Никогаш доволно министерка, никогаш доволно самостојна. Секогаш некаде помеѓу, најмногу на браникот на партиските интeреси. На Гордана Јанкулоска, правник по професија, со награда за посебни достигнувања во правото доделена од Правниот факултет при Универзитетот Кент, ѝ успеа нешто од кое би се срамел секој правник: законите на државата да ги подјарми под законите на партијата.
Има неполни 40 години и стаж колку и Владата на ВМРО-ДПМНЕ. На 27 август изминуваат точно девет години од денот кога младата, симпатична, интелигентна и комуникативна партиска соработничка на Груевски седна во министерската фотелја на ресорот внатрешни работи.
Изборот на Груевски беше изненадувачки, но само за неупатената јавност. Не затоа што избра жена за прв полицаец (стеротипот за „најмашко министерство“ неколку години пред тоа го урна неговиот претходник Љубчо Герогиевски со изборот на Доста Димовска на таа функција) туку затоа што беше најмладиот министер дотогаш во тој ресор, без претходно искуство во таа сфера.
Но, за најтесниот круг околу Груевски тоа беше „сосема очекувано“. Прво, изборот на Јанкулоска беше покритие за вистинскиот министер од сенка – братучедот на премиерот, Сашо Мијалков, кој формално требаше да директорува „само“ со Управата за безбедност и контраразузнавање. Од друга страна, женскиот лик на чело на МВР требаше да остави впечаток за фаза на помеко раководење со ресорот и напуштање на т.н. „пендрек- политики“.
Освоена доверба
Како Јанкулоска, за која од Демократската алтернатива на Васил Тупурковски тврдеа дека во 1998 година била нивни член, стана еден од најверните соработници на Груевски? Нивната историја започнува од 2000 до 2002 година, кога Јанкулоска работи како државен советник во Министерството за финансии и како шеф на кабинетот на министерот Груевски. Соработката се надградува и подоцна.
Во нејзината биографија на веб-страницата на МВР пишува дека од 2004 до 2006 работела како правник во приватниот сектор. Тоа што не е прецизирано каде, повеќе открива, отколку што „покрива“. Имено, во дел од тој период, Јанкулоска се спомнува во тимот на контроверзната фирма „Аналитико АИ“, регистрирана во 2005 година на адреса на партискиот прес-центар, во која заедно работеле и други министри и функционери од денешниот владин тим: Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, Оливер Шамбевски, Мартин Протоѓер, секретарката на Груевски, Ленче Самарџиска, партискиот портпаролот Александар Бичиклиски и Ален Зекиров, поранешен телохранител на Мијалков.
Фирмата е ликвидирана и е избришана од трговскиот регистар на 15 декември 2007 година, но во пресрет на парламентарните избори, во мај 2006 година, склучила договор со „Телеком“ за маркетинг-услуги и дистрибуција на сим-картички во вредност од 120.000 евра.
Денес нема да најдете некој што се сеќава дека Јанкулоска му продала сим-картичка, но сите се сеќаваат на улогата на Груевски во приватизацијата на македонската „златна кокошка“. Во 2001 година, како министер за финансии во Владата на Георгиевски, тој го стави потписот на Акционерскиот договор со кој е приватизиран „Телеком“.
Додека наводниот ангажман во „Аналитико“ и функцијата претседател на УО на Нова платежна картичка (уште еден контроверзен проект), се дел од нејзиниот непријавен „минат труд“, она што е потврдено е дека од септември 2004 година работи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ сѐ до нејзиното предложување за министер за внатрешни работи.
Во периодот 2005/2006 е член на Советот на град Скопје. За фактот дека во тој период станала еден од најдоверливите соработници на Груевски, сведочеше и членот на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година, Загорац Тумбовски. Тој за ТВ Телма изјави дека во 2006 година дал за партијата околу 80.000 евра на „каса-прими“ и дека Груевски му рекол да ѝ ги однесе парите лично на Јанкулоска.
