На прв поглед, Василики Кацула и Константинос Караузас немаат ништо заедничко.
Кацула е куса и набиена 48-годишна жена, во депресија, без работа и на работ од сиромаштијата, која живее во работничка област во Атина. Караузас е 39-годишен параолимписки пливач кој живее во добро предградие на главниот град, со жилаво торзо и црно-бела брада.
Сепак, имаат нешто заедничко – и двајцата се длабоко разочарани од здравствениот систем на Грција кој полека се распаѓа и затоа решиле да го земат нивното здравје во свои раце.
Откако ја изгубила работата како чистачка, а со тоа и државното здравствено осигурување во 2010 година, Кацула за свој алат го избрала кујнскиот нож, со кој таа ги сече и преполовува лековите што ги дели со нејзините родители, за висок крвен притисок, шеќер во крвта, холестерол, депресија и друго.
„Имам висок крвен притисок, но како да си дозволам да купам апчиња?”, прашува Кацула во нивната трошна семејна куќа во Аспропиргос, област од Атина уништена од многуте рафинерии и со репутација на криминал и сиромаштија.
Кацула вели дека семејството во голема мера живее од 900-те евра пензија на нејзиниот татко, која била 1300 евра пред да ја намали Владата заради кратење на трошоците, но само неколку стотици евра месечно трошат само за лекови. „Сега му должиме на фармацевтот 200 евра”, вели таа.
„Позајмувам од мајка ми, но морам да ја пресметам мојата доза и да ја прилагодам. Понекогаш го сечам апчето со нож. Понекогаш, воопшто не го земам”.
„Мајка ми и татко ми земаат исти апчиња против холестерол; мајка ми зема 10 милиграми, а татко ми 20, па ако нејзе ѝ снемаат лекови, го сечам апчето на татко ми со нож за да ѝ дадам неа”.
Караузас вели дека му е смачено од недостатокот на време, ресурси и експертиза за лекување на лицата со посебни потреби во сиромашните јавни болници и е уморен од хроничното препишување антибиотици за неговите периодични инфекции на уринарниот тракт. Наместо тоа, тој повеќе им верува на додатоците во исхраната, што во неговиот случај е комбинација од екстракт од алое вера и колаген, протеин што го има во човековите зглобови.
„Многу беше добра за мене, за мојата кожа … и за зглобовите”, вели Караузас за алое верата. „Дел од болките исчезнаа. Таа, исто така, многу ми помогна со дигестивниот систем”.
Кацула и Караузас се претставници на растечкиот тренд во Грција во последниве шест години за самолекување, или попрецизно импровизација, периодот колку што трае една од најлошите економски кризи во модерните времиња.
Дел од Грците, како Кацула, секојдневно ги делат, прескокнуваат, заменуваат лековите и импровизираат со апчињата. Други, како Караузас, се свртуваат кон сѐ поголемата индустрија на додатоци во исхраната, кои се даваат без рецепта, а кои ја користат можноста додека трае кризата во јавните здравствени установи.
Или импровизираат, или воопшто не ги земаат лековите, или ја намалуваат дозата
– основачот на „солидарната клиника“ Јоргос Вихас
Тие го отфрлиле или се чувствуваат отфрлени од осиромашениот, недоволно снабден и преполн со пациенти јавен здравствен систем, чие финансирање било намалено за 60 отсто во периодот меѓу 2010 и 2014 година.
„Многу пациенти земаат погрешни лекови затоа што имаат резервни од оние што останале од некој член на семејството или поради тоа што не можат да си дозволат да ги купат соодветните”, вели Јоргос Вихас, кардиолог и основач на Клиниката Метрополитан, тнр. „солидарна клиника” во која работат волонтери од Атина и каде многу Грци се упатуваат за бесплатни, донирани лекови.
„Многу често се случува и во солидарната клиника пациентите да се обидуваат сами да ги направат своите комбинации на лекови”, изјави Вихас за БИРН. „За неосигурените лица, ова е стандардно. Или импровизираат, или воопшто не ги земаат лековите или ја намалуваат дозата”.
„Секој лек може да биде опасен доколку не се употребува во согласност со советот од лекарот“.
