Истражувањa

„Фабрики за дипломи“: Косово и Албанија масовно произведуваат дипломци со малку можности за вработување

Сè повеќе млади луѓе се стекнуваат со универзитетски дипломи но многумина остануваат невработени или пак работат нискоквалификувана работа

Јетон Мехмети | Приштина, Тирана, Виена, Грац

Авни Авдиу има импресивен спектар на академски квалификации од три различни земји. Овој 42-годишник има три дипломи од додипломски студии од универзитети во Приштина, Косово, магистратура на Универзитетот во Тирана, Албанија; и докторат на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Македонија.

Но, едно нешто кое Авдиу го нема е работа. Неговиот случај е екстремен пример за еден феномен кој се појавува во сите три земји каде што тој студирал, како и на други места на Балканот -луѓето дипломираат на универзитетите во сè поголем број, но многумина не можат да најдат работа. И, доколку успеат да се вработат, работното место често не го одразува нивното ниво на образование.

Преку интервјуирање на дипломирани студенти, академици, политичари и аналитичари, како и анализа на официјални податоци, Балканската истражувачка мрежа, БИРН, идентификуваше неколку причини за оваа ситуација.

Тие вклучуваат протекции во вработувањето на државни работни места, политики насочени кон зголемување на бројот на ученици, наместо кон квалитетот на образованието, очајната состојба на економиите во регионот и неуспехот да се изготват курсеви, кои одговараат на потребите на пазарот на трудот.

Оваа посебна репортажа на БИРН исто така ги истражува потенцијалните решенија за овие проблеми, вклучувајќи и еден преглед на образовниот систем во Австрија, која е земја со една од најниските стапки на невработеност на младите во Европа.

Авдиу е етнички Албанец, кој е роден во Куманово, Македонија, а живее делумно во Македонија и делумно во Косово. Тој е државјанин на двете земји. Неговите додипломски студии се од областите на новинарството, социологијата и филозофијата, додека неговиот докторат ја обработува темата на еволуцијата на албанските политички партии во Албанија, Косово и Македонија од 1990 до 2010.

Но, неговиот единствен редовен месечен приход се 45 евра паричен надоместок за невработеност од страна на македонската држава.

„Мојот пример е обесхрабрувачки за младите луѓе“, вели тој. „Нема поента некој посветено да учи или напорно да се труди.“

Приказната Авдиу ја нагласува една од причините зошто многу дипломирани студенти имаат тешкотии да најдат работа -во јавниот сектор работните места се доделуваат преку политички протекции.

Со години тој аплицирал за работни места на универзитетите во Приштина и Тетово, во западниот дел на Македонија.

Во Тетово, вели тој, експлицитно му било кажано дека нема шанси да добие работа, освен ако не се приклучи на политичка партија која има влијание да го издејствува тоа.

„Тие ме исмејуваат. Ми кажаа – без да се приклучиш на партијата, дури ни 15 докторати нема да ти помогнат“, вели тој.

„Ова е цената која ја плаќам за тоа што одбивам да бидам конформист и подлизурко на политичките партии во Косово и Македонија.“

Прислушуваните разговори, објавени од страна на македонската опозиција на почетокот на оваа година, содржат конкретни примери на разговори на владини претставници за вработувања и унапредувања на вработените во јавниот сектор, бидејќи тие се поддржувачи на владејачката партија.

Баристите-магистри од Косово

Откако Косово прогласи независност во 2008 година, бројот на невработени дипломци се зголеми повеќе од двојно, од 2953 до 6840, според Министерството за труд. Голем број од овие дипломци доаѓаат од Универзитетот во Приштина, најстариот државен универзитет во земјата, во кој се стекнуваат околу 5.200 дипломи за додипломски студии и повеќе од 900 магистерски титули секоја година.

„Речиси ништо не е направено за да се подобри квалитетот на високото образование“

Дукаѓин Пуповци од Косовскиот образовен центар

Во последните години, еден вид на „магистерска манија“ се чини дека го зафати Косово, со сè поголем број на студенти кои заклучуваат дека им е неопходна магистерска титула за вработување. Но, дури и магистратурата често не е доволна за да се обезбеди пристојна работа.