Лажен легализам
Освен со довербата од Груевски, во главната фотелја на МВР дојде со диплома од Правниот факултет на УКИМ во 1999 година и со магистратура од 2003 година на Универзитетот Кент во Кантербери, Велика Британија, од насоката меѓународно комерцијално право, на тема „Нормативните ризици и странските инвестиции“.
Во јули 2004 година Правниот факултет при Универзитетот Кент ѝ ја доделил Наградата за посебни достигнувања во областа на правото. Наградата изгледаше целосно заслужено, ако се има предвид дека од првиот ден на нејзиниот мандат, нејзин единствен одговор на кое било прашање гласеше: „Во согласност со Уставот и законите…“
Ваквиот одговор, колку и да беше здодевен, упатуваше на нејзина трајна определба на легалистички, а не волунтаристички политики. Девет години подоцна, од аудио-снимките што ги презентираше СДСМ, токму гласот за кој опозицијата тврди дека е на Јанкулоска, урна неколку митови.
Имено, дека добро знаела кога треба да дава „скандинавски изјави“, празни фрази, небаре извлечени од Саргаско Море, познато по две нешта: по фактот дека никогаш нема бранови и по мрестењето на охридската јагула. Оваа родена охриѓанка, измрести многу такви скандинавски формулации, кои по објавувањето на аудио-снимките индицираат дека зад правното „мазно“ стоело волунтаристичко „азно“: .„Ќе ги сотреме… (партиските неистомисленици н.з)“, „На клоци ќе летаат од работа…“
Има и голем број индиции кои покажуваат дека е свесна оти почитувањето на професионалните стандарди не царуваат во МВР „согласно законите…“ Кога шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, наводно бара од неа „да замижи“ на фактот што тој ќе позајми 4-5 луѓе од МВР, кои му требале на неколку дена за предизборно „да ги среди работите во Охрид“, таа го прашува: „Кај ги најде најголемите вагабонти од МВР да ги земеш?“
По неколку дена, кога тие лица заради инциденти се пријавени во внатрешната контрола на МВР, Јанкулоска ѝ сугерира на надлежната за таа постапка „тие да бидат прогласени за чисти“. „Се знае дека нашите мора да бидат чисти“, ѝ одговара службеничката.
Индиции дека таа само спроведува веќе договорени одлуки, има во повеќе аудио-снимки. Повеќето од соговорниците ѝ потенцираат дека „се слушнале со Сашо…“, дека „за тоа веќе е разговарано со Сашо“, дека „Сашо одобрил, а тие само треба да ѝ се јават на Гордана“ итн., што укажува на позицијата „никогаш доволно министерка, никогаш доволно самостојна“. Секогаш некаде помеѓу, но најмногу на браникот на партиските интреси.
МВРО-ВМРО
Викиликс откри документ од 30 август 2006 година (06SKOPJE779) во кој поранешната амбасадорка на САД, Џилиен Миловановиќ го информирала Стејт департментот дека новата Влада „е составена од претежно млади (‘триесет и нешто’) ентузијастички и доброобразовани технократи, некои од нив без какво било значајно бирократско искуство“.
Груевски го опишала како човек сo високо централизиран стил на владеење, кој заради неговата несигурност и страв од потчинетите, при изборот на кадри внимавал тие да бидат млади и непознати. Лично Јанкулоска е оценета како „голем политички талент, но без влијание во донесувањето клучни одлуки“.
Токму со тој политички талент, Јанкулоска успеа да заведе и други амбасадори во „чистотата“ на нејзиното работење и успешно да го замаскира непостоењето на граница помеѓу партијата и државата. Во наводен разговор со Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, таа вели: „Имаме два штаба, еден штаб кај мене на спрат, кој е месен комитет на ВМРО, кол-центар, а другиот ни е доле во сала кај шо доаѓаат амбасадориве, ОБСЕ, овој-оној. Јас повремено таму влетувам, да видат амбасадориве дека сѐ е океј, и после си се качувам кај мене на спрат и си работиме партиски работи. Така сме ние организирани. Ако сакаш дојди ни во контрола да видиш како работи кол-центарот“… „Ние во МВР, во ВМРО-МВРО… за разлика од другиве институции не се ни устручаваме, ни ништо“.