Гладни за пари
Грчкиот јавен здравствен систем сосема се урна на крајот од 2009 година, кога Атина откри голема дупка во своите јавни финансии и во 2010 година им се обрати на своите партнери во Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, ММФ, за првиот од досега трите мулти-милијардерски кредити со финансиска помош.
Следуваа последователни бранови на намалување на трошоците што ја втурна Грција во надолна спирала кон депресија, доведе до невработеност и го осиромаши и така веќе нефункционалниот и корумпиран здравствен систем.
Времето на чекање се зголеми, набавките на лекови и медицинска опрема се намалија, а бројот на луѓето без државно здравствено осигурување заради невработеност стрмоглаво се искачи на околу три милиони, од вкупното население од околу 11 милиони жители. На неосигурените Грци не им следувал бесплатен или субвенциониран пристап до лекари или лекови.
Дури и за оние кои се осигурени, листата на лекови кои државата ги субвенционира за пациентите се намалила, исто како и големината на субвенциите. Процентот што пациентот морал да го плати пораснал од 12.8 отсто во јануари 2012 година на 29.3 проценти во јули 2014 година, според една студија објавена во март 2016 од страна на едно независно грчко истражувачко тело „Дианеосис“. Во моментов е 25 проценти.
Зголемувањето на цената, долгите редици и константната култура на мито значи дека многу Грци ги избегнуваат посетите на лекар. „Не ги сакам докторите – тие гледаат само пари”, вели Кацула.
Ваквата состојба се прошири и кај балканските соседи на Грција, во поранешните југословенски држави и поранешната комунистичка Романија и Бугарија, каде кризата од 1990-тите го опустоши здравствениот сектор, што е причина за огромното зголемување на препишувањето или нелегалната продажба на антибиотици и растечкиот проблем со зависноста од лекови за смирување и антидепресиви.
Законодавството во 2014 година во рамките на претходната влада и повторно лидерството во рамките на сегашната левичарска Сириза во јули 2016 се обидело да отвори пристап до системот на јавно здравство за Грците без здравствено осигурување, но лекарите и пациентите се жалат дека чкрипавиот и неефикасен систем сѐ уште не функционира.
Според студијата на „Дианеосис“, 67 проценти од анкетираните изјавиле дека имале тешкотии со плаќањето на лековите. Мнозинството велат дека трошат 10 проценти од нивниот приход за лекови.
Тринаесет отсто или го одложиле купувањето лекови пропишани од страна на лекарите поради недостаток на пари, или не ги купуваат сите. Десет отсто рекле оти зимаат помали дози од она што им препишал нивниот лекар со цел апчињата подолго да траат.
Некои, како семејството Кацула, се свртеле кон поевтини, генерички замени.
Откако мајката на Кацула Елени ги сменила апчињата против хипертензија пет пати, лекарот му препорачал на семејството да запре со експериментирање, бидејќи тоа можеби придонело за крвавењето, по кое Елени завршила во болница, во април 2016 година. Таму, лекарите ја упатиле да направи цревна ендоскопија, но и кажале на Елени дека ќе мора да почека најмалку шест месеци за следниот термин.
„Самостојното препишување лекарства и понатаму расте“
Караузас, исто така, вели дека нема ронка надеж во јавниот здравствен систем, кој постојано му пропишува антибиотици за инфекцијата што му се повторува и, вели тој, има малку време или ресурси за неговите посебни потреби како резултат на сообраќајната несреќа со мотоцикл од пред 16 години по која останал парализиран од половината надолу.
Здруженијата за лицата со попреченост предупредуваат дека намалувањето на средствата во здравството штетно влијаело врз експертизата и ресурсите што се на располагање за лекување на лицата со посебни потреби, што значи дека малкумина го добиваат потребниот посебен третман, во рамките на јавниот здравствен систем.
Националната конфедерација на лицата со посебни потреби изјави за БИРН дека често прима претставки дека одредени третмани потребни за луѓето со посебни потреби се отстранети од листата субвенционирани од државата, а трошоците полека се зголемуваат. Намалувањето на буџетот го зголемило времето на чекање и ги намалило средствата, велат оттаму.