Толку високото ниво на образование кај угостителскиот персонал може да е причината зошто една веб страница за патувањепрогласи дека баристите во Косово ги прават најдобрите макијато кафиња во светот.

„Откога ги завршив моите студии, аплицирав за многу работни места, кои се поврзани со мојата професија, во министерства, судови и други јавни институции, но никогаш немав успех во тоа“, вели Цаколи.

Дипломираниот правник Блерим Цаколи работи како келнер во кафуле во Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Дипломираниот правник Блерим Цаколи работи како келнер во кафуле во Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Цаколи има завршено една година стаж во Основниот суд во Приштина и има завршено различни обуки.

Кога ги прашува работодавците зошто не е избран за работа, најчест одговор е дека му недостигаат три години професионално искуство. Но, како и Авдиу, тој верува дека вистинската причина поради која тој не може да добие работа е широко распространетиот механизам на протекции.

„Стана пракса да се објавуваат повици за работни места во јавниот сектор само како формалност“, вели тој. „Лицето кое тие сакаат да го вработат може веќе и да работи таму“.

Гледиштето на Цаколи го делат многумина. Според анкетата која беше објавенa оваа година од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации, 81 процент од Косоварите веруваат дека семејните врски, митото, припадноста на партија и други фактори, кои немаат никаква врска со заслуги, се најважни кога станува збор за добивање на работа во јавниот сектор.

Само околу 15 проценти веруваат дека образоваието, професионалното искуство и стручната обука играат улога.

Квантитет наместо квалитет

Но аналитичарите велат дека дипломираните студенти, исто така, имаат тешкотии во наоѓањето работа поради лошите образовни политики. Во последните 10 години министрите се фокусираа на зголемување на бројот на студенти, на сметка на квалитетот на образованието, вели Дукаѓин Пуповци, извршен директор на Косовскиот образовен центар, невладина организација која има за цел подобрување на стандардите во училиштата и универзитетите.

Од 2008 година, бројот на студенти само на Универзитетот во Приштина се зголеми од околу 30.000 на повеќе од 53.000 – огромен број за град со вкупно население од околу 200.000, според пописот извршен во 2011. Владата исто така отвори пет други државни универзитети и акредитираше околу 25 приватни универзитети.

Универзитетот во Приштина се смета за најдобар државен универзитет во земјата. Но, во октомври 2015 година, истиот беше рангиран на 4,046-то место во листата на најдобрите универзитети во светот – далеку зад другите во регионот, вклучувајќи го и Универзитетот во Љубљана (рангиран на 216-то место) и Универзитетот во Белград (431-то место).

„Речиси ништо не е направено за подобрување на квалитетот на високото образование, што резултираше со производство на голем број на дипломирани студенти кои не се подготвени за работа на пазарот“, изјави Пуповци.

„Иако универзитетската диплома ги зголемува шансите за вработување, огромниот број на дипломирани студенти го отежнува вработувањето .“

Како и да е, Владата има мотив да охрабри колку што е можно повеќе луѓе да се запишат на универзитет. Според статистичките правила на Косово, студентите не се бројат во официјалната стапка на невработеност, која веќе е исклучително висока и изнесува околу 35 отсто.

„Фабрики за дипломи“

Албанија исто така бележи брз пораст на универзитетите и студентите. Помеѓу 2008 и 2013 година, бројот на студенти на албанските државни и приватни универзитети речиси двојно се зголеми, од околу 93.000 на околу 173.000, според официјалните статистички податоци.

И ова, исто така, беше причина загриженост во однос на квалитетот. Минатата година премиерот Еди Рама нареди затворање на 18 приватни колеџи, откако еден извештај од извршена инспекција покажа дека тие делеле дипломи со сомнителен квалитет. За само неколку години, рече Рама, приватните универзитети издале 32.000 дипломи – половина од кои биле издадени од страна на само еден универзитет.

