„Не знам“ и „не ме прашувајте“ беше најчестиот одговор на граѓаните што ги прашавме што значи терминот „ерга омнес“. Стотици граѓани поминуваат покрај шаторите во паркот „Жена-борец“ во Скопје, каде што активисти за одбрана на уставното име собираат потписи и агитираат. Но, најголем дел од минувачите воопшто не сакаат да одговараат на прашања за спорот за името, а и дел од оние што се согласија да разговараат си заминаа по едно отсечно „не знам“ на прашањето што е „ерга омнес“.
„Не го разбирам тоа и немам кого да прашам“, ни одговори една скопјанка.
Токму „ерга омнес“, односно опсегот на употребата на евентуалното ново име што би го договориле владите на Македонија и на Грција, останува клучната разлика меѓу двете страни пред средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас в четврток во Софија.
Но и граѓаните што одговорија на нашето прашање имаа различни толкувања во врска со „ерга омнес“. Според некои, тоа е решение што не ја опфаќа домашната употреба на името.
„Ерга омнес во правото се знае – она што важи за целиот свет, а не значи дека важи и за дома. Друго ништо. Тоа е ерга омнес. Јас не сум правник, ама како што ги слушам правниците како го толкуваат, така го толкуваат. Дека во правото ерга омнес постои, тоа е латински израз, и се однесува дека некоја држава се слага да во меѓународната комуникација со другите земји биде нешто. Дали име, дали презиме… Се обврзува дека така ќе постапува. А внатре како ќе си ги реши работите, не е дел од ерга омнес. Тоа е нешто друго. Ерга омнес не е поим што го измислија сега Грците. Тоа е поим којшто е од римското право, а тоа се однесува на ова што го кажав. Значи ова што го бараат Грците ако можам да кажам не е ерга омнес, туку ерга омнес плус. Затоа што бараат да го смениме и уставот. Практично во внатрешните работи на Македонија се мешаат“, рече еден од анкетираните.
Другите, пак, имаа поинакво објаснување – „ерга омнес“ значи целосна промена на името и дома и надвор.
„Треба да менуваме и устав и сѐ. Јас не се сложувам со тоа. Грците настојуваат да го промениме името, прифатија ‘Македонија’ да има во името, ама насекаде да биде тоа, и во уставот да се промени и во сите документи“, вели еден пензионер.
И следниот анкетиран граѓанин имаше ист став.
„Да не бидам вулгарен, тоа значи тотална глупост. Не можат да ни кажуваат како да се викаме дома и надвор. Ерга омнес токму тоа значи, како да се викаме и надвор и внатре. Тоа е целосна промена и невидена глупост“, категорично одговори тој.
Брзајќи за да стаса на состанок кај шаторите за одбрана на името, една скопјанка ни рече дека со терминот „ерга омнес“ има многу манипулации во толкувањето, за да се внесе забуна кај граѓаните.
„Не е запознаена јавноста, запознаени се тие што ги разбираат работите и што барем малку се заинтересирани или, еве да не навредам, образовани. Инаку претежно народот не знае ништо, мислат дека е ова детска играчка. Ова е целосно обезличување на македонскиот народ. Тоа е бришење на Македонија. Ама ќе биде постепено. Нема да биде одеднаш, зашто знаат дека ќе се крене народот. Ерга омнес се знае што значи – тоа е целосна промена“, додаде таа.
Инаку во буквален превод од латински „ерга омнес“ значи „кон сите“ или „кон секого“. Во меѓународното право се толкува како обврска што една држава ја презема кон сите други, односно кон целата меѓународна заедница, за разлика од меѓудржавните договори со кои обврските се регулираат само меѓу потписничките. Иако самиот термин не се однесува на внатрешната политика, сепак грчките власти во изминативе месеци недвосмислено кажуваа што за нив значи „ерга омнес“, а тоа е промена на името на Република Македонија и за внатрешна и за надворешна употреба.