На 31 март, во струмичкиот суд, на обвинителна клупа треба да седнат две струмичанки, мајка и ќерка. Кон крајот на февруари се вратиле од Пјаченца, Италија, па властите им наложиле да се изолираат поради состојбата со корона вирусот. Но, тие, не само што докрај не ја испочитувале обврската, туку се симнале од станот и се расправале со полицајците.
Обвинителството во Струмица ги гони бидејќи не ги почитувале мерките за заштита од заразни болести. Нив им се заканува парична казна или затвор до една година. Од судот за БИРН потврдија дека предметот е експедиран до судот, внесен во АКМИС-системот и даден за постапување кај судија.
Ова засега е единствен случај, во кој, на лицата што не ги почитуваат препораките и наредбите, од институциите за заштита од корона вирусот им се заканува, не само парична, туку и затворска казна.
Но, затоа, во останатите примери, од почетокот на важењето на мерките на владата до вчера, побарани се парични казни во просек меѓу 2.000 и 3.000 илјади евра за вкупно 26 граѓани, бидејќи не ги почитувале напатствијата на државните органи. Некои од паричните казни им се веќе изречени пред судовите. Со тоа вкупната бројка на прекршители заклучно со вчерашниот ден е 28.
Од она што досега може да се заклучи е дека нема ниту една пријава или парична казна на територијата на Скопје, што значи дека прекршителите се од внатрешноста на државата. Пријавите до деветте обвинителства што постапуваат ги поднела полицијата, а обвинителствата и судовите имаат задолженија итно да постапуваат за вакви предмети. Целта е јасна: превенција.
Ако продолжи овој тренд, се чини дека бројот на прекршители на владините мерки може многу бргу да го надмине бројот на заразени од вирусот, кој, исто така, бележи тенденција на пораст.
Од Обвинителството за БИРН потврдија дека има нови случаи на прекршувања за кои во тек се постапки.
Потпишуваат дека ќе бидат во изолација, па излегуваат од дома
Се чини дека досега полицијата е ажурна во „ловењето“ на оние граѓани што не се придржуваат до мерките. Кривичниот законик најчесто е прекршен поради непочитување на писмената изјава за самоизолација, а во помал дел тоа е поради одбивање за самоизолација.
Па така, жител на Добридол, послужувал гости во својата кафетерија во Гостиварско. Тамошното обвинителство тврди дека тој со умисла не постапил според писмената наредба на Министерството за здравство, со која се определени мерки за спречување или сузбивање на корона вирусот, COVID 19.
Седум кавадарчани, кои во државава дошле од различни држави, кога влегле во земјава потпишале изјави за самоизолација, ама полициските службеници при проверка не ги нашле во своите домови каде што задолжително требало да ја спроведуваат мерката, па кавадаречкото Обвинителство итно поднесе барања за казнени налози до судот.
Претседателот на кавадаречкиот суд, Лазар Нанев, за БИРН рече дека пресудите за парични казни за вкупно осум кавадарчани се напишани и доставени, и дека им тече рокот за приговори.
„Во првиот случај, лицето одбивало да потпише писмена изјава за самоизолација, а останатите седум лица не ги почитувале потпишаните изјави“, вели Нанев.
Уште подраматичен од Кавадарци е примерот во Битола. Петчлено семејство требало да биде во задолжителна двенеделна изолација. Но, тие излегле од својот дом пред семејната куќа и се расправале со соседите. Двајца од нив дури физички ги нападнале соседите и ги повредиле.
Парична казна или затвор до една година
Кривично-правниот прогон, во време на светски прогласената пандемија, е регулирана со два члена од Кривичниот законик, а досега сите побарани мерки се однесуваат на еден од нив, членот 206.
Овој член пропишува непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. За физички лица, санкцијата е парична казна, односно затвор до една година, а за правните парична казна.
БИРН ги провери годишните извештаи на Јавното обвинителство за изминатите години. Евидентно е дека за кривични дела што се против здравјето на луѓето, во кои влегуваат и овие два члена, годишно се поднесувани пријави во просек по 1.000 лица.
Но, невозможно е да се направи увид во тоа колку во минатото имало вакви слични кривични пријави, бидејќи во оваа глава влегуваат и други дела против здравјето на луѓето.
Отворено е прашањето, што доколку за некое од лицата обвинителствата побараат притвор, имајќи ги предвид условите на домашните затворски установи во смисла на изолација.
Но, не само тоа. На социјалните мрежи неделава се појавија експертски толкувања, кои велат дека во државава формално не е прогласена епидемија за да бидат исполнети сите елементи на кривичното дело.
Судија што донел вакви пресуди, за БИРН вели дека во образложението ја цитирал одлуката на Светската здравствена организација за прогласување пандемија, која ја апсорбира и епидемијата, иако таа формално не е прогласена во земјава.
Полицијата бара обвинителството да постапува за ексдиректорката на Кожно
Полицијата го извести скопското Обвинителство за ексдиректорката на скопската Клиника за кожни болести, бидејќи не се самоизолирала кога се вратила од скијање во Италија, a ден пред да заврши на Инфективната клиника, држела предавање на симпозиум на стотина лекари во скопски ресторан.
Од таму за БИРН велат дека будно ја следат состојбата, но за кривично да ја гонат ексдиректорката за пренесување заразна болест, треба да има барем еден инфициран.
„Доколку не дојде до пренесување на заразната болест, кој е суштествен елемент на ова кривично дело, во тој случај нема место за кривично-правна интервенција“, вели за БИРН, шефот на скопското Обвинителство, Сашо Рајчев, осврнувајќи се на битието на кривичното дело.
Тој потенцира дека, доколку во наредниот период бидат поднесени кривични пријави, поткрепени со докази, обвинителството што тој го менаџира, ќе ги направи потребните проверки и ќе одлучи за нив.
За да биде исполнето кривичното дело според членот 205 од Кривичниот законик треба да има умисла, но во ставот шест е пропишана казна и за небрежност.
Правосудниот систем е целосно ставен во функција на детектирањe и санкционирање на сите прекршители на законот, со посебни упатства за итно постапување и на обвинителствата и на судовите.
Министерката за правда, Рената Дескоска изјави дека сè уште е рано да се говори за заострување на санкциите во Кривичниот законик со уредба на Владата во време на вонредна состојба.