен на потребите на јавнообвинителското постапување. Можностите за негова надградба се испитуваат“.

Нагласуваат дека Обвинителството, преку проект, неколку месеци работи на анализа на функционалноста на системот и за потребата од креирање посоодветен електронски систем за управување со предметите.

Праксата во европските држави покажува дека електронската распределба на предмети низ обвинителствата не е непозната. Австрија и Англија веќе имаат ваков систем. Во Анализата „Дигитализација на синџирите на кривичната правда“ од 2014 година пишува дека електронската распределба „веќе резултира со подобро избалансирана распределба на случаите, така што на подобар начин се искористуваат капацитетите“.

Три ургенции и негативен заклучок за предлогот на владата

Советот на јавни обвинители бил против | Фото: БИРН

Во изминатиот период, владата трипати се обраќала до членовите на Советот на јавни обвинители за да добие мислење за да се додаде нов член во Законот за јавно обвинителство, со кој се воведува надзор во електронскиот систем за распределба на предмети во Јавното обвинителство.

На една од последните седници на Советот, поранешниот претседател Антонио Јолевски го отворил ова прашање.

„Не може Министерството да врши надзор над работењето на јавното обвинителство, посебно на електронската распределба на предметите“, рекол Јолевски.

Со тоа се сложиле и останатите членови.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој по функција е член на Советот на јавните обвинители, исто така бил против. Рекол дека не може да се изедначува судскиот АКМИС со електронскиот систем за распределба на предметите во Обвинителството.

„Кај судовите, странката има право, на како го викаат Европејците, природен судија, односно судија избран, така да речам по некојаси лотарија од самиот избор што се врши, а кај јавното обвинителство, тоа не е така и не треба тој систем до крај да има такви можности“.

Јовески кажал и дека 70 проценти од постапките во јавното обвинителство се доверливи, а евентуалниот надзор би можел да ја повреди тајноста на постапките.

„Тоа би можело да ги осуети постапките“, поентирал Јовески.

По дискусијата, Советот заклучил да го одбие предлогот на владата за воведување нов член во Законот за јавното обвинителство што би вовел надзор над електронската делба на предмети.

Правда мисли поинаку

Шефовите на обвинителствата биле информирани | Фото: БИРН

Уште претходниот министер за правда, Никола Тупанчески ги повикал шефовите на обвинителствата за да им предочи дека мора да профункционира систем за електронска распределба на предмети, рекоа од Кабинетот на министерот за правда, Кренар Лога.

Како што ни кажа оттаму, постојниот систем за електронско водење предмети е застарен, па затоа меѓународен и домашен експерт работат на скенирање на состојбите и на наоѓање решенија.

Со потпис на државниот обвинител Љубомир Јовески, во 2021 беше објавен Правилник за електронска распределба на предметите низ обвинителствата.

Еден од проблемите, како што велат од Кабинетот на правда, е што обвинителите немаат потесна специјализација за кривичната материја што ја работат, како што е тоа со судиите, па на алгоритмите би им било посложено како да „филтрираат“.

Измените на Законот за јавното обвинителство за надзор над електронската распределба на предметите е двотретински закон, што значи дека е потребна поширока политичка поддршка за негово донесување.