Регион

Косово: Усвоена нацрт-резолуција со која Србија се обвинува за геноцид

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Собраниската комисија, одговорна за подготовка на резолуцијата. Фото: БИРН

Ад хок собраниската комисија, формирана со цел да подготви резолуција со која ќе бидат осудени злосторствата што ги извршија српските сили за време на војната во Косово, вчера го одобри нацрт-текстот на резолуцијата, кој следната недела треба да биде проследен до Собранието на гласање.

Фокусот во нацрт-резолуцијата, во која БИРН имаше увид, е ставен на обвинувањата дека Србија е одговорна за геноцид извршен над Албанците.

Во неа стои дека српските сили се одговорни за повеќе од 270 масакри, извршени за време на војната, и се напоменува дека 1.600 лица, сѐ уште се водат како исчезнати во конфликтот.

Собранието, се додава во неа, треба да предложи, 15 јануари да биде прогласен за Ден на сеќавање на геноцидот врз Албанците во Косово, а од Србија се бара да признае дека извршила геноцид и злосторства против човештвото.

Во резолуцијата, од косовската влада се бара закон со кој ќе се казнува оправдувањето, минимизирањето и негирањето на геноцидот во Косово.

„Оваа резолуција ќе биде корисна за косовскиот суд во иднина, бидејќи ние веќе ги немаме ЕУЛЕКС и УНМИК, да започнеме со поднесување на обвиненија и со пресуди; прво за (кривично гонење на) поединците кои извршиле злосторства, а подоцна и за подготвување на обвинение против државата Србија”, изјави за јавниот радиотелевизиски сервис, РТК, претседавачот на комисијата, Билал Шерифи, од Социјалдемократската иницијатива.

Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, минатата година му ја предаде надлежноста за гонење на воените злосторства на судството на Косово, додека мисијата на ООН, УНМИК, му беше претходница на ЕУЛЕКС.

Сепак, Беким Блакај, извршен директор на Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово, го поставува прашањето, дали планираната резолуција на Собранието, ќе има одреден правен или практичен ефект.

„Ова ќе биде резолуција, и тоа ќе биде тоа”, изјави Блакај за БИРН.

„Ова стана многу популарно, но верувам дека овие иницијативи, кои се случуваат, се обид на пратениците да го оправдаат своето неработење, особено во очите на жртвите на 20-годишнината од воените случувања”, додаде тој.

Веќе неколку недели, во Косово се одржуваат комеморативни настани во знак на сеќавање на 20-годишнината од воените масакри.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ја отфрли предложената резолуција, велејќи дека ова покажува дека косовските политичари се незадоволни од преговорите, што со посредство на ЕУ, се водат помеѓу Белград и Приштина, за нормализирање на односите.

„(Резолуцијата) е само бројка на активности без корисна вредност, со цел да се покаже дека не им се допаѓа текот на дијалогот, со други зборови, дека не оди по начинот на кој тие тоа го планирале. Ова значи дека ставот на Србија кон ова сé уште се почитува и дека нема да оди како што тие планирале, Србија да го признае Косово“, нагласи Дачиќ.

Претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весели, свика седница за разгледување на предлогот за формирање на специјален суд за воени злосторства, извршени од Србија.

Шерифи смета дека предлозите за усвојувањето на резолуцијата и за формирање на судот, треба да се разгледуваат на одделни седници.

„Треба да ги гледаме како две иницијативи кои можат да одат паралелно”, рече тој.

Предлогот за формирање на судот, доаѓа во време кога обвинителите во Хаг, спроведуваат сослушувања на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за наводни воени и повоени злосторства.

Се очекува, пред Специјализираните совети во Хаг, да им се суди на поранешни припадници на ОВК, за злосторства извршени помеѓу 1998 и 2000 година, иако досега не е поднесено ниту едно обвинение.