Пред да дојде на власт, Рама ја критикуваше лесната акредитација на приватните универзитети кои, тврдеше тој, се претворија во „фабрики за дипломи“.

И во Косово и во Албанија, официјалните претставници велат дека ја препознаваат потребата за реформи во високото образование.

Министерот за образование на Косово, Арсим Бајрами, вели дека главниот фокус во политиките за високо образование досега бил да се зголеми бројот на јавните универзитети, да се зголеми бројот на студенти како и да се усогласи образовниот систем на Косово со европските стандарди.

Но, тој вели: „моментално спроведуваме проект кој има за цел да ги проучи потребите на пазарот на трудот, и ние ќе побараме од универзитетите да ги разгледаат своите наставни програми во согласност со резултатите”.

„Работиме на нов закон за високо образование кој ќе донесе многу промени, сите во духот на зголемување на квалитетот на високото образование”, вели тој.

Владата на Рама побара од група експерти, предводени од Арјан Ѓонца, професор по демографија на Лондонската школа за економија, да изготви реформи на образовниот систем за високо образование.

„Потребни ни се институции кои ќе бидат во можност да го создадат студентот на иднината, оној добро обучен студент кој може да најде работа и е подготвен за животот”, изјави Ѓонца.

Но законот, базиран врз основа на предлозите на комисијата, беше блокиран од страна на Албанскиот претседател во август, што покажува колку е тешко реториката за реформите во образованието да се претвори во реалност. Тој стапи во сила, откако повторно беше усвоен од парламентот, и покрај континуираниот отпор од страна на студентските организации и многу академици. Тие го гледаат новиот закон како обид за приватизација на високото образование и тврдат дека тој го нарушува принципот на автономија на универзитетите.

„Работодавачите повеќе не вработуваат дипломи и квалификации туку луѓе кои `можат да ја завршат работата`“

Ардијан Хацкај, албански аналитичар

Се додека не дојде до промени, некои приватни компании ќе мора да се справуваат со недостигот на квалификувана работна сила.

Брикос е компанија од малата општина Ранилуг, во источно Косово, која произведува цигли. Во компанијата се вработени 90 лица, но газдите велат пронаоѓањето на добро квалификувани работници е голем предизвик.

За време на една посета на фабриката, еден менаџер изјави дека фирмата морала да вработи еден инженер од Србија за да ги подеси машините, бидејќи тие не можеле да најдат некој од Косово кој може да го стори тоа.

И покрај тоа, повеќе од 100 студенти годишно дипломираат на Машинскиот факултет, и тоа само на Универзитетот во Приштина.

Поврзување на теоријата и практиката е голем предизвик за косовските универзитети. Универзитетот во Приштина, чиј годишен буџет е само 30 милиони евра, не може да си дозволи да опреми модерни лаборатории. Но, вработените велат дека тие го користат тоа што го имаат за да им дадат на студентите осет за реалниот свет.

„Не можеме да обезбедиме многу практична работа тука, но барем се обидуваме да овозможиме учениците да ја почувствуваат бучава на моторот, со цел да не се исплашат кога ќе излезат на терен”, вели Шабан Буза, професор на Машинскиот факултет во Приштина.

Шабан Буза, професор на Машински факултет, со студенти во лабораторија на Универзитетот во Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Шабан Буза, професор на Машински факултет, со студенти во лабораторија на Универзитетот во Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Буза, кој во октомври беше назначен за ректор на државниот Универзитет во Ѓаковица, во западно Косово, вели дека секоја реформа во високото образование треба да биде реализирана паралелно со анализа на пазарот на трудот.

“Не можеме да имаме образовна стратегија без стратегија за вработување, која ќе ни покаже какви профили ќе ни бидат потребни во иднина”, вели тој. “Денес имаме преголем број на дипломирани студенти по економија и правни студии”.

Младите Европејци

Една година откако Косово прогласи независност, Владата и плати на рекламната агенција Сачи и Сачи милиони евра за продукција на краток филм со наслов „Косово, младите Европејци“, кој презентира оптимистичката слика на најновата европска држава и нејзиното младо население.

