Регион

Екатерина Трендафилова прв претседател на специјалниот суд на Косово

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешниот судија на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Екатерина Трендафилова, e назначенa за претседател на новиот специјален суд со седиште во Хаг, пред кој ќе им се суди на поранешните борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Екатерина Трендафилова. / Фото: МКС

Бугарката Екатерина Трендафилова / Фото: МКС

Екатерина Трендафилова, правник и научен работник од Бугарија, судија во Меѓународниот кривичен суд од 2009 до 2015 година, во средата беше именувана за претседател на Специјализираните совети на Косово, новиот судот со седиште во Хаг, пред кој ќе им се суди на поранешни борци на ОВК, за воени злосторства извршени за време и по војната во 90-тите години.

Трендафилова изјави дека „е почестена“ од назначување на оваа позиција.

„Свесна сум за огромната одговорност дека пред Специјализираните совети треба да се обезбеди примена на најдобрите искуства од судската практика и дека преку фер и непристрасни постапки, треба да се обезбеди правда, како за оние кои се повикани на одговорност, така и на жртвите, на наводно извршените злосторства“, изјави таа.

„Имам намера оваа улога да ја остварам работејќи независно, одлучно и енергично, и со ангажирање на сите свои способности. Апсолутно од клучно значење е да ја оствариме својата задача на ефикасен, професионален и безбеден начин“, додаде таа.

Трендафилова, чиј мандат ќе трае четири години, ќе стапи на функцијата во јануари, а ќе биде одговорна за судската управа на Специјализираните совети. Таа воедно ќе ја врши и функцијата претседателот на панелот судии на Врховниот суд на Специјализираните совети.

Во МКС, Трендафилова била судија претседавач на советот за претходна постапка, во случаите со Уганда, Централноафриканската Република, Кенија, Демократската Република Конго, Судан, Брегот на Слоновата Коска и Мали.

Од јануари, ќе стапи во сила и „договорот со земјата домаќин“, потпишан помеѓу Холандија и Косово, кој дава правна основа за водење на постапките во Холандија.

Пред Специјализираните совети, според најавите, ќе бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства извршени за време и по војната со српските сили, иако првите обвиненија сѐ уште се чекаат.

Пред него ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ) од 2014 година. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ на Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот на Белград.

Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.

Судот е составен од меѓународни судии и обвинители, а ќе функционира во рамките на законите на Косово.

Првите негови активности се очекуваат на почетокот на следната година.