Анализи

Изолација и на бизнисот поради коронавирусот

Прогнозите за последиците по економијата од пандемијата и глобално и локално се застрашувачки

  • 5
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не само што коронавирусот нè присили да седиме дома за да избегнеме контакт со него и со тоа да го зачуваме нашето здравје, нѐ натера,всушност, целосно да ги промениме нашите навики како да заработуваме и како да ги трошиме парите.

Нѐ натера голем дел од нас да не одиме физички на работа, туку да работиме онлајн од дома, да не се возиме толку често со такси како претходно, да не пиеме кафе во некое од нашите омилени кафулиња или ресторани како вообичаено, да не одиме на концерт, театар или кино, на патување во странство, или, пак, да не одиме на фризер.

Освен нас, во изолација ги стави и повеќето помали бизниси, особено од услужниот сектор, кои директно зависат од нашето движење надвор. 

„Денеска Вие сте трет патник, само 300 денари промет имам“, ми вели еден таксист, кој со заштитна маса и ракавици, како што му наложија локалните власти и нему и на сите други таксисти, се обидува да извади пристојна дневница и во овие услови.

„Страв им е на луѓето да дојдат на фризер, телефонот на кој вообичаено ни се јавуваат да закажат термин, речиси и да не ѕвони деновиве“, ми вели еден скопски фризер, размислувајќи дали да прекине да работи привремено додека трае пандемијата со коронавирусот.

Малите бизниси се на голем удар | Фото: БИРН

Менаџер на еден скопски хотел вели дека речиси сите резервации за месецов се откажани, а воопшто нема нови. Туристичките агенции, исто така, ги откажаа сите патувања, а веќе бројат и загуби поради претходни платени резервации во странство, кои нема да се реализираат.

Ригорозните мерки што ги донесоа властите за превенција од коронавирусот ги затворија целосно трговските центри, кафулињата, рестораните, казината и обложувалниците, со исклучок на продавниците за храна и аптеките.

И токму тие деновиве се меѓу ретките што бележат зголемен промет. Во сите супермаркети има метежи од луѓе, кои дури и панично ги празнат полиците и ги полнат касите неколкукратно повеќе од вообиачено.

Редици луѓе има и во аптеките. „Правиме промет двојно поголем од претходно. Граѓаните особено купуваат витамини и средства за дезинфекција“, велат од една аптека во Скопје.

Никој не може отсега да процени колкави ќе бидат негативните последици врз економијата оти никој не може да предвиди до кога ќе трае и колкави размери ќе достигне пандемијата, но со сигурност може да се каже дека економската штета ќе биде екстремно голема

Од друга страна, пандемијата почна бргу да го менува конзервативниот менталитет на македонските граѓани, па така сега се зголемува купувањето на интернет, повеќе се користи електронското банкарство и услугите за достава и дистрибуција.

Меѓутоа, овие сектори, кои во услови на пандемија бележат зголемени приходи од продажба, се мал исклучок во економијата, додека, пак, најголемиот дел од компаниите се загрозени.

Погодени се и понудата и побарувачката. Понудата затоа што набавувањето суровини и производи може да биде намалено или секнато, а побарувачката затоа што луѓето нема да трошат, освен за неопходните работи.

Никој не може отсега да процени колкави ќе бидат негативните последици врз економијата оти никој не може да предвиди до кога ќе трае и колкави размери ќе достигне пандемијата, но со сигурност може да се каже дека економската штета ќе биде екстремно голема.

Економските мерки во подготовка

Зависноста од камионски превоз може лошо да се одрази | Фото: БИРН

Освен малите и средните бизниси, кои највидливо покажаа негативни знаци од кризата со коронавирусот, загрозени се и поголемите компании. Иако е рано да се квантифицира влијанието на пандемијата врз одделни економски сектори, економистите прогнозираат дека оваа криза, доколку потрае, може да го намали производството во индустријата.

Засега нема статистичка поткрепа на актуелните економски трендови, но јасно е дека инвестициската активност ќе падне оти неизвесноста ќе ги воздржува приватните компании да инвестираат, а може да влијае и врз забавување на јавните инвестиции.

Деновиве веќе сме сведоци на случаи каде што камиони се заглавени на гранични премини, па се движат во конвои, без оглед што транспортот на стоки е изземен од мерките на земјите што ги затворија границите за патници.

Имајќи предвид дека дури 82 проценти од извозот одат во европски земји, а девет од десетте наши најголеми извозни пазари се токму државите каде што коронавирусот рапидно се шири, односно Германија, Грција, Велика Британија, Италија, Кина, Србија, Бугарија, Романија и Белгија, многу лесно може да се случи овие земји да ги намалат нарачките од македонските фабрики и со тоа да се загрози потенцијалниот извоз.

Овој ризик е особено изразен бидејќи овие земји од висок и од среден ризик преземаат слични ригорозни мерки на превенција како и кај нас, кои опфаќаат забрани за движења на граѓаните, затворање граници и слично, така што се очекува граѓаните помалку да трошат, па намалувањето на побарувачката е извесно.

Од друга страна, проблеми може да има и при увозот. А судбината на земја како нашата, која има недоволно домашно производство и со тоа е зависна од увоз, може да биде прилично песимистичка.