Но, реалноста се покажа многу различна. Невработеноста на младите сега изнесува околу 60 проценти.

Многу од младите косовски Европејци одлучија дека нивната иднина лежи негде на друго место на континентот.

Во првите месеци од оваа година, меѓу 50.000 и 100.000 луѓе излегоа од земјата, барајќи подобри економски можности во побогатите земји на Европската унија.

Некои аналитичари тврдат дека министрите треба да ја прифатат економската миграција како факт за животот во Косово -и образовните политики треба да бидат приспособени не само на домашните потреби на пазарот на трудот туку и на потребите во странство.

„Миграцијата е неопходен појас за спасување во Косово веќе генерации наназад”, вели Беса Шахини, еден од авторите на извештајот на Европската иницијатива за стабилност, аналитички центар со седиште во Берлин, со наслов „Зошто на Косово му е потребна миграција“.

„Работните места кои Косоварите ги добиваат во странство зависат од квалитетот на образованието во Косово“, вели Шахини, додавајќи дека премногу млади луѓе учат теми како што се економијата и правото, наместо да учат „вештини кои имаат пазарна вредност“, како што се столаријата, текстилот или професии од полето на пружање грижа.

„Потребно е рефокусирање на стручните училишта во Косово, со цел да се обучат младите за работни места во Косово, но исто така и во странство“, вели таа.

Еден од профилите кои се бараат во странство се докторите. Во последните три години, повеќе од 400 доктори ја напуштиле земјата, според Косовскиот синдикат за здравство. Просечната плата за докторите-специјалисти во Косово е само 600 евра – ако воопшто можат да најдат работа.

Еден доктор специјалист, кој сакаше да остане анонимен, изјави за БИРН дека моментално работи во супермаркет, откако бил отпуштен од една болница бидејќи поддржувал политичка партија која ја загубила власта на локално ниво.

Нова можност

Во Косово и во Албанија денес, секторите кои се прошируваат и вработуваат работници често не бараат конкретно дипломирани студенти.

На еден сончев ден во јуни, Анди Фоса, менаџерот на Треги Косово, центар за повици со седиште во Пејтон, област во центарот на Приштина, со широка насмевка пречекува нов кандидат на интервју за работа. Секоја недела тој добива десетици апликации за работа. Во компанијата работат околу 70 лица кои телефонски вршат продажба на италијански прехранбени производи на клиенти од германско и англиско говорно подрачје.

Бројот на вработените во Треги Косово – гранка на 3G Brothers Holding, интернационална компанија со седиште во Лугано, Швајцарија – може да варира значително во зависност од обемот на работата која центарот ја презема. Пред неколку години, повеќе од 170 луѓе работеле на телефонск повици во компанијата.

Универзитетската диплома не е неопходна за работа во центар за повици и не подразбира повисока плата, иако многу од вработените на Фоса имаат повеќе од една диплома.

„Познавање на јазикот, основни компјутерски вештини и позитивниот став се сè она што е потребно за да се работи тука“ вели Фоса.

Кристијана Ѓони изјави за БИРН дека работи во Треги Косово речиси три години. Таа заработува 270 евра месечно, со можност за дополнителна провизија. Таа има завршено две додипломски студии на Универзитетот во Приштина- едни по германски јазик и едни по новинарство.

„Се запишав на два различни факултети со цел, доколку не можам да се вработам со едната професија, да се вработам барем со другата“, вели Ѓони. „Но, универзитетската диплома не значи ништо на моето моментално работно место.“

Работници Работници во центарот за повици Треги Косово во центарот на Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Работници Работници во центарот за повици Треги Косово во центарот на Приштина / Фото: Јетон Мехмети

Матичната компанија на Треги Косово има седум центри за повици и во Албанија. Всушност, вкупно 12 центри за повици се наоѓаат меѓу првите 100 компании кои вработуваат најголем број лица во Албанија, со вкупно 9.500 вработени, изјави Ардиан Хацкај, автор на студија за трендовите за вработување во Албанија, која беше објавена оваа година.

