
Грчкиот новинар Танасис Кукакис, чиј телефон бил прислушкуван со „Предатор“ | Фото: БИРН
Атинскиот суд за прекршоци во четвртокот првостепено осудил четворица директори на компанија поради вклученост во скандалот со прислушкување и со нелегалното користење на софтверот „Предатор“, за да се следат новинари, политичари и други јавни личности.
Вкупно биле следени 84 мобилни телефони со помош на „Предатор“.
Четворицата што судот ги прогласи за виновни за упад во лични податоци и нарушување на доверливоста на комуникациите се Тал Дилиан, основачот на конзорциумот „Интелекса“, кој наводно го продавал шпионскиот софтвер „Предатор“ во Грција, неговата сопруга Сара Александра Фајсал Хаму, која извршувала менаџерски работи во „Интелекса“, бизнисменот Феликс Бициос кој е вистински сопственик на „Интелекса“, и Јанис Лавранос, чија компанија, Киркел, го купила „Предатор“.
Судот ги осуди четворицата на вкупна затворска казна од 126 години и шест месеци, а ќе мораат да одлежат барем осмина од казната. Сепак, четворицата остануваат на слобода додека чекаат конечна пресуда. Имаат право на жалба на оваа пресуда во рок од 10 дена.
„Ова е прва пресуда за користење шпионски софтвер во Грција, но засега тоа е само добар почеток. Многу сериозни криминали не се истражени, како криминалот со шпионажа и со учество на трети страни, вклучително и функционери во тајни служби, чија улога судот побара да се истражи“, рече за БИРН Захариас Кесес, адвокатот на петте жртви чии мобилни телефони биле следени.
Судот го прати случајот до обвинители за да почнат нова прелиминарна истрага во врска со обвинувањата против повеќемина други поединци.
Танасис Кукакис, грчки финансиски новинар чиј телефон бил следен од Предатор, ја поздрави пресудата.
„Во суштина, еден судија за прекршоци го стори тоа што грчкиот Врховен суд (во 2024) не го направи – ги заштити правата на граѓанинот, на новинарот, да ја осигура нивната приватност, нивниот приватен живот, и нивните лични податоци“, рече Кукакис за БИРН.
Тој додаде дека одлуката испраќа многу јасна порака дека тие што своеволно ги прекршуваат овие правила ќе ги почувствуваат последиците од законот.
Скандалот со прислушкување, познат и како „Предатор гејт“ или „Грчки вотергејт“, изби во 2022 година.
Во јули 2024 година Врховниот суд заклучи дека ниедно државно министерство или агенција не го користела нелегалниот шпионски софтвер „Предатор“, или други софтвери за следење.
Тоа поттикна дебата дали истрагата на Врховниот суд била доволна. Некои од луѓето таргетирани за „Предатор“ размислувале да ја продолжат борбата пред Европскиот суд за човекови права.
Скандалот со шпионскиот софтвер „Предатор“ на светско ниво го обелоденија компанијата Мета (Фејсбук) и канадската невладина организација „Ситизен лаб“ при крајот на 2021 година. БИРН Македонија тогаш пишуваше дека македонската фирма „Сајтрокс“, управувана од скопјанецот Иво Малинковски, е дел од групацијата вклучена во производството и продажбата на шпионскиот софтвер на заинтересираните купувачи, како разузнавачки агенции од разни земји. Во минатото тој се претставувал во јавноста и на социјалните мрежи како прв човек на „Сајтрокс“, но, по избивањето на скандалот, ги избриша информациите што го поврзуваат со фирмата. Семејството на Малинковски е познато по фирмата за оружје „Микеи“ и винаријата „Камник“.
Година ипол подоцна, компанијата „Сајтрокс“ беше ставена на црната листа на САД, а во 2024 година американските власти и воведоа уште построги санкции.











