Истражувањa

Функционери на ДУИ: Ретко судени, уште поретко осудени

БИРН истражуваше каков е исходот на високопрофилирани случаи за функционери на ДУИ

Истрагите и судењата на партиски функционери секогаш се во фокусот на јавноста. Но, кога станува збор за функционерите на ДУИ, нивниот резултат се најчесто маратонски судења, ослободувања или условни казни.

Дали правдата важи за луѓето на ДУИ, ја прашавме партијата да го реафирмираат својот став даден за БИРН по повод 20 години политички стаж. Од таму тогаш ни рекоа дека не се сложуваат со тоа дека нема одговорност за нивни функционери и оти таквиот впечаток се темели на пропаганда.

БИРН истражуваше каков е исходот на тринаесет високопрофилирани случаи во кои се вмешани функционери или нивни роднини блиски до ДУИ. Искажано во бројки, половина од случаите не ни дошле до суд.

Оние што стигнале завршувале со условни казни, биле одбивани, или пак, уште траат, или поточно, од седум судски случаи најдовме три условни казни, една одбивателна, две тековни судења и само една пресуда со правосилна затворска казна.

Закажи, откажи

Поранешниот државен секретар во МИОА, Јахи Јахија, на судење | Фото: БИРН

Во мај 2021 година, државата ѝ врати на Европската комисија 1,7 милиони евра за злоупотреба на европски фондови. Причина е истрагата против поранешниот државен секретар од ДУИ во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, и уште една обвинета.

Истрагата ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со Европравда и Канцеларијата против измами на ЕУ, ОЛАФ.

Иако државата пред скоро две години ги врати парите, судот уште не пресекол дали Јахија и неговата соработничка се виновни.

Последните две судења од февруари и денешното од март се одложија за пет минути.

„Рочиштето се одлага за 5 април во 12 часот“, рече утрово судијката Васка Николовска-Масевска, кратко образложувајќи дека причина за одлагањето е тоа што адвокатот на второобвинетата не дошол поради здравствен проблем.

Во судницата и на двете рочишта не се појави обвинителката Маја Конеска. Првиот пат впрочем воопшто немаше обвинител во судницата, а на второто одложено рочиште, надлежната обвинителка ја заменуваше нејзината колешка, Сузана Мирчевска.

На ред доаѓаат доказите на обвинетите, што треба да почнат да ги изведуваат пред судот. Според оваа динамика, излегува дека судот закажува по едно судење во месецот.

Со уште побавна „брзина“ се одвивале други судски процеси за функционери на ДУИ. Има такви што траат една и пол деценија.

На пример, ретко кој денес се сеќава на Алил Паљоши – поранешниот директор на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кој е кадар од ДУИ.

Беше обвинет за багателно рентање државен имот затоа што од 2003 до 2005 склучувал договори со кои издавал под закуп државни објекти, како базенот „Младост“, спортскиот објект „Партизан“, градското пливалиште во Струга и други државни објекти за минимални месечни закупнини.

Со тоа, како што тврди обвинителството, го оштетил државниот буџет за околу 10 милиони евра.

Оттогаш до денес поминаа 16 години.

За тоа време, судењето во прв степен, во кој е обвинет само Паљоши, траело речиси четири години. Во 2011 година бил осуден на условна казна од една година затвор. Oттогаш Апелација двапати го укинувала предметот и го враќала од почеток.

На крајот, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска во третото „полувреме“, во 2020 го одби обвинението за Паљоши. Сега предметот е пред Апелација, која треба да ја потврди, укине или преиначи првостепената пресуда.

Лидерите како тефлон за истраги и обвиненија

Aли Ахмети | Фото: Р. Атанасовски

Али Ахмети е водач на поранешната ОНА (УЧК) од 2001. Македонската држава го обвини за воени злосторства во предметот „Водство на ОНА“. Обвинението беше испратено, па вратено од Хаг. Заврши со амнестијата од 2011.

