Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, ги посети во средата Мацељ, Блајбург и Худина јама, места на кои биле извршени масакри над илјадници хрватски цивили и војници на поразената фашистичка Независна Држава Хрватска (НДХ), каде што положи цвеќе и запали свеќи.
Грабар-Китаровиќ, во овие места, им оддаде почит на „невините жртви, кои беа убиени од припадниците на Југословенската армија по завршувањето на Втората светска војна”.
„Со масовните убиства на воените затвореници и на цивилите, меѓу кои имало ранети и деца, се прекршени сите цивилизациски норми и одредби на хуманитарното право, пред сѐ, на Женевската конвенција за воените затвореници од 1929 година”, се вели во соопштението од кабинетот на Грабар-Китаровиќ.
„Тоа беше, според размерите, најголемо повоено масовно злосторство во Европа по Втората светска војна, за кое нема оправдување, како што нема ниту за секое друго злосторство, извршено над кого било и од кого било”, се додава во соопштението.
Грабар-Китаровиќ денеска, како израз на политички баланс, им оддаде почит на жртвите на нацистичкото владеење и окупација.
На Твитер таа напиша: „Одбележувајќи го Денот на победата, 9 мај, се сеќаваме на хрватските антифашисти, кои дадоа исклучително голем придонес во конечната победа над фашизмот и нацизмот”.
По повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот, соопштение објави и хрватската Влада.
„Со посебен пиетет се сеќаваме на бројните хрватски антифашисти, кои придонесоа за победата над нацизмот и фашизмот во Втората светска војна, за крајот на војната во Европа, а Хрватска ја поставија на страната на победникот”, се вели во соопштението на Владата, и се додава: „Ги осудуваме и сите злосторства по војната, кога се убиени многу невини хрватските жртви во времето на комунистичка Југославија“.
Запрашан за коментар во врска со посетата на претседателката на Блајбург, премиерот, Андреј Пленковиќ, изјави дека не знае за тоа, но оти се работи за „избор на претседателката”.
Во соопштението од кабинетот на Колинда Грабар-Китаровиќ, се нагласува дека нејзината посета е реализирана во пресрет на Денот на сеќавањето на хрватските жртви во борбата за слобода и независност, кој се празнува секоја година во ден недела, најблизок до датумот 15 мај.
Одбележувањето на Денот на победата над фашизмот во Хрватска, по нејзиното осамостојување, е сѐ посложено, како резултат на барањата на десничарите, да им се оддава чест на жртвите на југословенскиот комунистички режим.
Југословенската армија, во 1945 година, без судење, погуби десетици илјади Хрвати, кои бегаа по падот на НДХ, во граничната област на Корушка, Австрија.
Нивните тела потоа биле фрлени во неколку јами, а освен војници и цивили на НДХ, биле убиени и мал број на Словенци и на Срби, кои бегале од комунистите. Овие убиства беа табу во комунистичкиот период.
Меѓутоа, комеморативните настани во Блајбург, денес се сѐ почесто предмет на бројни контроверзии во Хрватска, но исто така и помеѓу Хрватска и Австрија, поради присуството на десничарски групи и изложувањето на усташки симболи.
Симболите на усташкото движење, кое управуваше со НДХ, често можеа да се видат на собирите во Блајбург.
Во Блајбург во 2018 година, австриската полиција уапси седум лица и поднесе девет пријави за кршење на законот со кој се забранува глорификацијата на фашизмот во оваа земја.
Католичката црква на Корушка, во март го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.
Австрија, минатата недела, донесе одлука, собирите во Блајбург, официјално да се сметаат за јавни собири, што значи дека тие ќе бидат под надзор на австриската полиција.
Портпаролот на полицијата во Корушка, во понеделникот, за Н1 ТВ, изјави дека секое прикажување на забранетите симболи, може да доведе до откажување на овие комеморативни настани.