„Социјалната помош за лицата со попреченост е речиси целосно оставена на дискреција на нивните семејства”, велат тие.
Атинскиот уролог Христос Флиатурас вели дека лекарите ги испитуваат лицата со посебни потреби како Караузас „без да го имаат потребното знаење”.
„На луѓето како него им требаат специјалисти, а не само обични уролози. Но, во Грција има недостаток на прописи, услуги и поддржувачка рамка”.
Караузас се префрлил на хомеопатија и скапи додатоци во исхраната како што се алое вера и колаген во надеж дека може да му помогнат да остане здрав и надвор од болница.
Во време кога другите бизниси се затвораат, ги намалуваат загубите и отпуштаат работници, истражувањата покажуваат дека пазарот на додатоци во исхраната е во пораст.
„Самостојното препишување лекови и понатаму расте, заради намалувањето на средствата за јавното здравство и затоа што потрошувачите се обидуваат да ја избегнат посетата на лекар”, се вели во извештајот на истражувачката компанија со седиште во Лондон, Еуромонитор интернешнл, за здравјето на потрошувачите во Грција, објавен во септември.
Олабавувањето на правилата за продажба на производи без лекарски рецепт и либерализацијата на сопственоста на аптеките – реформи направени под притисок од меѓународните кредитори на Грција – „се очекува да создадат просперитетна почва за побарувачката и продажбата во областа на здравјето на потрошувачите”, се вели во извештајот.
„Намерата на грчката влада за понатамошно намалување на јавниот буџет за здравствена заштита е со цел да се зголеми трендот на самолекување; со тоа ќе се создаде просперитетна почва за раст во областа на здравјето на потрошувачите во предвидениот период”.
Спирос Терзопулос од Фарма центарот, кој продава фармацевтски производи, вклучувајќи витамини и додатоци, се согласува, велејќи за грчкото списание „Здравје” во 2014 година дека реформата на пазарот значело дека се појавиле нови форми на додатоци „за да се пополнат многу празнини во здравството”.
„Главните сојузници во еволуцијата на додатоците во исхраната се фармацевтите, кои секојдневно ги гледаат своите клиенти како се соочуваат со голем број проблеми и ја преземаат одговорноста да дејствуваат како здравствени советници и да предложат употреба на многу нови додатоци … за кои е докажано дека се решение за мали здравствени проблеми и олеснување за поголеми проблеми”, била цитирана неговата изјава. Терзопулос не беше достапен за коментар.
Самолекувањето продолжи да расте со намалувањето на фондовите за здравството и потрошувачите кои избегнуваат да одат на лекар
– Еуромонитор Интернешнл, истражувачка компанија
Џорџ Докиос, генералниот директор на грчката асоцијација за издавање лекови без рецепт ЕФЕКС, беше цитиран во јуни од страна на веб-страницата за заштита на здравјето на потрошувачите ОТЦТулбокс како вели дека пазарот на лекови без рецепт се зголемил за 31 отсто во однос на вредноста меѓу 2010 и 2015 година, и од пет проценти на 12 проценти во однос на учеството во вкупниот фармацевтски пазар.
Онлајн шопинг порталот Skroutz.gr објави, на грчки, пораст од 469 проценти во продажбата на додатоците за храна, преку својата веб страница меѓу 2013 и 2014 година. Во него се вели дека категоријата витамини и додатоци во исхраната е меѓу првите пет категории на производи со највисок раст во онлајн продажбата.
Националната организација за лекови на Грција, ЕОФ, државен орган кој ги одобрува лиценците за лекови, козметика и додатоци во исхраната, изјави за БИРН дека бројот на апликации за влез на додатоците во исхраната на пазарот е приближно двојно зголемен меѓу 2012 и 2014 година.
ЕОФ вели дека правилата во врска со тврдењата за дејството на таквите производи во нивните реклами, сепак, „често се нарушени”.
Ветувања
Течен колаген, протеин што се наоѓа во човечкото тело, стана особено видлив од влегувањето на пазарот во Грција во 2010 година, често со ветувања за олеснување на болките во зглобовите, остеопороза, артритис и многу други.
