Вести

Нова опозициска бомба: Хашките случаи биле амнестирани по наредба на Груевски

Лидерот на СДСМ Зоран Заев тврди дека за да остане на власт, премиерот Груевски во оган фрлил голем број соработници и се испазарил со коалициската ДУИ да се донесе автентичното толкување на Законот за амнестија, со кој нема да се гонат сторителите на воени злосторства за четирите хашки случаи

Премиерот Никола Груевски лично се пазарел со лидерот на ДУИ Али Ахмети за амнестијата на четирите хашки случаи, рече Заев | Фото: СДСМ

Премиерот Никола Груевски лично се пазарел со лидерот на ДУИ Али Ахмети за амнестијата на четирите хашки случаи, рече Заев | Фото: СДСМ

Премиерот Никола Груевски лично се пазарел со лидерот на ДУИ Али Ахмети за амнестијата на четирите хашки случаи, и покрај тоа што голем дел негови најблиски соработници биле против амнестијата за случаите од 2001 година поврзани со геноцид и за воени злосторства.

Ова го соопшти лидерот на СДСМ Зоран Заев, објавувајќи ја 18-тата по ред „политичка бомба“. СДСМ објави аудио разговори за тоа како се носело автентичното толкување на Законот за амнестија летото во 2011 година, по завршувањето на парламентарните избори.

„За да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат ‘македонските национални интереси’ во коишто тој се крсти пред граѓаните – Македонци, ниту го интересираат законите, ниту го интересираат неговите соработници. Без око да му трепне ги фрла во оган најблиските негови соработници – во коалициските пазари во коишто неговата единствена цел е да ја обезбеди својата премиерска фотелја“, рече Заев, прецизирајќи дека станува збор за периодот на зацврстувањето на владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и за пазарот со хашките случаи во тие договарања.

Разговорите најверојатно се водат во јули 2011 година, по завршувањето на парламентарните избори и пред конституирањето на новата Влада. Според Заев, Груевски е „лажен патриот кој се раководел најсебично, најбезобразно, исклучиво од сопствените интереси“.

„Напиши мислење што никој нема да го разбере“

Јанкулоска во разговорите наводно неколку пати повторува дека мислењето од Владата за амнестијата треба да биде такво, за никој да не го разбере

Јанкулоска во разговорите наводно неколку пати повторува дека мислењето од Владата за амнестијата треба да биде такво, за никој да не го разбере

Според презентираните аудио снимки кои наводно се водат меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, може да се заклучи дека и двајцата се против амнестирањето на хашките случаи, а и тогашниот министер за правда Михајло Маневски одбивал да го потпише мислењето.

„Јас и на Михајло му се јавув, пошто он треба да даде мислење, да потпише. И Михајло вика, а бе не можам позитивно да дадам“, му вели Јанкулоска на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски додавајќи дека „два дена не спиела од мака“.

Според разговорите, Јанкулоска го пишувала текстот за автентичното толкување на Законот кој требаше да ги амнестира сторителите на четирите дела поврзани со геноцид и воени злосторства. Во една од снимките каде наводно тогашната заменичка во Министерството за правда Билјана Бришковска Бошковски разговара со Јанкулоска таа ја прашува дали може отворено да зборува на телефон, на што министерката одговара: „Да бре да“. По ова, Бришковска ги кажува своите забелешки.

„Овие четири случаи, вака како што е напишано, не можат да бидат амнестирани. Ова што го ставаме дека при утврдување на автентичното толкување да се имаат предвид констатациите и препораките на Комитетот за Обединети нации и Комитетот за тортура, е фактички тоа: да се завршат предметите пред домашните судии“, образложува Бришковска.

На ова, Јанкулоска неколку пати повторува дека мислењето од Владата треба да биде такво, за никој да не го разбере.

„Ние некако од Влада да пуштиме округло…“, „Види така неразбирливо да е, и ајт со здравје…“, вели Јанкулоска во дел од разговорите.

