Градоначалникот на Глоговац, Рамиз Ладровци, еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен пратеник, објави дека добил покана за разговор од Специјализираното обвинителство на Косово со седиште во Хаг, кое ги истражува злосторствата наводно извршени од припадници на ОВК, за време и по војната 1998-1999 година.
„Се приклучив на бранот покани од Специјализираните совети, како сведок“, напиша на Фејсбук Ладровци, поранешен пратеник на Демократска партија на Косово.
„Јас немам повеќе информации или сознанија од она што го пишува во поканата. Датумот на сведочењето е 19 декември 2019 година“, додаде тој.
Ладровци посочува дека е еден од основачите на ОВК и оти дал „огромен придонес во мобилизацијата и развојот на ОВК во Косово“.
Градоначалникот на Глоговац е брат на Фехми Ладровци, познат командант на ОВК, кој заедно со сопругата, беше убиен за време на војната.
Ладровци истакна дека верува во исправноста на вооружената борба на ОВК.
„Никогаш во животот не сум се посомневал во правдата на нашата ослободителна борба, во патот кон ослободувањето и во нејзината чистота“, стои во неговата објава на Фејсбук.
„Вечно горд на Ослободителната војска на Косово!“, додаде тој.
На сослушување во Хаг, вчера беше повикан и Кадри Весели, поранешен претседател на косовското собрание и лидер на Демократската партија на Косово.
Специјализираното обвинителство на Косово води истраги за убиствата, киднапирањата, незаконските апсења, сексуалното насилство и другите злосторства, наводно извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година.
На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.
Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 100 поранешни припадници на ОВК.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители.
Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.