Меѓу ролките и ролјите
Зад ова досега непознато лице на Јанкулоска, фигурираше сликата за несуетна личност на која не ѝ е„под министерската чест“ на граничните премини да им дели флаери со корисни совети на странските туристи, на возачите во центарот на градот или да држи предавања за влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции кај младите.
Понекогаш и не отскокнуваше со изгледот меѓу младите, со оглед дека преферира лежерен стил на облекување – дневни костуми во комбинација со омилените ролки. Во едно од ретките неполитички интервјуа во 2007 година, таа вака го објаснува нејзиниот стил: „Ролките ги имам во сите бои и сите можни модели. Знам дека со нив изгледам здодевно и неатрактивно, но нема шанси да ги тргнам од плакарот и да не ги носам. Не сум зависник од модата. Поради специфичноста на мојата работа, носам гардероба во која се чувствувам лежерно. Навечер, кога излегувам, се шминкам и носам и здолништа и високи потпетици, но не сте имале можност да ме видите“.
Главен критичар на стилот дотогаш ѝ беше нејзиното момче Влатко Илиевски,(вработен како советник на премиерот Груевски), со кого во септември 2010 година 15-годишната љубовна врска ја крунисаа со брак.
Но, поважно од тоа какви ролки има, е какви ролји има(ла) во послушното извршување на наредбите на премиерот. Во извештаи на Стејт департментот нејзиниот ресор е спомнат во контекст на политички мотивирани апсења и процеси – Љубе Бошкоски, Душко млекарот, поранешниот директор на Фондот за здравство, Ѓорѓи Тренковски, Томислав Кежаровски,.. а на домашен терен се соочува со кривична пријава за аферата „АФИС“.
Станува збор за јавна набавка на опрема за отпечатоци наменета за лабораториите на Факултетот за безбедност, која на чуден начин завршила во МВР. Иако биле платени три система, во МВР имало само еден. Каде се другите два – треба да одговори Јанкулоска. Таа пак, го тужеше портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој од неа побара одговор како го зголемила својот капитал за 200.000 евра, односно како успеала стариот стан да го замени за поголем и притоа да купи уште еден.
Граѓанскиот суд ги прифати наводите на тужбата на Јанкулоска, и поради нарушениот углед и чест, го задолжи Шилегов да ѝ исплати надомест на штета од 500 илјади денари. Случајот сѐ’ уште не е завршен правосилно. По жалбата, за него треба да расправа Апелацискиот суд во Скопје, чии судии, заедно со оние од пониските судови, се наоѓаат токму во „тефтерот“ на Јанкулоска, заведени под број.
Во интервју за „Утрински весник“, на прашањето дали се плаши од одмазда, со оглед дека многу луѓе завршија зад решетки во нејзиниот досегашен мандат, таа е децидна:
„Политичката филозофија што ја промовираме од првиот момент е прецизна: бескомпромисна и неселективна борба со криминалот. Тоа носи и ризици. Свесна сум за нив, но со стравот расчистив уште во 2006 кога го прифатив предизвикот. Кога постапувате принципиелно без претходни калкулации, а законот и мнозинството граѓани се на ваша страна, тоа е доволно за да бидете спокојни и за време на мандатот и кога тој ќе заврши“, изјави Јанкулоска.
Во една прилика изјави дека најмногу внимава на очилата. Нејзините поддржувачи, пак, се надеваат дека не ја згрешила диоптријата. Во спротивно, најмалку ќе биде важно дали рамките се од нејзините преферирани марки „реј-бан“, „кавали“ или, „вог“.