Инаку, препораките од Комитетот за тортура од 2008 година во врска со хашките случаи гласеа дека државата дека треба преземе сè во врска со тие предмети да дојдат до завршеток и судска завршница.

„Тие препораки ја исклучуваат амнестијата, како начин на решавање“, вели Бришковска во еден од разговорите, и додава дека ќе гледа да се направи нешто од типот „Киша око Крагујевца“.

Во понатамошните разговори, кога формалните работи се завршени и автентичното толкување на Законот треба да влезе во Собрание, може да се чуе разговор кој наводно се води меѓу Јанкулоска и Вељаноски, каде што може да се чуе дека пратениците од албанскиот блок ги карактеризираат како „големи Индијанци“, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се „македонски Индијанци“.

„Со Индијанциве сè е во ред, е сега со нашиве Индијанци утре што ќе правам…“, вели Вељаноски, ден пред гласањето.

Пратениците лажеле за да не одат на гласањето за амнестијата

Еден од малтретираните работници од „Маврово“

Еден од малтретираните работници од „Маврово“

Најголемиот дел од разговорите кои беа презентирани на прес-конференцијата на СДСМ наводно се водат меѓу Јанкулоска и Ставрески, на денот на гласањето на автентичното толкување на законот. Според разговорите, и двајцата одбивале да одат на гласањето, а од друга страна, премиерот вршел притисоци дека мора да се оди, бидејќи немало кворум.

„Јас измислив дека сум со детето на Нора, дека ќе го чувам“, ѝ вели Ставрески на Јанкулоска.

„Ти добро си се снашол, јас наивна…“, вели Јанкулоска и додава: „И сега ќе се влечкам… не за друго, нејќам да гласам за тој закон“.

Тие се договараат дали да одат на гласањето или не, па Ставрески се прашува каде се останатите министри да се појават во Собранието.

„Пешевски (н.з. Владимир Пешевски, актуелен вицепремиер), сигурно нема да дојде, 100% е негде на плажа во Грција“, вели Ставрески.

„И шефот исто“, додава Јанкулоска.

Со оглед на тоа што на седницата немало пленум, во разговор кој наводно се води меѓу премиерот Груевски и неговата секретарка Ленче Самарџиевска, тој ѝ вели да праша кај Вељаноски кој фали на седницата и итно да им се јави да дојдат.

„Да баталат сè друго, да одат таму“, ѝ вели Груевски.

Според Заев, на седницата на која се гласало автентичното толкување на Законот, Ставрески не се појавил, а Јанкулоска не гласала.

Додека се гласаше законот, семејствата на исчезнатите чекаа пред Собрание

Роднините на исчезнатите од „Непроштено“ | Фото: БИРН архива

Роднините на исчезнатите од „Непроштено“ | Фото: БИРН архива

На 19 јули 2011 година Собранието со 63 гласа „за“ и 29 „против“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија.

Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.

Додека траеше расправата, пред Собранието чекаа роднините на исчезнатите од Непроштено, но не им беше дозволено да влезат внатре.

Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Пред обвинителството се најде само случајот „Мавровски работници“, но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.

СДСМ тогаш обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат со политички инструмент да ги избришат злосторствата и да ги наградат злосторниците.

ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција тврди дека Заев „продолжува со спроведување на своето сценарио за дестабилизација на Македонија“.

Неговата улога, се вели во реакцијата, е да биде маша на странски центри кои имаат за цел нарушување на стабилноста на Македонија и нарушување на нејзиниот меѓународен углед.

„Зоран Заев продолжува да манипулира со креирани и лажни материјали кои ги става во контекст кој што нему му одговара, со цел да предзивика забуна кај граѓаните. Самиот тој со овие прес- конференции потврдува кој се бил слушан и дека слушањето го правеле надворешни лица под патронат на странски центар“, се вели во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.