Меѓу другото, увезуваме и храна и живи животни, суровини за производство, и тоа повторно токму од најпогодените земји од оваа криза. Што ако дојде до целосно затворање на границите?! Ќе имаме ли доволно да се прехраниме или ќе продолжиме да гледаме празни рафтови во супермаркетите?!

Прашање е како ќе се движат и цените во следниот период. Ќе ги вивне ли нагло зголемената побарувачка на цените на некои производи?! Властите веќе прават обид да ги замрзнат цените на одредени основни производи со владина одлука, но никој не може да влијае на цените на суровините што ги увезуваме.

Меѓународниот економски контекст на пандемијата е застрашувачки. Стравот е уште поголем оти лузните од последната светска криза од пред само десетина години се сè уште многу длабоки

Сите овие дилеми што предизвикуваат загриженост веќе ги мобилизираа владите во повеќе европски земји да воведат економски мерки, како на пример забрана за извоз на стратешки производи, одложувања на даночни обврски и рати за кредити, покривање на дел од платите на работниците со пари од државните буџети, милијарди евра како кредитна поддршка за фирмите, намалувања на основните камати на централните банки. 

Од економскиот ресор на владата најавија дека се разгледуваат три сценарија, кои веќе се разговараат со претставниците на стопанските комори.А стопанските комори веќе излегоа јавно со барања за државна поддршка.

„Македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега“, изјави  претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

„Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата. Сведоци сме дека во целиот свет се истураат милиони и милијарди за спас на компаниите и затоа ја охрабруваме владата тоа да го има предвид“, додаде тој.

Народната банка, пак, на вонредна седница донесе одлука да ја намали основната камата за 0,25 процентни поени, на 1,75%.

„Ова намалување на каматната стапка треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. Со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор“, објаснија од Народна банка и додаваат дека се разгледуваат и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во услови кога е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок.

„Овие мерки се однесуваат на евентуални промени што ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања“, истакнаа од Народна банка.

Економистите велат дека искуството од претходната глобална криза ги научило дека што порано се преземат мерки, толку повеќе може да се ублажат негативните последици.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека владата треба да излезе со еден контингентен план, кој ќе антиципира неколку сценарија и соодветни мерки.

„Профитот сега не треба да биде фокус на економските мерки, туку ликвидноста. Многу лесно може да се случи фирмите да не можат да исплатат плати, бидејќи се очекува дека ќе доцнат со испораките и соодветно на тоа нема да може да наплатуваат според предвиденото. Токму во тој дел очекувам мерки од владата“, истакна Петрески.

Светот пред нова рецесија

Бикот е запрен, на берзите игра мечката | Фото: БИРН

Меѓународниот економски контекст на пандемијата е застрашувачки. Стравот е уште поголем оти лузните од последната светска криза од пред само десетина години се сè уште многу длабоки.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, веќе предупреди дека ова може да биде слична економска криза како онаа од 2008 година.

На берзите ширум светот заиграа „мечките“, кои ги бутнаа индексите за повеќе од 20 процентипод својот максимум. Централните банки веќе излегоа со координирана акција да вбризгуваат пари во економиите преку таканареченото квантитативно олеснување.

Американските федерални резерви објавија дека ќе инјектираат 700 милијарди долари, а каматните стапки ги сведоа на нула. Европската централна банка, исто така, објави дека ќе ослободи пристап до 100 милијарди евра банкарски капитал за кредитирање на компаниите погодени од актуелната криза. Јапoнската централна банка, пак, најави дека ќе откупува финансиски инструменти во вредност од 100 милијарди евра до крајот на годината.

Претходно и Европската комисија објави дека ќе одвои 37 милијарди евра за поддршка на најпогодените сектори од пандемијата со коронавирусот.

Првите знаци засега упатуваат дека, доколку оваа пандемија потрае, следните неколку месеци, неминовно ќе доведе до рецесии во Европа, Сад, Јапонија и најбавен раст во Кина досега.

Економистите велат дека искуството од претходната глобална криза ги научило дека што порано се преземат мерки, толку повеќе може да се ублажат негативните последици

Според прогнозите на Блумберг, доколку се оствари најлошото сценарио, кое сега веќе изгледа и реално, според кое сите земји во нивниот модел претрпуваат страшен шок, растот на светската економија ќе биде нула. И САД ќе влезат во рецесија, а кинескиот раст ќе биде само 3,5 проценти, најслаб од 1980 година досега. На светско ниво, оваа стагнација ќе значи загубен бруто домашен производ од 2.700 милијарди долари.Тоа е колку целата економија на Велика Британија.

Освен аналитичарите на Блумберг, и други го запалија алармот. ОЕЦД ги снижи своите прогнози за светскиот економски раст од 2,9% на 2,4% за годинава, и предупреди дека може да падне и до 1,5%. Голдман Сакс очекува контракција на светската економија во првото полугодие, а скорешните прогнози за раст на кинеската економија во првиот квартал се движат од 5,8%, па сè до пад од 0,5%, што само го истакнува високиот степен на несигурност околу целава ситуација со коронавирусот.