Ахмети, пак, заедно со Муса Џафери е дел од предистрагата за поткуп на тројца македонски политичари во аферата Телеком, која долго стои во место. Таа чека да заврши првиот предмет за случајот за тројца унгарски бизнисмени, кои беа поранешни директори на компанијата. Тоа судење трае веќе 11 години.

Меѓу предметите на СЈО што привлекуваа внимание беа и тие што се однесуваа на највисоките челници на партијата. Сите завршија без обвинение.

Лидерот на ДУИ беше обвинет во случајот „Попис“, а Бујар Османи во истрагата за случајот „Пациент“.

Ахмети се појави на распит во СЈО, кај обвинителката Фатиме Фетаи, но тоа се случи дури кога бомбите со закон ја загубија доказната моќ, па истрагата беше запрена.

Лани во март, обвинителството обвини десетина лица во „Пациент“, а само кај Османи не утврдија кривична одговорност, бидејќи најдоа дека „немало свест и волја за извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања“.

Од истрагите на СЈО, само една конечна пресуда за функционер на ДУИ

Ејуп Алими пред Апелациониот суд | Фото: БИРН (2017)

Ејуп Алими и Исмет Гури беа првите двајца од петтемина функционери на ДУИ што ги осомничи некогашното СЈО во предметот „Титаник 3“. Според обвинението, уништувале изборен материјал.

Случајот тргна килаво и така продолжи, денеска се одложи. Се сменија неколку судијки поради разни причини, а динамиката беше „тргни-застани“. Тоа се виде уште на првите рочишта, кога Алими не се појавуваше на судење, со образложенија дека бил на службен пат во Тирана, односно дека е на координативна средба во парламентот со политичките партии.

Датумите велат дека обвинението за нив било поднесено во јуни 2017. Првостепената пресуда, пак, била објавена во 2020 и укината во 2021 година.

Сенка за влијание на ДУИ врз овој предмет фрли долгото чекање на Апелација за мислењето на скопскиот виш обвинител Дилавер Бектеши, но многу повеќе тоа што тој на судот му предложи да им се вратат привремено одземените пасоши на обвинетите, нешто што е ретка обвинителска пракса.

Уште повеќе што фотографиите на профилот на Бектеши, на Фејсбук не ја кријат блискоста со ДУИ и со Али Ахмети, кај јавноста фрли сомнеж за неговата пристрасност.

Вишиот обвинител Дилавер Бектеши со лидерот на ДУИ | Фото: ФБ профил на Бектеши

Февруарското рочиште се одложи. Не дошле обвинитетите и адвокат.

Во 2019 отфрлена беше и кривичната постапка против ексминистерот Лирим Шабани од ДУИ. Него и уште две лица, Финансиската полиција во 2018 ги пријави во Скопското обвинителство. Беа пријавени зашто во проект со ИПА-фондовите, наменети за техничка помош на Министерството за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, склучиле и потпишувале договори за консултантски услуги на лица што се во редовен работен однос во Министерството.

Така беше и со градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Антикорупциска му поднесе кривична пријава затоа што со непреземање дејствија, биле подигнати диви платформи на Матка.

Обвинителството, пак, пресече дека „со своето постапување, пријавениот не прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту причинил штета за кој било субјект“.

Сулејман Дервиши е поранешен директор на основното училиште „Реџо Рушит Зајази“ од Зајас. Тој е еден од ретките функционери на ДУИ, кои е осуден дека ја злоупотребил службената положба и овластување.

Предметот со кој беше обвинет Дервиши во 2017 година, наречен „Табла“, згаснатото СЈО го товареше дека незаконски склучил договор за градење ново училиште во селото Горно Строгомиште во 2006 година.

Дервиши призна вина. Доби условна казна затвор од две години и ќе влезе во затвор, ако пет години по правосилноста на пресудата биде осуден за ново кривично дело.