Артритис Рисрч УК вели дека истражувањата во врска со улогата на колагенот во лекување на остеоартритис дале „мешани резултати”. Студиите за неговата улога во лекувањето на ревматоидниот артритис „укажуваат на тоа дека нема значителен ефект во намалување на болката и воспалението на зглобовите”, вели групата, иако додава дека „овие резултати не се конзистентни во рамките на различни истражувања”.
Јоргос Цукаладакис, поранешното лице на компанијата „Колаген пауер“, изјави за популарната телевизиска емисија на грчката телевизија во 2014 година: „Тоа е природен агенс против анксиозност. Стресот и анксиозноста сите нѐ полудуваат. Невработеноста ја погоди секоја куќа. Не постои куќа, ниту семејство во кое нема еден или двајца невработени лица”.
Стискајќи едно шише од главниот производ на компанијата Колаген про-актив, тој му изјави на водителот: „Помага да се подобри нашата психолошка благосостојба”. Цукаладакис повеќе не е со „Колаген пауер“.
Грчката поп-ѕвезда Јоргос Сампанис дури и го промовираше производот, покажувајќи го четири пати во вулгарниот музички спот од 2014 за песната „Само со допир“.
Од ЕОФ изјавија за БИРН дека во јуни 2014 година му препорачало на грчкото Министерство за здравство да го казни „Колаген пауер“ со 35.000 евра за лажно рекламирање. Запрашани дали паричната казна била навистина изречена, официјален претставник на Министерството изјави дека била поднесена тужба за време на претходната влада, и го упати овој новинар назад кон ЕОФ, од каде пак повторно го упатија назад во министерството.
Сопственикот на „Колаген пауер“, Јоргос Тријандафилу одби да биде интервјуиран за оваа приказна. БИРН, исто така, испрати детални прашања до компанијата во врска со нивното рекламирање и паричната казна.
Од компанијата одговорија: „Не сме информирани за било каква одлука – или намера – дека ЕОФ предложил до Министерството за здравство да не казнат. На нашата компанија не ѝ е изречена никаква казна“.
Од компанијата потврдија дека Цукаладакис ја напуштил компанијата и одбија да коментираат за неговата изјава дадено во 2014 година, велејќи дека „е извадена од поширок контекст“.
Од ЕОФ во е-маил изјавија за БИРН: „Ние сме во отворена комуникација со Националниот совет за радио и телевизија, во врска со рекламирањето на слични производи кои нудат решенија за здравствени проблеми”.
За околу 50 евра шише од 600 мл, што ако се користи според препораките ќе трае 24 дена, течниот колаген е скап за многумина Грци.
Лекарите, сепак, се вознемирени од степенот до кој нивните пациенти им веруваат на додатоците во исхраната.
На БИРН му беше обезбеден примерок од записникот од состанокот на Атинската медицинска асоцијација одржан во април 2015 година, но под услов да не ги открива имињата на цитираните лекари.
Еден вели: „Многу колеги се јавуваат во медицинската асоцијација да се жалат на рекламирањето на хијалуронската киселина и колагенот, поради што пациентите престануваат со нивното лекување”.
Друг вели: „Ние треба да дознаеме до кој степен може да интервенираме како медицинска асоцијација да се запре оваа приказна со рекламирањето супстанции и производи преку интернет, телевизија, насекаде, што резултира со тоа пациентите да си одат и да се откажат од нивните лекувања”.
Од ЕОФ изјавија за БИРН дека казните најчесто се изрекуваат за заведувачко рекламирање. „Но, компаниите не ги почитуваат казните, барем не веднаш”, изјавија оттаму.
„Правната рамка е недоволна и во однос на нивото на парични казни и брзината потребна за да се биде ефективен во такви случаи”.
„Ограбен“
Јоанис Баскозос, генерален секретар за јавно здравство во грчкото Министерство за здравство, изјави дека тој е за целосна забрана на такви реклами. Но, рацете на владата се врзани, изјави тој за БИРН.
„Опседнатоста на тројката”, вели тој, мислејќи на триото меѓународни кредитори на Грција – ЕУ, Европската комисија и ММФ – „е да се комерцијализира медицината”.