Хацкај вели еден од најизненадувачките наоди од неговото истражување е дека 80 отсто од анкетираните компании не планираат да вработат дипломирани студенти во наредните 12 месеци.

„Тие планираат да вработат млади луѓе, но не е задолжително тие да се дипломирани“, вели тој. „Тоа покажува дека работодавачите повеќе не вработуваат дипломи и квалификации туку „луѓе кои можат да ја завршат работата“.

Австриска перспектива

Во Австрија, каде стапката на невработеност е само 6 отсто, можете да добиете добро платена, квалификувана работа благодарение на добро образование – без да одите на факултет.

Февзи Хајра, 21, завршил основно училиште во Косово но моментално е последна година во стручното училиште во Грац, град во јужна Австрија, додека, исто така, работи во компанија за инженеринг. Тој заработува околу 400 евра месечно, а наскоро ќе биде квалификуван заварувач. Тој одлучил дека повеќе не сака да оди на факултет.

Февзи Хајра во неговото стручно училиште во Грац, јужна Австрија / Фото: Јетон Мехмети

Февзи Хајра во неговото стручно училиште во Грац, јужна Австрија / Фото: Јетон Мехмети

Австрија има една од најниските стапки на невработеноста кај младите во Европската унија, со околу 10 отсто во јуни 2015 година.

Во австрискиот образовен систем, учениците избираат една од двете алтернативи – општо образование, кое води до универзитет, или стручната опција која води до оспособување како квалификуван работник, позната како стручно образование и обука. Околу 80 отсто од учениците се одлучуваат за стручна програма по завршување на нивното нижо средно образование.

„Австрија не се фокусираше исклучиво на високото образование, како што направија други европски земји, бидејќи … ние имаме многу силен систем за стручно образование и обука, кој оспособува лица за работни места кои се всушност барани од страна на пазарот на трудот“, вели Томас Мајр, директор на IBW Австрија, аналитички центар во Виена, кој работи на полето на стручното образование.

„Повеќе од 90 проценти од тие кои завршуваат стручно образование се вработуваат“

Стручното образование не е непознат поим во Косово и Албанија. Постојат државни стручни училишта и во двете земји, но со многу лоша репутација – ништо слично на училиштето во Грац каде учи Февзи Хајра.

Во неговото училиште, учениците може да станат инженери специјализирани за челик, и изработка на машини и алати. Тие можат да станат заварувачи, па дури и фитнес инструктори.

Австрискиот систем вклучува тесна соработка помеѓу училиштата и компаниите, каде што учениците вршат пракса. Во објект во Грац, каде Сименс изработува стојни трапови, практикантите се обучуваат на полиња како мехатрониката, челичната конструкција и работење на машини.

Практиканти на објект на Сименс во австрискиот град Грац / Фото: Сименс

Практиканти на објект на Сименс во австрискиот град Грац / Фото: Сименс

„Секоја година, од 12 до 18 ученици се запишуваат тука во Сименс. Тие учат практично сè што еден машински студент прави на универзитетско ниво“, вели Мартин Кар, кој врши надзор на практиканти во фабриката.

Во Косово, десетици илјади средношколци аплицираат на универзитетите, со надеж дека тие нема да завршат како докторот кој работи во супермаркет или како адвокатот кој работи како келнер.

Февзи Хајра, во меѓувреме, сонува за враќање во Косово и работење со метали во неговиот роден град Вуштри, со помош на еден австриски партнер.

Тоа може да звучи преамбициозно, но барем Хајра сè уште има сон – за разлика од Авни Авдиу, кој е целосно разочаран од годините барање работа со пет универзитетски дипломи.

„Во овој регион меритократијата е мртва веќе долго време“, вели тој. „Ова е место каде роднинските врски, политичките партии и корупцијата го имаат главниот збор.“

Јетон Мехмети работи како политички аналитичар во институтот ГАП, косовски аналитички центар, и предава на Катедрата за новинарство на Универзитетот во Приштина. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено Општество, во соработка со Балканската Истражувачка Мрежа.