Има и други предмети што завршуваат со осудителни пресуди за функционери на ДУИ, но тие минуваат со условни казни.

На пример, таков е случајот со локалниот шеф на разгранокот на ДУИ во Охрид, Нефи Усеини, за кој медиумите со години известуваа дека изградил тераса на диво кај Чинарот. Се најавуваше уривање, но ништо од тоа не се случи. По четири години, обвинителството подигна обвинение.

Усеини лани беше парично осуден зашто претепал колега, за кривичното дело насилство, за кое е предвидена казна од три месеци до три години.

Мазно и за проблематичните роднини и симпатизери

Се чини дека, не само челниците, туку и роднините на функционерите на ДУИ, па дури и симпатизерите на оваа партија завршуваат со ниски, парични или условни, казни или, пак, без мерки во фаза на истрагата.

Асани со Рамиз Мерко со лого на ДУИ | Фото: Профил на Фејсбук на Асани

Социјалните мрежи беа преполни со реакција за пресудата за струшкиот гинеколог и поранешен директор на болницата, Мухамед Асани, кој доби условна казна од две години затвор бидејќи, на црно во својот дом прегледувал трудници. Асани, пак, на социјалните мрежи не крие дека е симпатизер на ДУИ.

На оваа листа е и внукот на Али Ахмети, кај кого полицијата во јануари годинава пронајде 10 грама марихуана, вага и четири куршуми од различен калибар.

Иако во слични предмети во кои била пронаоѓана марихуана и оружје, за осомничените се барал притвор, од Струшкото обвинителството за БИРН велат дека „во конкретниот случај надлежниот јавен обвинител оцени дека во овој момент не се исполнети законските основи за да побара притворска мерка“.

Идентично беше и со синот на Муса Џафери, Аријанит, кого јавноста „принудно“ го запозна кога лани јавно го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Пред судот призна дека е виновен, па доби условна казна.

На Аријанит Џафери ова не му е прва пресуда.

Во 2014 година бил обвинет и осуден за загрозување на безбедноста во сообраќајот и требало да плати 500 евра казна. Апелација сметала дека тоа е малку, па го осуди на ефективен затвор од година и два месеца.

Но, Џафери поднел барање да му се повтори постапката бидејќи бил суден во отсуство. Судот тоа му го одобрил, па ја ставил надвор од сила затворската казна и го осудил да плати 300 евра. Пресудата е правосилна.

Во 2015 година, полицијата го уапси внукот на тогашниот потпретседател на Собранието, Рафиз Алити, Арменд Фазлиу, под сомнение дека со пропуштен надзор допуштил да се случи големиот пожар во „Македонски пошти“.

Предметот заврши со двегодишна затворска казна, која Скопска апелација ја намали на една и пол година. Впрочем, тоа е единствената затворска казна во пресудите што ги анализираше БИРН.

Пиши – виновен е пајакот

Седиштето на ДУИ | Фото: БИРН

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во јануари 2019 година, до Обвинителството поднесе пријава за дупка во пензискиот систем, поточно затоа што кај околу 12 илјади осигуреници, уплатените придонеси воопшто не се распределувале во вториот приватен столб.

Иако се знаеше кои се директорите на ПИОМ, пријавата беше поднесена против „непознати лица“.

Претставници на ДУИ жестоко реагираа во одбрана на челниците на институцијата. По пет месеци, обвинителството ја отфрли пријавата.

Со „среќен крај“ заврши и „електрицитетот“ меѓу полицајката Јасмина Ангелеска и поранешниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир, Бекир Асани, кој е познат во јавноста по неколку случаи за закани со насилство.

Полицијата првично објави дека при подигање на возилото на Асани со пајак, кое било непрописно паркирано, тој вербално ја нападнал и агресивно се однесувал кон полицајката што била на самото место. Кратко потоа, таа сведочеше дека Асани не ја повредил и тој, судејќи според медиумите, продолжи непрописно да се паркира на истото место.