Баскозос вели дека владата на СИРИЗА планирала да вработи повеќе лекари, медицински сестри и болничари, дека успеала да обезбеди скромен пораст на средствата за здравството и нуделе бесплатен пристап до системот на јавно здравство за неосигурените Грци.
Тој, исто така, рече дека новата јавна база на податоци со листи на чекање ќе ја искоренат озлогласената пракса на лекарите кои бараат мито за да му помогнат на пациентот да ја прескокне листата на чекање, позната како „fakelaki или „мал плик“. Практиката се влошила со мерките за штедење, бидејќи и приходите на здравствените работници се намалиле, и тоа е дел од еден поширок проблем на корупцијата и даночното затајување за кои кредиторите на Грција рекле дека Атина мора да ги реши, како услов за добивање финансиска помош.
„Ова е револуција во здравството!”, извика тој.
Но Вихас, од солидарната клиника, вели дека иако имало подобрувања во обезбедувањето пристап до системот на јавно здравство за неосигурените Грци, долгите листи на чекање и сиромашните болници придонеле многумина едноставно да се враќаат во солидарната клиника.
Некои Грци, напиша Вихас во септември на својот Фејсбук профил, сѐ уште не можат да си ги дозволат дури и државните субвенционирани лекови, заради разликата меѓу продажната цена и сумата што ја субвенционира државата, која станува сѐ поголема.
„Системот за јавно здравје е ограбен”, вели Вихас.
Тој ја опиша ситуацијата во која еден пациент доаѓа до Националната мрежа на примарна здравствена заштита на Грција, која ги опфаќа комуналните клиники, со отежнато дишење.
„Тој треба да направи триплекс и стрес тест, но ние ги немаме потребните машини”, вели тој. „За неосигурано лице, овие тестови може да се направат само во државна болница, каде што лицето ќе се судри со огромна листа на чекање и првиот слободен термин да биде по неколку месеци. Периодот до тогаш може да биде фатален”.
Димитрис Курувакалис, медицински брат во Општата болница Ипократион во Атина и висок член на Панхеленската федерација на работници во јавни болници (ПОЕДИН), опишува една типична сцена:
„Во текот на деновите на повик … времето на чекање може да достигне 15 часа, а во една од нашите клиники има една медицинска сестра за 40 пациенти. Од време на време се соочуваме со огромен недостиг. Стигнавме до точка каде што дури и немаме гази. Многу пати моите колеги самите си купуваат хируршки ракавици, а понекогаш и ние бараме од пациентите да си купат лекови”.
Вознемиреност
Наместо да се соочуваат со такви болници или комунални клиники, многу Грци, едноставно си купуваат антибиотици без рецепт од нивниот фармацевт. Според Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, Грција е број 1 потрошувач на антибиотици во ЕУ надвор од болниците – 34.1 дневни дози на 1.000 жители.
Во рамките на балканското соседство, Романија се рангираше на второто место со 31.2 дневни дози; Хрватска е 12-та со 21.4 дози, Бугарија 13-та со 21.3 и Словенија е 25-та со 14.2.
Ники Ликургија, фармацевтка во ридестата атинска област Ликабетус, вели дека пациентите со рак доаѓале да бараат „лекови за нерелевантни болести, покрај оние што им се потребни, без да се консултираат со лекар”.
„Не може ни да замислите колку сирупи и антипиретици (за намалување треска) бараат кога им е опаднат нивниот имунолошки систем. Дури и се развикуваат, кога ќе им кажам дека ако не зборуваат со нивниот лекар нема да им го дадам она што го бараат”, вели таа.
Сотириос Циодрас, вонреден професор по интерна медицина и инфективни болести при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Атина, цитира едно истражување што наведува дека меѓу 40 и 60 отсто од аптеките продаваат антибиотици без рецепт.
Циодрас вели дека за време на шесте години интензивна економска криза, вознемиреноста и состојбата на јавниот здравствен систем направил Грците да се фаќаат за сламка.
„Тоа е причината за овој тренд; наместо да одат и да платат доктор со добар углед, ќе одат и ќе се обидат со билки или традиционален рецепт што го добиле од вашата баба, или нешто друго”.
Димитра Тријандафилу е фриленс новинарка која покрива прашања од областа на социјалата, здравството и родовата еднаквост. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.